Минатите денови бевме сведоци на катастрофални шумски пожари во Лос Анџелес и неговата околина. Сушата во јужна Калифорнија и ветерот кој дувал од таа област кон Лос Анџелес создале услови за големите шумски пожари кои со денови не можеа да ги изгаснат. Штетите се проценуваат на околу 150 милијарди долари и има најмалку 27 жртви. Специфичноста на оваа катастрофа е во тоа што се случи во област каде што жителите се можеби најбогати во светот, голем број од нив се познати филмски и музички ѕвезди, спортисти, политичари, бизнисмени и други. Голем дел од тие личности имаат резервни куќи и станови во САД и во други делови во светот, а на оние настрадани кои не се толку богати државата им вети дека ќе им ги покрие настанатите штети.
Како и минатите катастрофални пожари, урагани, поплави, и последнава со текот на времето ќе биде заборавена. Познато е дека главна причина за климатските промени се емисиите на стакленички гасови и тоа во најголем дел од индустриски развиените земји. Земјите од Европската Унија (ЕУ) имаат преземено многу мерки, но на САД „не им доаѓа памет“ кога се во прашање климатските промени. Во прилог на ова тврдење ќе наведам неколку факти.
Во времето кога претседател беше Бил Клинтон САД не го ратификуваа Протоколот од Кјото (1996 г.) со кој се предвидува редукција на стакленички гасови кај развиените земји. Изговор беше дека тоа ќе ја попречува нивната економија. Потпретседател на САД во тоа време беше Ал Гор. По завршување на мандатот, Ал Гор направи документарен филм на тема климатски промени, а за правење на добри филмови Американците се ненадминати. Ал Гор доби Нобелова награда за тоа, а мене не ми е јасно до ден денес како ја заборавија неговата улога за климатските промени како потпретседател на САД.
Кога Доналд Трамп беше претседател на САД во претходниот мандат (2017-2021 г.), САД донесоа одлука да се повлечат од Парискиот договор за климатски промени, а како причина беше наведено дека тој договор е штетен на економските интереси на САД. Но следниот претседател Џо Бајден повторно ги приклучи САД кон Парискиот договор. Во изборната кампања Трамп најави повторно повлекување од договорот и тоа го направи уште во првиот ден од повторното стапување на функцијата претседател на САД. Ова заличува на игра пинг-понг, а се работи за опстанок на планетата Земја.
На оваа променлива позиција треба да се додадат и следниве факти: САД се најголемиот производител на нафта и гас во светот, а емисиите на CO2 по жител се убедливо највисоки во САД, што може да се види во следнава табела:
Емисии на CO2 по жител; извор: IEA, 2023 година
Сиромашните земји се најчесто погодени со катастрофите предизвикани од климатските промени, а нивното учество во емисиите на стакленички гасови е многу мало. Во најголемиот број на земјите од Африка емисиите на CO2 се помали од 0,7 тони/жител. Ова е голема неправда.
Главната парола на новиот претседател на САД е “Америка на прво место“ (America first) и јас тоа го разбирам и почитувам. Но од друга страна, новиот претседател најави дека ќе ги зголеми напорите за нови дупчења за експлоатација на нафта и гас, а со цел зголемување на нивното производство. Но со тоа се зголемуваат емисиите на стакленички гасови. Јас (сигурно и пошироката јавност) со ова не се согласувам бидејќи тие емисии влијаат на целата планета Земја, а не само на Америка. Климатските промени Трамп ги нарекува „голема измама“. Но за тоа дали е измама или не меродавно е мислењето на научниците, а не на политичарите.
Нека Холивуд прави филмови во кои претежно Америка се бори за правда и секогаш победува, но природата не знае да глуми, туку дава многу јасен и силен одговор преку урагани, суши, шумски пожари, топлински бранови и друго. Америка ќе дупчи уште повеќе, ама „стапот ќе го јадат“ најмногу сиромашните земји, вклучувајќи ја и нашата земја.
АЛО АМЕРИКА, ПРИРОДАТА НЕ ЗНАЕ ДА ГЛУМИ! ЌЕ ОДГОВОРИ СО ПРИРОДНИ КАТАСТРОФИ.
Д-р Ристо Цицонков, редовен професор
Машински факултет – Скопје