Државниот секретар Марко Рубио, кој првично ги иззеде од суспензијата само програмите за итна испорака на храна и воената помош за Израел и Египет, во вторникот се согласи барем привремено да продолжи со финансирањето на хуманитарните програми што обезбедуваат лекови за спасување животи, медицински услуги, храна, засолниште и основната помош за преживување. Додека некои од хуманитарните организации изразија надеж дека потегот на Рубио може да спаси повеќе програми што ги одржуваат во живот бегалците, тешко болните и другите загрозени низ целиот свет, темпото на отпуштањата, принудните отсуства и затворањето на програмите е забрзано.
Трамп минатата недела нареди замрзнување од 90 дена за да ѝ даде време на администрацијата да прегледа која од илјадниците хуманитарни, развојни и безбедносни програми ќе продолжи да добива американски пари.
Трамп, исто така, првично ги паузираше федералните грантови и заеми во САД, но Белата куќа вчера ја промени таа одлука откако судија на Род Ајленд ја блокираше наредбата за да го разгледа барањето од 22 држави, главно предводени од демократите, како и од Областа Колумбија за привремената забрана на правилото за кое тврдеа дека може да има разурнувачки ефект врз нивните буџети. Наредбата на Трамп за суспендирање на федералната помош предизвика хаос во владата во вторникот и ги прекина плаќањата на медицинските и детските установи.
Сепак, одлуката за суспендирање на странската помош останува во сила, што резултира со отпуштања на илјадници работници со договор и закана со затворање на многубројни програми за помош, од оние за бегалски кампови, чистење мини во воените зони и испорака на лекови за лекување милиони на луѓе што боледуваат од болести како што е ХИВ, пишува Ројтерс.
САД се убедливо најголемиот извор на странска помош во светот, иако другите земји издвојуваат поголем процент од своите буџети. САД обезбедуваат 4 од секои 10 долари донирани за хуманитарна помош.
„Хуманитарната заедница се обидува да разбере колкава егзистенцијална закана е навистина ова замрзнување на помошта“, рече за АП Аби Максман, претседателка на Оксфам Америка, една од ретките претставници на хуманитарната помош што беше спремна јавно да зборува за последиците од замрзнувањето, и покрај предупредувањата од администрацијата на Трамп да не го прави тоа.
Администрацијата на Трамп во понеделникот на принуден одмор испрати повеќе од 50 високи функционери од Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД), бидејќи многумина од нив им помагаа на организациите да се справат со замрзнувањето на финансирањето. Вршителот на должноста директор на УСАИД рече дека истражува дали овие службеници се спротивставиле на наредбите на Трамп.
Чистката на високи функционери во УСАИД се чини дека е обид да се задуши секој отпор кон плановите на претседателот Доналд Трамп радикално да ја преобликува американската странска помош, рекле за Ројтерс сегашни и поранешни претставници на УСАИД. „Тој краток мејл што подоцна беше испратен до целиот персонал беше јасно дизајниран да влее страв“, рече висок функционер со долга кариера во извршната служба, кој бил испратен на принуден одмор во понеделникот.
Со децении американската политика беше дека придобивките од помошта во странство се поголема национална безбедност, регионална и економска стабилизација и подобрени односи со партнерите.
Сепак, многу претставници на администрацијата на Доналд Трамп и републикански пратеници веруваат дека најголем дел од странската помош треба да се потроши или да се чува внатре во земјата.
„Очекуваме Стејт департментот да ги признае грешките за секоја програма поединечно или, во некои случаи, да даде аргументи за продолжување на финансирањето“, рече конгресменот Брајан Маст, републикански претседател на Комитетот на Претставничкиот дом.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека замрзнувањето на американското финансирање не влијае на суштинската поддршка за неговата војска во борбата против руските сили. Најголем дел од воената помош за Украина доаѓа од Пентагон. Ова вклучува програма што ги користи постоечките резерви на оружје, како и Иницијативата за безбедносна помош на Украина, која служи за финансирање на договорите за оружје, при што оружјето било испорачано дури за една година или подоцна. Ниту една од програмите на Министерството за одбрана не е директно засегната од замрзнувањето, иако американските власти велат дека во моментов не се подготвуваат нови испораки.
Сепак, цивилните програми, кои се од клучна важност за воените напори на Украина, се финансираат преку Стејт департментот. За нив се уште нема исклучоци. Ова го вклучува и финансирањето на платите што ги исплаќаат САД за украинската влада да може да продолжи да функционира и покрај уништувањето на економијата предизвикано од војната.
Таа поддршка е значајна, рече Бредли Бауман од Фондацијата за одбрана на демократиите. „Но мислам дека ако нашите европски сојузници правилно го проценуваат политичкиот момент во САД, подобро е да побрзаат и да се обидат да го преземат најголемиот дел, ако не и целиот товар од таа помош“.
Соединетите Држави испратија наредби за прекин на работата до воените цивилни програми што ја поддржуваат Украина. Ова го вклучува и Ветеран хаб, непрофитна организација што води кризна телефонска линија и која прима до 1.300 повици месечно од украински ветерани на кои им е потребна социјална и психолошка помош.
Откако викендов добила наредба за прекин на работата, Ивона Костина, лидерка на организацијата, сфатила дека наскоро би можела да загуби половина од својот обучен персонал од 31 член. „Да нѐ предупредеа барем пред месец или две недели, ќе ни беше многу полесно“, рече таа. „Ќе можевме некако да обезбедиме средства за да го премостиме овој период. Но едноставно немаше никакво предупредување“.
Независните медиуми во земјите со авторитарни влади што добиваат средства од странство би можеле да се соочат со тешкотии да преживеат, предупредуваат активистите за слобода на медиумите.
Во Грузија, каде што минатата година беше донесен закон за „странски агенти“ со кој се воведуваат казни за невладините организации што нема да пријават дека добиваат повеќе од 20 отсто од своето финансирање од странство, претседателот на парламентот Шалва Папуашвили од владејачката партија Грузиски сон го поздрави замрзнувањето на американската помош.
„Бев пријатно изненаден кога видов дека извршната наредба на Трамп се заснова на фактот дека меѓународната помош, во некои случаи, се користи за да се создаде одреден… хаос на теренот, вклучително и нанесување штета на американските интереси“, изјави тој за грузиските медиуми.
Некои невладини организации прибегнуваат кон донации од јавноста за да ги надоместат загубите настанати поради замрзнувањето на средствата. Фондацијата Фриленд, организација за борба против трговијата со луѓе со седиште во Бангкок, започна кампања Гоу фанд ми (GoFundMe) за да го премости 90-дневното замрзнување на финансирањето.
Рубиовите исклучоци не ги опфаќаат програмите што се занимаваат со абортус, планирање на семејството, конференции или што било поврзано со различноста, еднаквоста и вклученоста, ниту промена на полот.
Гјуд Мур, поранешен министер во либериската влада, а сега соработник во Американскиот центар за глобален развој, рече дека замрзнувањето на американската помош ќе им предизвика голема штета на луѓето низ цела Африка.
Американската поддршка ѝ помогна на Западна Африка да се опорави од долгогодишните брутални војни. Фондовите на УСАИД финансираа училишни оброци, го поддржаа образованието на девојчињата, ги зајакнаа здравствените системи и им помогнаа на малите земјоделци.
Мур, како и многу негови колеги, нагласи дека ненадејниот прекин на финансирањето е „суров“.
Прекинот на помошта, исто така, им штети на самите Соединети Држави, бидејќи „не прави разлика меѓу сојузниците, партнерите и противниците“, додаде тој.
Тој и другите аналитичари истакнуваат дека американскиот ривал Кина со задоволство ќе ја пополни празнината во африканските земји за да го зајакне своето влијание и да си обезбеди деловни зделки во државите богати со ресурси.
„Хранењето гладни деца во Либерија или неухранети деца во Кенија, обезбедувањето лекови за третман на ХИВ во Уганда – ниту една од тие работи не ги поткопува американските интереси“, рече Мур.
Соединетите Американски Држави, исто така, се обидоа да го зголемат своето влијание во Јужен Пацифик за да се спротивстават на растечкото влијание на Кина, вклучително и со зголемување на распределбите на УСАИД за земјите што се меѓу најзависните од развојната помош.
„Смртна пресуда за многумина“
Во јужноафриканската земја Зимбабве, Гумисаџи Бонзо, директорка на една здравствена непрофитна организација, е загрижена за својата организација, и за себе.
Зимбабве е една од ретките африкански земји што постигнаа значителен напредок во дијагностицирањето, лекувањето и контролата на ХИВ/СИДА. Ова е во голема мера благодарение на револуционерната програма за ХИВ што ја започна републиканскиот претседател Џорџ В. Буш.
Оваа програма, Претседателски итен план за помош од СИДА (ПЕРФАР), дојде „на нишан“ на тврдокорните републиканци. Гумисаџи Бонзо сè уште не добила официјална информација за прекинот на финансирањето на нејзината организација Транс смарт труст, која промовира здравствени услуги за бисексуалците и трансродовите луѓе во земја каде што дискриминацијата и стигмата се бариери за многумина да бараат третман.
„Сите во моментов се само збунети“, рече Бонзо.
Оваа 54-годишна жена веќе 23 години прима терапија за ХИВ благодарение на поддршката од ПЕРФАР, која ги направи лековите достапни.
„Редовно земам терапија повеќе од две децении, водам нормален живот, а сега одеднаш мора да престанеме“, рече таа. „Тоа е смртна пресуда за многу луѓе“.