Извештајот на 32 страници, објавен денес, ги истражува настаните во Газа од октомври 2023 до јули 2024. Во него се наведува дека Израел „безобѕирно, континуирано и целосно неказнето воспоставил пекол“ над популацијата од 2,3 милиони луѓе, истакнувајќи дека „злосторствата над Израелците од страна на Хамас на 7 октомври 2023, кои ја почнаа војната, не го оправдуваат геноцидот“.
Во извештајот се наведува дека Израел „извршил забранети дејства според Конвенцијата за геноцид, вклучувајќи убиства, нанесување сериозна телесна и ментална штета и намерно создавање услови за живот кои се смислени да предизвикаат физичко уништување на Палестинците во Газа“ со „специфична намера за уништување на Палестинците“ на тоа подрачје.
Ова е прв пат АМнести да обвини за геноцид за време на траење на конфликт, надоврзувајќи се на извештајот на специјалниот известувач на Обединетите нации за Палестина од март, во кој се заклучува дека „постојат разумни основи за верување“ дека Израел врши геноцид над Палестинците.
Во извештајот се истакнуваат: невидениот обем и размерите на воената офанзива, кои предизвикаа смрт и разурнување со брзна и ниво невидени во други конфликти во 21 век, намера за уништување, по разгледувањето и отфрлањето на аргументите како израелската негрижа и рамнодушност кон цивилните животи во борбата против Хамас, убивањето и нанесувањето сериозна физичка и ментална штета преку директни напади на цивили и цивилна инфраструктура или намерно неселективни напади, и создавање услови за живот смислени да предизвикаат физичко уништување, како уништувањето на медицинската инфраструктура, блокирањето на помошта и повторените арбитрарни „наредби за евакуација“ за 90 отсто од населението на несоодветни локации.
Амнести ги повика ОН да наметнат прекин на огнот, да воведат целени санкции на израелски и функционери на Хамас и апелира до западните влади, особено на САД, Британија и Германија, да престанат да пружаат безбедносна помош и да му продаваат оружје на Израел.
Амнести го повика и Меѓународниот кривичен суд да додаде обвиненија за геноцид на листата на воени злосторства кои ги истражува, и бара безусловно ослободување на цивилните заложници и одговорност за злосторствата извршени од Хамас и други вооружени групи на 7 октомври.
Се истакнува дека извештајот се заснова на теренска работа, интервјуа со 212 лица, вклучувајќи жртви, сведоци и здравствени работници во Газа, анализа на опсежните визуелни и дигитални докази, и повеќе од 100 изјави на израелски владини и воени актери, за кои се наведува дека содржат „дехуманизирачки дискурс“. Користени се и видео и фото докази од војници кои извршиле или славеле воени злосторства.
„Аменсти интернешнал признава дека идентификацијата на геноцид во оружените конфликти е сложен и напорен процес, поради постоењето повеќе цели кои можат симултано да постојат. Сепак, клучно е да се препознае геноцидот и да се инсистира на тоа дека војната никогаш не може да биде оправдување за геноцид“, се наведува во извештајот.