вторник, 5 март 2024
Изјави од двајца министри од АА

Алиу и Меџити: АА е на удар од ДУИ во Владата под водство на Груби со аминување на Џафери

Министерот за информатичко општество од редовите на Алијанса за Албанците, Азир Алиу, во изјава за медиумите дадена заедно со сопартиецот и министер за здравство Фатмир Меџити, рече дека денешната владина седница била водена надвор од процедурите со отфрлање на точките за дневниот ред предложени од нив двајцата од страна на вицепремиерот Артан Груби, а со одобрување од страна на техмичкиот премиер, Талат Џафери. Самоволно, рече, се разрешени двајца директори.

Објавено на

часот

Сподели

Алидирајќи дека со тоа Груби и Џафери заземаат страна во внатрепартискиот судир во Алијанса за Албанците, Алиу нагласи дека без никакво образложение и надвор од сите владини процедури биле отфрлени точките предложени од нив двајца министри.

„Артан Груби одлучуваше која точка ќе помине, а која не. Груби сите проекти за кои се надлежни минстерствата за информатичко општество и за здравство само ги исчита и потоа ги отфрли, а тоа, за жал, техничкиот премиер Џафери само го аминуваше“, рече Алиу.

Тој додаде дека од вчера лица од еден дел од Алијанса за Албанците вршат притисок врз директорите тие да бидат на нивна страна.

„Но, една точка од владината седница беше за разрешување на двајца директори, исклучителни активисти на Алијанса за Албанците. Станува збор за Бујарe Абази од функцијата директорка на Пошта на Македонија и Газменд Абдија, од позицијата директор на Агенцијата за странски инвестиции. Тоа е фрлање масло во огнот од страна на ДУИ, бидејќи кадровските прашања треба да се синхронизирани на ниво на владина коалиција, а потоа евентуално да се најдат на владина седница. За жал, ‘за’ гласаа двајца заменици министри од редовита на Алијанса за Албанците, Тирон Јајага и Вјолц Бериша. На мојата забелешка како тоа тие две точки за директорите се најдоа на дневен ред без моја консултација како надлежен министер за такви прашања, Артан Груби само одговори дека така мора да биде, тие мора да бидат разрешени“, рече Алиу.

Меџити изјави дека точките кои ги предложил на владината седница му биле одбиени. И тој, како и Алиу, нагласи дека се работи за политичка одмазда од ДУИ.

„Точките за дневниот ред на седницата што ги предложив беа веднаш отфрлени, како што се точките покачување на платите за медицинските сестри и за останатиот здравствен персонал, потпишување на колективен договор за вработените во Министерството за здравство, потпишување и на колективен договор за Клиниката Козле, но и за потпишување на одлука за паркингот во Клиничкиот центар“ рече Меџити.

Алиу и Меџити на новинарите им одговорија дека нема да поднесат оставки на министерските функции.

Денеска попладнево, со печат од Кадровска комиисија на Алијанса за Албанците до Владата беше поднесено барање за разрешување на министрите Алиу и Меџити. Во барањето не е наведено името на третиот министер, Кренар Лога кој го води ресорот правда, а кој е на страната на поранешниот лидер на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, во отворениот внатрепартиски судир меѓу Села и лидерот Арбен Таравари.

Според Алиу, денешната одлука што ја донесе партиската Кадровска комисија за негово разрешување и за разрешување на Меџити, не е легитимна.

„Не може да биде легитимна. Според нашиот Статут, не може да се донесе таква одлука за назначување или разрешување министри. Ние нема да поднесеме оставка поради две работи. Прво, како што рече колегата Меџити, ние транспарентно, отчетно и чесно работевме, и второ, не цениме дека нашата партија ќе бара наша разрешување, бидејќи нема за што да се бара разрешување на министри кои нависитна работеа и имаат резултати. Во однос на директорите, најверојатно ќе продолжат да разрешуваат тоа што можат, а тоа што нема да можат најверојатно ќе се мачат повеќе или ќе пробаат со други методологии и пристап. Со нас е правдата, ќе се бориме до крај за да докажеме дека ова што се случува со активистите во нашата партија, прво не е во ред и не е демократски и најверојатно им пречат резултатите што ги имаат министрите на АА. Најверојатно очекуваат да не фатат на кондиција да дадеме оставка, но од вечерва им велам дека оставка од нас нема да има. Ако имаат други можности и методологии нека се обидат“, подвлече Алиу.

На прашањето како гласал Кренар Лога за директорите, Алиу информира дека тој не бил денеска на седницата.

„Лога многу малку бил на седници на Влада за 11 месеци. Најверојатно не сака да се соочи со тие процеси“, истакна Алиу.

Попладнево, на прес-конференција во Владата, министерот за надворешни работи Бујар Османи, одговорајќи на новинарски прашања, не кажа дали е пристигнато барање за разрешување на министрите за здравство и за информатичко општество и администрација. Тој само накусо ја објасни процедурата за именување и разрешување министри. Рече дека Владата не именува и разрешува, туку Собранието.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ