среда, 23 октомври 2024

Антикорупциска ќе го испитува потеклото на имотот на генералниот секретар на Владата, Јанушев

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) оформила предмет за имотот на генералниот секретар на Владата Игор Јанушев. Пријавата била поднесена од Управата за финансиско разузнавање и се бара проверка на неговиот имот, за кој постојат сомнежи дека не го пријавил во анкетниот лист. ДКСК за МИА потврдила дека ќе врши проверка и на имотот кој Јанушев го пријавил како подарок.

Објавено на

часот

Сподели

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и генералниот секретар на Владата Игор Јанушев денеска ги демантираа обвинувањата на СДСМ за подарениот имот од 325.000 евра.

Портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска на денешната прес-конференција тврдеше дека имотот кој му бил подарен на Јанушев, вреден 325.000 евра, е составен дел од зграда во најстрогиот дел од центарот на Скопје. Имот во оваа зграда, како што рече, покрај Јанушев, има и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

„Во однос на обвинувањата изнесени од Богданка Кузеска од СДСМ, сакам јавно да ги демантирам и да ја информирам јавноста дека уште на 4 јули 2024 година, во законски утврдениот рок, до Државната комисија за спречување на корупцијата доставив изјава за имотна состојба“, напиша министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на неговиот фејсбук профил.

Тој нагласи дека одговорно тврди дека надвор од она што е наведено во изјавата за имотната состојба не поседува ништо друго.

„Ги повикувам институциите детално да го проверат мојот имот, но и имотот на секој актуелен и поранешен функционер, особено на оние кои целиот свој живот се на товар на државниот буџет. Упатувам порака до СДСМ да престане со лаги и манипулации. Транспарентноста и одговорноста се клучни за градење на доверба меѓу институциите и граѓаните. Време е вистината да излезе на виделина“, објави министерот за внатрешни работи на фејсбук.

Јанушев, пак, на фејсбук напиша дека СДСМ има трагикомични обиди да го дискредитираат.

„А да кажам збор два и за обвинувањата…. Ве пуштав да се излизгате… прво да изнесе лаги еден сдсовски сателит и советник на криминалното СЈО, во исто време шарен револуционер и познат лажен патриот, па потоа да се надоврзе една парапартиска структура и на крај да излезе изворот на таквите дезинформации, партијата која ја води неврохирургот на Заеви или како што во СДС го викаат малиот на Зоки, Венко Филипче. Па да ви одговорам по ред. Прво, СДС вели дека имотот на анкетниот лист е енормно зголемен. Тоа не е вистина и е комплетна лага. Не само што не е зголемен, туку е и двојно помал доколку се направи споредба со тој од 2017 година. Второ, не постои никакво подарено земјиште…има погрешно внесени податоци за што веќе е направена и корекција од моја страна. Истиот имот кој во моментов го поседувам, го поседував и во минатото и доколку било што беше проблематично владата на СДС и ДУИ имаше и повеќе од доволно време да постапува“, напиша Јанушев.

Тој потсети дека седум години СДСМ и ДУИ биле на власт и воделе врз него, како што напиша, политички процес и хајка за непостоечки случај за набавка на автобуси.

„Ова се криците на истите тие банди кои нема да не поколебаат во намерата Македонија да ја вратиме на народот. А сега ќе ви кажам и зошто се исплашени. Затоа што меѓу другото како генерален секретар на Владата, работејќи од 12 до 16 часа на ден, доаѓам до фрапантни сознанија. Ајде тоа што затекнавме празни канцеларии, без столчиња и услови за работа, туку ќе треба да одговарате и за милионите евра фрлени за софтвери кои не функционираат, за картички кои не работат, за машини за печатење на пластика и документи кои невообичаено се во посед на Генералниот секретаријат, за набавка на клима уреди кои се несоодветни за тоа што е потребно, но важно критериумот набавувачот да е од Струмица е задоволен и ред други работи. Паразити кои ја оставија Владата со затворен главен влез затоа што 2 години не ги сервисирале скенерите и полесно им било да го затворат влезот. Останете така. ОЈО има работа. А, вие продолжете да измислувате и да се давите во барата“, напиша Јанушев на фејсбук.

Од СДСМ денеска најавија дека ќе продолжат да ги објавуваат сите информации со кои располагаат за овој случај сѐ додека, како што велат, не започнат истраги и сѐ додека не се дозане целата вистина.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ