петок, 18 октомври 2024

Албанскиот премиер: Не е тајна дека сакаме да му помогнеме на Косово

Објавено на

часот

Сподели

Рама во текот на денот со дел од министрите од својата влада престојуваше во работна посета на Босна и Херцеговина, а се сретна и со членовите на Советот на министри на таа земја предводени од Кришто.

Претседателот на албанската Влада беше примен и од членот на Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ. По официјалните разговори, двајцата премиери потврдија дека владите на двете земји сѐ уште го гледаат членството во Европската унија како најважна надворешнополитичка цел во моментов, додека Берлинскиот процес за зајакнување на соработката на шесте земји од Западен Балкан, лансиран во 2014 година, го гледаат како важен инструмент за да се постигне ова. Токму Албанија ќе биде домаќин на самитот на Берлинскиот процес планиран за октомври во Тирана.

Кришто рече дека ги поддржува сите регионални иницијативи за соработка, но дека Босна и Херцеговина „останува посветена на Берлинскиот процес“, изразувајќи жалење што во земјата нема неопходни договори за спроведување на сѐ што е договорено во таа рамка. Со тоа таа алудираше на тоа дека Република Српска се противи на ратификацијата на договорот за слобода на движење со лични карти, со што директно го блокира Косово.

Премиерот Рама рече дека не е тајна дека неговата земја сака да му помогне на Косово и дека токму затоа сака слобода на движење со лични карти што многу би им значело на Косовците. „Се надеваме дека и Босна и Херцеговина по примерот на Србија ќе го ратификува тој договор“, рече албанскиот премиер, отворено критикувајќи ги постапките на политичарите од редот на босанските Срби.

Тој додаде дека и покрај војната во Украина, очекува ЕУ да го посвети потребното внимание на Западен Балкан и оти се надева „дека Унијата не чека нова војна“, за да води поголема сметка за регионот. За разлика од Босна и Херцеговина, Албанија е исто така членка на проектот Отворен Балкан, кој Србија го започна во 2019 година, но од сите земји од Западен Балкан, во него моментално учествува само Македонија.

Во Босна и Херцеговина има големи резерви за овој проект поради покровителството што го има Белград врз него, а кој токму затоа политичарите од редот на босанските Срби видно го туркаат со образложение дека ќе ја олесни трговијата и ќе ги зајакне економските врски во регионот.

Политичките односи на Босна и Херцеговина и Албанија, како што оценија премиерите, се добри, но не се придружени со економска соработка бидејќи надворешнотрговската размена меѓу двете земји е скромна и во 2022 година изнесувала нешто повеќе од 90 милиони евра.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ