сабота, 27 јули 2024

АП: Русија ризикува да го налути Израел

Русија упати внимателно избалансирани критики кон двете страни во војната меѓу Израел и Хамас, додека конфликтот, како што истакнува агенцијата Асошиејтед прес, ѝ дава на Москва нови можности да ја прошири својата улога како глобален посредник и да ги попречи напорите на Западот да ја изолира поради Украина.

Објавено на

часот

Сподели

Иако Москва нема моќ да посредува за решение на Блискиот Исток, таа би можела да се обиде да игра на картата на кредибилитетот со западните реакции на кризата. Русија, исто така, очекува војната меѓу Израел и Хамас да го оттргне вниманието од конфликтот во Украина и да ја поткопа поддршката за Киев.

Сепак, Москва е изложена и на одредени ризици, наведува АП и посочува дека може да дојде до влошување на односите со Израел, кој досега се воздржуваше од испраќање оружје во Украина.

Путин го осуди нападот на Хамас на 7 октомври врз градовите во јужен Израел, но во исто време го предупреди Израел да не го блокира Појасот Газа, споредувајќи го тоа со опсадата на Ленинград од нацистичка Германија во Втората светска војна.

Тој ја окарактеризира актуелната војна во Газа како неуспех на американската дипломатија, тврдејќи дека Вашингтон се определил за економски „подарочиња“ за Палестинците и дека се откажал од напорите за создавање палестинска држава.

Путин претходно овој месец рече дека Москва може да дејствува како посредник благодарение на нејзините пријателски односи со Израел и Палестина, додавајќи дека „никој не може да се сомнева дека ние фаворизираме една страна“.

И покрај ова тврдење за непристрасност, Русија минатата недела му предложи резолуција на Советот за безбедност на ОН со која се осудува насилството врз цивилите, но не се споменува Хамас. Советот ја отфрли таа резолуција.

Кина беше меѓу неколкуте земји што го поддржаа рускиот нацрт, што го одразува заедничкиот став на Москва и Пекинг. Кинеските и руските претставници на Блискиот Исток минатата недела се состанаа за да разговараат за заедничките напори за смирување на ситуацијата, нагласувајќи ја својата поддршка за решение со две држави за Израел и за Палестинците.

Додека американскиот претседател Џо Бајден, британскиот премиер Риши Сунак и другите западни лидери го посетија Израел за да изразат поддршка, Путин чекаше девет дена пред да му се јави на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, иако двајцата имаат блиски приватни односи. Путин за војната разговарал и со лидерите на Египет, Иран, Ирак, Сирија и со шефот на Палестинска управа.

Путин на Нетанјаху му изразил сочувство за семејствата на Израелците убиени од Хамас и го нагласил „силното отфрлање и осуда на сите дејствија со кои се жртвува цивилно население, вклучително и жени и деца“, соопшти Кремљ. Тој, исто така, ја истакнал потребата од „мирно решение преку политички и дипломатски средства“, се додава во соопштението. Кабинетот на Нетанјаху објави дека тој му рекол на Путин дека нема да престане додека не го елиминира Хамас.

За разлика од Путин, кој внимателно ги балансира своите изјави, руските функционери беа поискрени во критиките за нападите на Израел врз Газа.

Константин Косачев, заменик-претседател на Горниот дом на рускиот парламент, рече дека иако Хамас ја почна војната, реакцијата на Израел е „несразмерна“ и „нехумана“.

Можно е маневрирањето на Кремљ да ја одразува внатрешната политика, бидејќи муслиманите претставуваат 15 отсто од населението. Рамзан Кадиров, лидерот на Чеченија поддржан од Москва, жестоко застана на страната на Палестинците, критикувајќи го Израел за заземањето на нивните територии и наметнувањето блокади.

Ставот на Москва беше брзо пофален од Хамас, кој рече дека го цени повикот на Русија за прекин на огнот.

Најавите на Русија се добро прифатени и во арапскиот свет, каде што многумина ги обвинуваат САД и нивните сојузници дека го поддржуваат Израел додека мижат пред зголеменото страдање на цивилите во Газа.

Сепак, оваа позиција претставува и закана за пријателските односи на Русија со Израел, кој не се приклучи во западните санкции против Русија и не испрати оружје во Украина.

„Постои реална закана од влошување на нашите односи со Израел во сегашната ситуација“, изјави Андреј Кортунов, академски директор на Рускиот совет за меѓународни прашања.

Тајмс оф Израел во вторникот објави дека еден израелски дипломат на дипломатите во Москва им го изразил своето „незадоволство од улогата што ја игра Русија“, изразувајќи надеж дека Кремљ ќе заземе „поурамнотежен“ став.

Амир Вајтман, истакнат член на партијата Ликуд на Нетанјаху, ја обвини Русија дека го поддржува Хамас. Говорејќи за РТ, тој предупреди дека откако Израел ќе го порази Хамас, „ние ќе се погрижиме Украина да победи, ќе се погрижиме да платите за тоа што го направивте“.

На прашањето за критиките на Израел кон ставот на Москва за војната, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ја нагласи руската осуда на тероризмот и ја потврди поддршката за брз прекин на огнот и потребата од формирање палестинска држава.

Во екот на она што Израел го гледа како пропалестински став на Москва, некои истакнати Руси го изразија поддршка за Израел, вели АП.

Под знакот на поделените симпатии, шефот на најпопуларното политичко контактно шоу на руската државна телевизија, Владимир Соловјев, отпушти еден експерт што во онлајн-интервју тврдеше дека двајца врвни дипломати во Москва имаат антиизраелски ставови.

Јевгениј Сатановски, провладин експерт за надворешна политика, рече дека рускиот пратеник за Блискиот Исток и заменик-шеф на дипломатијата, Михаил Богданов, ги симпатизира арапските земји и тврдеше дека портпаролката на Министерството за надворешни работи, Марија Захарова, го презира Израел. Тој подоцна се извини.

Некои коментатори го опишаа антиизраелското расположение како враќање во советско време.

„Пријателството со Арапите против Израел и Западот е важен дел од наследството“, наведува во анализата Александар Баунов од Карнеги-центарот за Русија и Евроазија. „Глобалниот бунт против западниот поредок до одреден степен ги прави Русија и Хамас природни сојузници и секако ги спречува да бидат непријатели.“

Кортунов од рускиот Совет за меѓународни прашања тврди дека Русија може да ги искористи своите силни контакти со Иран и Сирија за да помогне во преговорите.

„Русија би можела да биде дел од една мултилатерална коалиција што би понудила безбедносни гаранции“, рече тој. „Многу е важно да се одржи добро избалансиран, деликатен пристап, кој не отуѓува ниту една страна.“

Изабела Табаровски, висок советник во Институтот Кенан, истакна дека за Путин „нападот на Хамас и планираната копнена инвазија во Појасот Газа претставуваат можност да го отфрли неговиот статус на одметник и да ја подобри својата позиција додека Блискиот Исток се соочува со најопасната криза во последните години“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ