недела, 22 декември 2024

Албанскиот премиер Рама создава микродржава во Тирана, слична на Ватикан

Албанскиот премиер Еди Рама најави дека за заедницата Бекташи, припадници на исламскиот суфиски ред, во Тирана ќе формира суверена микродржава која ќе промовира умереност, толеранција и мирен соживот.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Зборувајќи во Обединетите нации, Рама истакна дека Албанија ги спасила еврејските бегалци од нацистите во Втората светска војна и им пружила засолниште на Авганистанците откако талибанците ја вратија власта пред три години. Додаде дека Албанците се исто така горди што на светот му ја подариле Мајка Тереза која ја „отелотворила љубовта кон човештвото“.

„Ни кажа дека не можеме сите да правиме големи нешта, но дека можеме да правиме мали нешта со голема љубов. Тоа е нашата инспирација во поддржувањето на трансформацијата на Светскиот бекташки ред во суверена држава во нашиот главен град Тирана како нов центар на умереноста, толеранцијата и мирољубивиот соживот“, наведе Рама.

Албанија има 2,4 милиони жители. Од тоа околу 50 отсто се муслимани, а остатокот од населението се католици и православци и други помали заедници. Бекташите сочинуваат околу 10 отсто од муслиманите во земјата, според последниот попис на населението.

Сè уште не е јасно како на Бекташкиот ред законски ќе му се додели суверенитет, но од редот порачаа дека овој потег го сметаат за почеток на нова ера на промовирање на глобалната верска толеранција. „Таквиот историски чекор има цел да го признае редот како суверена, самоуправна држава, посветена на својата вековна култура на умереност и духовна вклученост“, се наведува во соопштението.

Додадоа дека редот треба да добие суверенитет идентичен на тој на Ватикан, што значи дека би управувал со верските и административните прашања независно од Албанија. Државјанство би добиле само највисоките верски членови и оние поединци кои се вклучени во управувањето на државата.

Државата ќе ја предводи Баба Монди, поглаварот на бекташите. Советот ќе го надгледува неговото верско и административно дејствување. „Новата држава нема да има друга цел освен духовно лидерство“, истакнуваат од редот.

Бекташкиот ред настанал во Османлиското царство во 13 век. Бекташите добиле политичка важност во 15 век, кога редот доминирал во јаничарскиот корпус, елитните пешадиски единици.

По формирањето на Република Турција, нејзиниот лидер Кемал Ататурк ги забранил верските институции кои не биле дел од Управата за верски прашања, а седиштето на бекташите било префрлено во Албанија. Припадникот на бекташите Исмаил Џемали прогласил независност на Албанија од Османлиското царство во 1912 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ