сабота, 15 февруари 2025

Американскиот потпретседател до Европа: Има нов шериф во градот (ВИДЕО)

Американскиот потпретседател одржа говор на Безбедносната конференција во Минхен.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Џеј Ди Венс најпрво го коментираше вчерашниот напад во Минхен, во кој беа повредени повеќе од 30 луѓе. И покрај шокот кој го доживеа градот, Венс ја пофали гостопримливоста на граѓаните на Минхен.

„Одушевен сум од гостопримството на овој град иако луѓето се сè уште во шок“, кажа Венс додавајќи дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп „е со нив, мисли и се моли за нив“, за што доби аплауз од публиката.

„Заканата која најмногу ме загрижува кога станува збор за Европа не е Русија, ниту Кина, не е ниту еден надворешен играч. Она што ме загрижува е заканата одвнатре – повлекувањето на Европа од некои од своите темелни вредности, вредности кои ги дели со Соединетите Држави“, кажа американскиот потпретседател./

„Не е јасно што се случи со победниците на Студената војна“, кажа тој, наведувајќи го примерот на Брисел, кој, како што тврди, „ги згаснал социјалните мрежи за време на граѓанските немири“. „Слободата на говорот, за жал, се повлекува“, им порача Венс на присутните.

„Мораме да направиме повеќе од само зборување за демократските вредности – мораме да ги живееме“, кажа Венс, кој потоа кажа дека доаѓа со понуда. „Во градот има нов шериф“, кажа тој, мислејќи на Трамп.

„Можеби не се согласуваме со германските ставови, но ќе се бориме за вашето право да ги изнесете“, кажа тој додавајќи дека очекува темите како одбранбените буџети да доминираат на конференцијата во следните денови. Тој ги поттикна европските земји да преземат „поголема улога“ во иднината на континентот.

„Станува сè понејасно од што се брани Европа“, кажа Венс. „Која е позитивната визија кој го придвижува овој безбедносен договор? Длабоко сум уверен дека нема безбедност ако се плашите од гласот и мислењето на сопствениот народ“, кажа тој.

Тој ја прогласи емиграцијата за најитно прашање на денешнината и истакна дека стапката на емиграција во неколку земји достигнала „историски високо ниво“. Според него, тоа е резултат на низа свесни одлуки кои политичарите низ Европа и светот ги носеле во последните децении.

Својот релативно краток говор Венс го заклучи во ироничен тон споредувајќи го влијанието на демократијата на две славни личности. „Ако американската администрација може да преживее 10 години критики од климатската активистка Грета Тунберг, тогаш Европа може да преживее неколку месеци критики од Илон Маск“, кажа американскиот потпретседател.

Американскиот мултимилијардер Илон Маск е на чело на новото американско министерство за ефикасност на владата и стана една од клучните фигури на вториот претседателски мандат на Трамп.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ