петок, 25 октомври 2024

Ангеловска-Бежоска: Депозитите на граѓаните се показател за високата доверба во банките и денарот

Депозитите на домаќинствата, од пандемијата досега, се зголемени за 20 проценти. Граѓаните имаат доверено 340 милијарди денари на банките, соопшти гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска по повод Светскиот ден на штедењето.

Објавено на

часот

Сподели

„Кај штедењето на населението се забележуваат поволни структурни промени, при што учеството на денарските во вкупните депозити на домаќинствата има нагорен тренд и изнесува околу 48 проценти. Растат и долгорочните депозити на домаќинствата и во моментов се на највисокото ниво во последните десетина години. Фактот што депозитите кај банките растат, и покрај мноштвото надворешни шокови, какви што имало само еднаш во изминатите сто години, е потврда за високата доверба којашто ја има населението во банкарскиот систем. Кон тоа придонесува и централната банка којашто постојано се залага за јакнење на неговата отпорност“, посочува Ангеловска-Бежоска.

Граѓаните најмногу штедат во банките, со учество на депозитите со 62 проценти во нивната вкупна финансиска актива во 2022 година, но се зголемува и учеството на вложувањата во алтернативните финансиски инструменти.

„Нема сомнение дека штедењето е еден од клучните ‘мотори’ на економскиот раст, а во земјите во развој е важен двигател на доходовната конвергенција. Колку е повисоко домашното штедење, толку се повисоки и можностите за инвестирање“, посочува гувернерката и укажува дека доколку домашното штедење е помало од потребите за инвестирање, тоа ќе наметне потреба да се позајми однадвор, што пак ќе предизвика и зголемување на надворешното задолжување.

Оттаму, додава гувернерката, нашите напори мора да се насочени кон поттикнување на домашното штедење, но и кон негово канализирање преку финансискиот систем.

Ангеловска-Бежоска истакна дека Народната банка и за време на кризниот период ја јакне отпорноста на банкарскиот сектор, преку зголемување на капиталните барања, за првпат и преку воведување противцикличен заштитен слој на капиталот, како и преку првите макропрудентни мерки за квалитетот на кредитната побарувачка.

Од Народната банка посочуваат дека се донесени и важни законски решенија како што се Законот за финансиска стабилност и Законот за решавање банки, со коишто се јакнат механизмите за заштита и кои се во насока на решавање на сериозните проблеми со кои се соочуваат банките, без да се наруши финансиската стабилност. 

„Граѓаните имаат висока доверба во банкарскиот сектор, што и не е изненадување, имајќи предвид дека системот во период на повеќе кризи коишто се преклопуваат, сепак е стабилен, високо капитализиран и ликвиден“, се наведува во соопштението од Народната банка. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ