Во извештајот се наведува дека предлогот за „закон за незаконска судска реакција“ бил поддржан од 54 сенатори, а потребни се најмалку 60 гласа во Сенатот за усвојување.
Против усвојувањето на законот гласаа 45 сенатори, додека еден сенатор беше воздржан.
Предлог-законот беше усвоен во Претставничкиот дом на САД претходно овој месец, со 243 гласа „за“ и 140 „против“.
Меѓународниот кривичен суд (МКС) во ноември минатата година издаде налози за апсење на Нетанјаху, Галант и водачот на палестинската милитантна група Хамас, Ибрахим ал-Масри (исто така познат како Мохамед Деиф), иако израелската војска соопшти дека тој бил убиен во воздушен напад врз Газа во јули 2024 година.
Како што претходно објави Меѓународниот кривичен суд, судиите нашле „разумна основа“ дека тројцата мажи сносат „кривична одговорност“ за наводни воени злосторства и злосторства против човештвото за време на војната меѓу Израел и Хамас, група што САД и Европската Унија ја сметаат за терористичка.
Ова го вклучува, како што наведоа, „военото злосторство изгладнување како метод на војување и злосторства против човештвото, како што се убиства, прогон и други нехумани дејствија“, објави Ројтерс.
Ниту Израел ниту Соединетите Американски Држави не се членови на Меѓународниот кривичен суд.
И покрај налозите за апсење, како што јави АП, ниту еден од осомничените најверојатно наскоро нема да се појави пред судиите во Хаг. Самиот суд нема полиција за извршување на наредбите, туку зависи од соработката на земјите-членки.
Меѓународниот кривичен суд е последната инстанца што покренува постапка во случаи кога домашните власти не можат или не сакаат да ги истражат.