вторник, 25 февруари 2025
Александар Донски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Александар Велики Македонски во исламската света книга Куран

Голем број исламски истражувачи сметаат дека најпознатиот Македонец во историјата Александар Велики Македонски е спомнат во самата исламска света книга Куран.

Конкретно, се смета дека во оваа исламска света книга Александар е спомнат под описното име Зу’л-Карнијан. Овој израз според буквалниот превод значи оној со два рога”. Германскиот историчар Улрих Вилкен пишува дека ваквото детерминирање на Алексан­дар потекнува од старото египетско предание, според  кое, Александар е претставен како син на Амон”. Од своја страна, синот на Амон, во ликов­ни­те претстави секогаш бил прикажуван како лик кој на гла­вата има два мали рога. Вилкен смета дека оттука потек­нува описното име на Алексан­дар како оној со два рога” (Улрих Вилкен: „Александар Маке­дон­ски” Скоп­је, 1988, стр. 353).

Некои исламски теолози изразот „Зул-Карни­јан” го преведуваат и описно како: „оној што живеел во две генера­ции”, што е тес­но поврзано со содржината на некои исламски преда­нија за Александар, конкретно за мигот на неговото раѓање, поврзан со „спојувањето” на две плане­ти (или ѕвезди) на небото.

Што се однесува до самото спомнување на Александар во Куранот, конкретно се смета дека тој е спомнат во осумнаесет­та­та сура која се вика „Пештера”(Ал-Кахфи)“ и тоа во ајетите (стиховите) 83-98.

Но, има и такви исламски теолози кои сметаат дека терминот Зу’л Карнијан не се однесува на Александар Македонски, туку на некој друг владе­тел. Сепак, може да се каже дека официјален став на повеќе исламски теоло­зи е дека станува збор токму за Александар Македонски.

Така, на пример, во официјалната „Енциклопедија на исламот” јасно пишува дека и навистина Александар Македонски е спомнат во Куранот. „Општо е прифатено, како од исламските толкувачи, така  и од сов­ре­мените западни научници дека Зу’л-Карнијан  или оној со два рога’, спомнат во сурата 18, 82/83-98, всушност го претставува Александар Велики” („Encyclopedia of Islam”, New edition, Vol. IV, 1978).

А, сега да ги споменеме и стиховите од сурата 18, во кои се смета дека  самиот Бог (Алах) го спомнал Александар Македонски под опис­ното име Зу’л Карнијан или во слободен превод “оној што живеел во две генерации”. Овие стихови гласат:

 

И ќе те прашаат за Зу’л-Карнијан? Одговори им: ‘Ќе ви го изреци­тирам споменот за него’ (83).

Навистина, Ние го поставивме него на земјата и му го откривме значењето на  сите работи (84).

И така тој појде по патот (85).

И кога стигна на местото каде сонцето заоѓа, виде дека тоа заоѓа во едно црно море, по што кај него дојде народот. И Ние му рековме: ‘О, Зу’л Карнијан! Или казни ги, или  покажи им добрина (86).

А тој рече: ‘Што се однесува до оној што прави лошо, ќе го казниме, а потоа ќе биде вратен кај својот Господар за да биде казнет со страшна казна (87).

Што се однесува до оној што верува и што прави добрини, тој ќе има добра плата и нему ќе му ги пренесиме зборовите на нашите одредби (88).

Потоа, тој продолжи по патот (89).

Сѐ додека не стигна во земјата каде што сонцето изгрева, каде го најде како изгрева над луѓе на кои не им дадовме заштита од него (90).

И така! Навистина она што беше кај него го опфативме со знаење (91).

Потоа, тој продолжи по патот (92).

Сѐ додека не стигна меѓу две планини, каде најде луѓе, кои не разбираа ниту збор (93).

Тие рекоа: О, Зу’л-Карнијан! Навистина Гог и Магог создадоа низа немири во земјата. Сакаш ли да ти дадеме награда ако ставиш бариера помеѓу нив и нас? (94).

Тој им рече: Она во што ме востанови мојот Господар е подобро. Затоа помогнете ми со работници и ќе изградам заш­титна бариера помеѓу вас и нив (95).

Донесете ми блокови од железо. И додека тој го пополни просторот помеѓу двете планини, им рече: ‘Дувајте!”, а кога се запали огнот им рече: ‘Дајте сега да го излеам растопениот бакар (96).

Така тие не можеа да  поминат, ниту да направат дупка (97).

Тој им рече: ‘Ова е милост од мојот Господар, но кога Тој ќе вети, ќе го срамни со земја, а ветувањето на мојот Господар секогаш е вистинито!(98).

 

Главна индиција за поистоветувањето на Александар Велики Маке­донски со Зу’л Карнијан е фактот што обајцата патувале во, за нив, дотогаш непозна­ти земји. Овде секако е и самото име Зу’л-Карнијан, кое рековме дека буквално преведено значи „оној со два рога”, што може да се однесува само на Александар Македонски, т.е. на неговата постара претстава како син на Амон, за кој, пак, рековме дека секогаш бил претставуван како човек со два мали рога на главата. Токму како таков Александар останал запаметен во ислам­ската традиција и останал длабоко почитуван од муслиманите.

Некои (пред сѐ христијански) истражувачи сметаат дека сто­ријата за Александар Македонски, која е предадена во Куранот, претставува адапта­ција на некоја постара легенда за него. Ваквиот став е прифатен и во Енциклопедија Британика, каде во врска со ова читаме:

Споменувањето на Александар од страна на Мухамед како ‘оној со два рога’ (18,82) е преземено од една романса за Александар која била популарна среде несторијанските христијани во 7 век во својата сириска варијанта”.

Но, исламските теолози ова го негираат, наведувајќи пода­тоци дека во времето на создавањето на текстот на Куранот тешко можеле да бидат достапни легендите и преданијата за Алексан­дар Македонски. Полемики околу ова прашање се водат до денес.

Сепак, Александар Македонски е присутен и во други поста­ри ислам­с­ки текстови и преданија, и тоа токму под описното име Зу’л-Карнијан.

Така, на пример, неговото име е тесно поврзано со познатото исламско светилиште Катарагама во Шри Ланка. Во ова светилиште (каде има убава џамија) до денес секоја година се собираат илјадници муслимани од целиот свет. Според исламската традиција, на тоа место Алах создал извор со животворна вода од која, секој што ќе се напие, станувал бесмртен. Стран­ските пате­писци забележале дека дури и во 19 век луѓето упорно го барале тој извор во областа Катарагама. Притоа мнозина од нив тврделе дека таму лично го сретнале исламскиот светител ал-Кизр (ал-Кхизр), кој своевремено се напил од тој извор и станал бесмртен.

Според официјално прифатената исламска традиција од страна на исламските великодостојници во Катарагама, до овој извор успеале да дојдат само Александар Велики Македонски (Зу’л-Карнијан) и спомнатиот исламски свети­тел ал-Кизр. Но, кој бил ал-Кизр? Исламските теолози сметаат дека тој бил слуга на Бог (Алах), кој поради својата верност бил награден со вечен живот, т.е. бил наг­раден да стигне до изворот на водата на животот и да се напие од него. Но, за потеклото на исламскиот светител Ал-Кизр има и друга теорија. Според преданието во Катарагама, ал-Кизр бил генерал во војската на Алек­сан­дар Македонски, а според друга варијанта тој бил готвач во Македонската војска. Ова практично значи дека, според оваа теорија, еден од најпознатите исламски светители среде мусли­маните во Шри Ланка (но и пошироко) Ал-Кизр бил – Маке­донец (посебно ако се знае дека генералите во војската на Александар биле исклучиво Македонци)! Тие обајцата заедно тргнале да го бараат изво­рот на животворната вода. Ал-Кизр прв дошол до изворот и се напил од живот­ворната вода. Тој лесно го нашол изворот, додека Александар прилично се измачил во тоа. Во местото Серендиб во Шри Ланка има и светилиште посветено на тој настан.

Среде муслиманите во Катарагама (но и пошироко) постои уште едно традиционално верување според кое Александар Маке­дон­ски дури се смета и како еден од пророците на Алах (Бог)! Според ова предание, од првиот човек на светот Адам (кој се смета за прв пророк), до последниот пророк Мухамед имало вкупно 124.000 пророци (набиси), а од нив само 313 биле посебни пророци (расули). Само 25 набиси биле спомнати во Куранот, а Алах им дал посебна сила само на неколку од нив. Сите тие живееле во различни времи­ња, а еден од нив бил и Александар Велики Македонски, познат под името Зу’л-Карнијан или ал-Иксандар. Ова значи дека, според оваа официјално исламско толкување, најпознатиот македонски цар е сметан како пророк на Алах. Заедно со Александар (Зул-Карнијан) меѓу луѓето бил испратен да дејствува и претходно споменатиот ал-Кизр, кој овде е претставен  како братучед на Александар (тие биле деца од две сестри, чиј татко бил крал). Таткото на Александар бил император, додека таткото на ал-Кизр бил главен на некое село. Пред да се роди Александар, неговиот татко 40 години че­кал две планети (или ѕвезди) да се „спојат” на небото. Тој ѝ рекол на својата царица: Ако ни се роди дете токму во тоа време, тоа ќе живее сѐ до крајот на светот, а ако се роди еден час подоцна, тоа ќе владее со светот.” Ова кришум го слушнала сестрата на царицата (идната мајка на ал-Кизр). Кога дошло време обете да се породат, сестрата на  царицата го родила   ал-Кизр токму во мигот што го посакувал царот, додека царицата го родила Александар еден час подоцна. Кога пораснале братучедите, заедно тргнале да го бараат изворот на животворна вода. Така, стигнале до местото Катарагама (денешна Шри Ланка),каде го нашле тој извор во една планина. Но, од водата се напил само ал-Кизр, затоа што таква била волјата на Алах. Затоа ал-Кизр станал бесмртен, а Александар, пак, и навис­тина го освоил речиси сиот тога­шен свет.

Постојат и други исламски преданија и легенди посветени на Алек­сандар Македонски од останатите краеви на Азија каде живеат муслиманите. Во врска со оваа тема има пишувано историчарот Ален Френк. Во својата подолга статија под наслов: „Историските ле­генди на мусли­маните од реонот на Волга и на Урал, поврзани со Александар Велики, градот Јелабуга и Бачман хан тој пишува дека постоеле голем број легенди среде муслиманите од оваа област, повр­зани со Александар Македонски. Во резимето на својата статија, Френк пишува:

Уште од почетокот на 19 век, пишаните традиции на муслиманите од областа на Волга и на Урал имаат регистрирано повеќе историски и генеолошки легенди, поврзани со Искендер Зул-Карнијан (Александар Велики)… Овој труд има за цел да ги идентификува и класифицира разните варијанти на овие легенди од кои, најголемиот дел се најдени во колекциите на муслимански ракописи, најдени во тој регион, како и да ја открие нивната улога во детерминирањето на развитокот на идентитетот на мус­лиманите околу Волга и Урал.

Во продолжение Френк пишува за поврзаноста и на волшките Бугари со ликот на Александар Македонски. Тој го споменува пате­писецот Абу Хамид ал-Гарнати од 12 век, кој во својот патепис, запишал дека од разгово­рите што ги водел со волшките Бугари, тие себеси јасно се декларирале како потомци на Александар Маке­дон­ски. Во врска со ова Ален Френк пишува:

Патеписецот Абу Хамид ал-Гарнати од 12 век пишува дека волшките Бугари себеси се сметале како потомци на Александар Велики. Овие легенди имаат свое потекло во традицијата на мус­ли­манските степски номади и на пред-монголските волшки Бугари”.

Практично ваквите декларирања на Бугарите (како потомци на Маке­донците) се целосно спротивни од денешните големо­бу­гарски артику­лации за наводното „бугарско потекло” на денешната македонска нација. Гледаме де­ка токму нивните претци (азиските Бу­гари) го тврделе спротивното, т.е.  дека тие се потомци на Маке­дон­ците, а не обратно!

Френк ги споменува и легендите за градот Јелабуга, за кој мусли­маните сметале дека бил формиран од Искендер Зу’л-Карнијан (Алекандар Македонски) и од неговиот пријател Сократ Хаким (филозофот Сократ). Градот Јелабуга подоцна станал свет центар за муслиманите. Таму имало извесен број гробови на исламските светители.

Во контекст на ова да ја спомнеме и содржината на пер­сис­ката поема од поетот Нисами (12 век), според која Александар Македонски бил муслиман, кој престојувал во Мека и се молел во Каба (Улрих Вилкен, цит. дело, стр. 353).

Кога зборуваме за почитта кон Александар Македонски од страна на муслиманите да кажеме и дека култот на Александар Маке­донски бил присутен и во Отоманската империја и тоа уште во времето на Средниот век. Најдецидна потврда за ова е литера­тур­ното дело Хабнаме, од ав­торот Вејс Б. Мехмед (1561-1628), кое прет­ставувало замислен разго­вор воден помеѓу турскиот султан Ахмед Први и Александар Велики Македонски. Фак­тот што ова дело било некол­купати печатено во Отоманската империја са­мо ја потврдува вис­тината дека духот и славата на најславниот македонски цар стиг­на­ле до свеста на интелигенцијата од то­гаш­ната моќна турска импе­рија.

И подоцна турските султани со стравопочит го спомнувале името на Александар Македонски. Некои од нив дури и намерно ги праќале своите жени да им родат син во Македонија, надевајќи се на тој начин дека новоро­деното дете ќе ја стекне моќта и славата на Александар Македонски. Ќе презентираме едно сведоштво во врска со ова.

Англискиот патеписец Едвард Браун во 1669 година ја посе­тил Битола. Во неговиот патепис името Македонија се споменува десетина пати. Во еден дел од патеписот, тој ја опишува почитта што тогашните турски великодос­тој­ници ја искажувале кон македонскиот цар Александар Македонски. Поради тоа, Браун сведочи дека на тогашните Турци дури им било чест ако нивниот престолонаследник бил роден во Македонија. Воедно Браун за Македонците вели дека биле прија­тел­ски расположени кон странците.

Стигнавме до Монастир (Битола, з.м.), кој е голем град со многу­бројно население, кое е пријателски расположено. Се збору­ваше дека жена­та на султанот, која беше во Лариса и која набргу требаше да роди, сака да дојде во Монастир за да роди. За таа цел беа направени потреб­ните подго­товки. Турците, кои имаа високо мислење за Александар Вели­ки, се радуваа ако во Македонија им се родеше еден од синовите на империјата” (академик Александар Матковски: „Македонија во делата на странските патеписци 1371-1777”, Скопје, 1991, стр. 570).

И во Пакистан Александар Македонски се смета како една од нај­значајните историски личности во пакистанската историја, заедно со бројни султани, шахови и ханови. Тој овде е познат под името Сикандер-и-Азам.

Во чест на Александар Македонски во исламскиот оно­мас­тикон до денес постои неговото име, иако во малку изменета форма и во неколку варијанти (Искендер, Скендер, Сикандер и други). Вп­рочем, во ова нема ништо чудно ако се знае дека многу хрис­тијански, муслимански, па и еврејски имиња всушност имаат ист корен, т.е. се работи за потполно истите имиња, кои само се раз­лич­но транск­рибирани. Така, на пример, старозаветниот пророк Мојсие е спомнат и во Куранот, но под името Муса, Ное е Нух, Исус е Исо, Марија е Мејрем, Јосиф е Јусуф, Аврам е Ибрахим, Ева е Хава и така натаму.

Во врска со влијанието на Македонците во исламската кул­ту­ра авторот Ц.Х. Бекер дури смета дека исламска циви­лизација немало ни да постои доколку не биле Македонците. Во своето дело „Дер Ислам алс проблем” (Der Islam I, 1910, стр. 15), тој пи­шува: Без Александар немаше да има исламска цивилизација”.

 Александар Донски

КОЛУМНИ

Бранко Прља

Машините мислат, но луѓето чувствуваат

Ристо Цицонков

Tоплификација (парно) на градовите – решение за аерозагадувањето  

Рајко Пеколски

Вoнредни вести од глобалната лудница

Александар Стојановски

EУ ја губи битката со Трамп

Ричард К. Шервин

Доналд Трамп и неговото невладеење на правото

Рајко Пеколски

Кaко умре вистината

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ