Администрацијата на Трамп веќе ублажи одредени аспекти на планот откако се соочи со широка меѓународна осуда, тврдејќи дека преселувањето на Палестинците ќе биде привремено. Американските власти дадоа неколку детали за тоа како и кога планот ќе биде спроведен.
Трамп вчера рече дека Израел ќе им ја предаде Газа на САД по војната и дека нема да бидат потребни американски војници за неговиот план за обнова на територијата.
„Палестинците веќе ќе беа преселени во многу побезбедни и поубави заедници, со нови и модерни домови, во регионот“, објави тој на својата платформа Трут сошл.
Палестинците жестоко го отфрлија предлогот на Трамп, плашејќи се дека Израел никогаш нема да им дозволи да се вратат. Египет предупреди дека протерувањето на Палестинците ќе го дестабилизира регионот, пишува Асошиејтед прес (АП).
Саудиска Арабија, уште еден клучен сојузник на САД, исто така отфрли какво било масовно раселување на Палестинците и рече дека нема да ги нормализира односите со Израел, што е главна цел на администрацијата на Трамп, без формирање палестинска држава што ја вклучува Газа.
Трамп и израелските официјални лица го претставија предложеното преселување од разурната од војна Газа како доброволно, но Палестинците едногласно ја изразија својата решеност да останат во својата татковина.
Израелскиот министер за одбрана Кац рече дека земјите што се противат на воените операции во Газа треба да ги примат Палестинците
Трамп и израелските власти не кажаа како би реагирале кога Палестинците би одбиле да заминат. Меѓутоа, Хјуман рајтс воч и други групи велат дека планот, доколку се спроведе, би претставувал „етничко чистење“, насилно отстранување на цивилното население од одредена етничка група од географска област.
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац вчера изјави дека ѝ наредил на војската да започне со подготовки за олеснување на емиграцијата на голем број Палестинци од Газа преку копнени премини, како и за „посебни аранжмани за излез по морски и воздушен пат“.
АП вели дека нема директни знаци за такви подготовки на теренот.
Кац рече дека земјите што се противат на израелските воени операции во Газа треба да ги примат Палестинците, објави Ројтерс.
„Земјите како Шпанија, Ирска, Норвешка и други, кои изнесоа обвинувања и лажни тврдења против Израел за неговите акции во Газа, се правно обврзани да му дозволат на секој Газан да влезе на нивната територија“, рече тој.
Египетскиот претседател Абдел Фатах ел Сиси сè уште јавно не реагирал на предлогот на Трамп да се преселат повеќето од 2,3 милиони Палестинци од Газа и САД да ја преземат обновата на територијата.
Меѓутоа, египетски функционери, кои сакаа да останат анонимни, во средата изјавија дека Каиро јасно им ставило до знаење на администрацијата на Трамп и на Израел дека ќе се спротивстави на таков предлог и дека мировниот договор со Израел, кој трае речиси половина век, е во опасност.
Еден официјален претставник рече дека пораката била пренесена и до Израел и до неговите западноевропски сојузници, вклучувајќи ги Велика Британија, Франција и Германија.
Еден западен дипломат во Каиро, кој исто така зборувал анонимно, потврди дека ја добил пораката од Египет преку повеќе канали. Дипломатот, според АП, рекол дека Египет многу сериозно го сфаќа овој план и го гледа како закана за својата национална безбедност.
Тој додаде дека Египет претходно ги отфрлил сличните предлози дадени од администрацијата на Џо Бајден и европските земји во почетокот на војната. Тие претходни предлози биле дискутирани приватно, додека Трамп го објави својот план на прес-конференција во Белата куќа заедно со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Хамас, кој сè уште контролира поголем дел од Газа, постојано го осудува предлогот на Трамп и вчера соопшти дека секое американско преземање на енклавата ќе го смета за окупација, што имплицира дека ќе одговори со оружен отпор.