Контроверзниот американски антипиратски акт беше повлечен вчера, што воопшто не е мала победа за хактивистите, кои вчера го изведоа најголемиот хакерски напад на неколку сајта, вклучувајќи го и тој на ФБИ, во знак на протест против СОПА (Stop Online Piracy Act).
Противниците на контроверзниот закон петочната победа ја гледаат како вистински триумф во војната за интернет-слободата. Гласањето за антипиратскиот закон, кое беше закажано за 24 јануари, вчера беше одложено.
Зборовите на претседателот на правниот комитет на Претставничкиот дом, Ламар Смит, кој беше и главен спонзор на СОПА, одекнаа како бомба: тој изјави дека американските законодавци ќе го одложат процесот на донесување на законот додека не се добие поширок консензус.
Хакерската група Анонимус и нејзините поддржувачи го прославија одложувањето на нацрт-законот, со зборовите: „Ова е победа!“ на својот профил на Твитер. Сепак, тие се свесни дека војната е далеку од завршена. „Со смртта на СОПА добивме една битка, но војната тукушто почна. АКТА сè уште е жива“. Со ова тие сакаа да ја потсетат интернет-заедницата на Антифалсификаторскиот трговски договор (Anti-Counterfeiting Trade Agreement – ACTA), кој САД, ЕУ, Швајцарија и Јапонија паралелно го најавија во 2007 како нов договор за заштита на интелектуалната сопственост.
Анонимна победа: СОПА е мртва
Објавено на
часот