среда, 23 октомври 2024

Ривалите на САД сакаат да предизвикаат насилство на изборите и по нив, велат американските разузнавачи

Напорите на ривалите на Соединетите Американски Држави да предизвикаат поделба меѓу граѓаните и недоверба во претстојните претседателски избори почнаа да се интензивираат, предупредуваат високи американски разузнавачи, пишува Гласот на Америка (ВОА).

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Разузнавачите укажуваат и дека се чини дека некои земји прибегнуваат кон дополнителни мерки за да предизвикаат насилство, се наведува во процената, од која е тргната ознаката на тајност.

Документот е објавен од Канцеларијата на директорот на Националните разузнавачки служби две недели пред граѓаните да излезат на гласање на 5 ноември.

„Странските актери, особено Русија, Иран и Кина, и натаму имаат намера да промовираат наративи за да ги поделат граѓаните и да ја поткопаат нивната доверба во американскиот демократски систем – во согласност со нивните сопствени интереси“, се наведува во документот на Националните разузнавачки служби.

Исто така, се предупредува дека американските разузнавачки агенции сѐ повеќе се убедени дека Русија развива планови за поттикнување насилство.

Истото се наведува и кога е во прашање Иран.

Како што се посочува, особено загрижува фокусот на часовите, деновите и неделите по затворањето на гласачките места, кога државните и локалните функционери почнуваат да ги пребројуваат и потврдуваат резултатите.

„Ривалите на САД веројатно брзо ќе пласираат лажни наративи или ќе ги интензивираат содржините за кои веруваат дека ќе создадат конфузија околу гласањето, како што е објавувањето наводи за изборни нерегуларности“, рекол еден разузнавач, кој побарал да остане анонимен.

Тој посочи дека Русија, Иран и Кина би можеле да видат момент на ранливост и да го искористат за поттикнување, интензивирање протести или закани – од моментот на затворање на гласачките места, кои би можеле да бидат продолжени до 6 јануари 2025 година, кога резултатите од претседателските избори треба да бидат потврдени во Конгресот.

„Насилните протести водени од странство, насилството или физичките закани кон изборните, државните или локалните функционери може да ја доведат во прашање нивната способност да ги потврдат резултатите, како и процесот на Електорскиот колегиум. Особено ако физички се спречени да пристапат до објектите“, предупредил американскиот функционер.

Претставници на американските разузнавачки служби претходно предупредија дека Русија и Иран конкретно ги таргетирале американските гласачи и дека е голема веројатноста дека овие напори ќе продолжат и по денот на изборите на 5 ноември.

Русија, како што наведоа, се обидува да ги зголеми шансите на поранешниот претседател и актуелен републикански кандидат Доналд Трамп. Иран, како што се прецизира од друга страна, работи на поткопување на кандидатурата на Трамп и поттикнување на кампањата на демократската кандидатка и американска потпретседателка Камала Харис.

Кина, според американските разузнавачки претставници, досега не била вмешана во претседателската трка, фокусирајќи ги своите напори на кандидатите за мандат во Конгресот, како и на државните и локалните администрации што ги смета за штетни за интересите на Пекинг, вклучително и оние што го поддржуваат Тајван.

Русија, Кина и Иран ги негираа претходните обвинувања за мешање во американските избори.

Дипломатските претставници на Русија и Иран не одговориле на барањата на Гласот на Америка за коментар.

Претставникот на кинеската амбасада во Вашингтон, Лиу Пенџу, ги отфрли наводите од документот на американската разузнавачка служба.

„Претседателските избори се работа на САД. Кина нема намера и нема да се меша во изборите“, изјави тој за Гласот на Америка.

Официјалните лица се убедени дека постојат соодветни безбедносни мерки во САД што ги спречуваат американските ривали да го нападнат или хакираат системот за евидентирање и броење на гласовите.

Сепак, постои загриженост дека друг тип на инфраструктура може да биде предмет на напад – во обид да се предизвика паника или насилство.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ