петок, 27 септември 2024

Албанија напред, Македонија стој на патот кон ЕУ

Одлуката на Советот на Европската Унија (ЕУ) не е формална одлука за почеток на преговорите на Албанија за влез во ЕУ, но факт е дека оваа држава ги исполни условите, а Македонија не го стори тоа, па затоа и ЕУ одлучи да ги раздели двете држави на патот кон ЕУ, коментираат политичките аналитичари кои ги консултираше МКД.мк откако Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки во Европската Унија (КОРЕПЕР) донесе одлука Албанија на 15 октомври да го започне преговарачкиот процес за членство во ЕУ по поглавја, со отворање на преговорите по Кластерот 1 – „Основи вредности“. Од власта денеска ѝ посaкаа среќа на Албанија во преговрите, а опозицијата ваквиот развој на настаните го нарече целосен пораз на политиките на Владата.

Објавено на

часот

Сподели

Иако постоеше некаква неформална политика двете земји тој пат да го одат паралелно, тоа во овој случај станува невозможно поради домашните проблеми кај нас. Во ваков случај, Европската Унија (ЕУ) бара успешни приказни за проширувањето, и најверојатно за тоа единствени кандидати се Црна Гора и Албанија, вели политичкиот аналитичар, Петар Арсовски.

Аналитичарот Синиша Пекевски се согласува со Арсовски дека Албанија си ја сработила својата домашна задача и дипломатијата успеала во својата мисија, но нагласува дека ЕУ има двојни стандарди и ваквата одлука не треба да биде изненадувачка.

„Дефинитивно пораз за македонските европски интеграции, но и пораз на политиката на ЕУ кон Македонија и ветувањата за нејзин прием во Унијата во овие повеќе од две децении. Уште повеќе и безбедносен ризик, бидејќи наместо да бидеме ставени на шини со Црна Гора, Албанија, па и Србија, ние се враќаме во кошот на невралгичните незавршени држави на Западниот Балкан, а тоа се Босна и Херцеговина и Косово“, вели аналитичарот Благојче Атанасовски.

Одлуката за раздвојување на Албанија од Македонија ќе има реперкусии

Арсовски, Пекевски и Атанасоски се согласни дека ваквата одлука на ЕУ ќе има и меѓународни и домашни реперкусии и е лоша од повеќе аспекти. Пекевски вели дека Македонија ќе остане заглавена во процесот поради „страотно лошите политики на претходната Влада и уништување на македонскиот дигнитет“.

„Но работите може драстично да се променат со доаѓање на новиот претседател на САД и менување на курсот на ЕУ со почитување на стандардите“, смета Пекевски.

Атанaсоски оценува дека ваквата одлука ќе се одрази како од безбедносно-политички аспект до стагнација во севкупниот општествен развој.

„Економски ќе стагнираме, институционално ќе крахираме, нема да има никакви реформи по односите сфери, туку само привид и потемкинови села. Зголемување на тенденцијата на вадење на бугарски пасоши и уште помасовно иселување, токму во земјите од ЕУ“, предупредува Атанасоски.

За ЕУ, напредокот на некои земји кандидати ќе го намали притисокот, па со тоа и интересот за земјите кои имаат проблеми со исполнувањето на условите, што е лоша вест за Македонија, а дома, тоа може да донесе зголемено разочарување од ЕУ.

„Но тоа може да донесе и незадоволство кај етничките Албанци, кои, гледајќи го напредокот на Албанија може да се почувствуваат заробени на тој пат од инаетот на етничките Македонци, и емпатијата за нашиот отпор кон уставните измени да се намали“, вели Арсовски.

Во ваков случај, сметаат аналитичарите нема многу место за дипломатски маневри затоа што Македонија е обврзана со преговарачка рамка со која поглавјата се експлицитно условени со уставните измени, затоа што политиката на ЕУ е сурова, со консензус од сите 27 земји членки и затоа што ЕУ има двојни стандарди и ги подредува онака како што сака таа.

Бугарија не попушта, или Бугарите во Уставот или нема ЕУ за Македонија

Поранешните премиери на Бугарија, Бојко Борисов и Кирил Петков, денеска изјавија дека Договорот за доброседство мора да се почитува и ги повикаа властите во Македонија да одлучат дали ќе ги внесат Бугарите во Уставот или нејзиниот пат кон ЕУ ќе остане затворен.

Лидерот на ГЕРБ Борисов, кој е и претседател на Комисијата за надворешна политика во бугарскиот Парламент, истакна дека Бугарија и Македонија потпишаа Договор за добрососедство, кој е вклучен во планот за проширување, и никој не може да отстапи од него.

„Сè што направивме во Европската народна партија, во Европскиот совет, во Европската комисија, беше многу добро слушнато. Така функционираат европските институции. Не се закануваат, не навредуваат, а резултатот е Албанија оди напред. Таа го прифати бугарското малцинство, а нашите колеги од Северна Македонија треба да ги понесат последиците од нивното досегашно однесување“, рече Борисов во пресрет на разгледувањето на декларацијата за Македонија поднесена од крајнодесничарската партија Преродба.

И лидерот на Продолжуваме со промената (ПП) Кирил Петков, вели дека Македонија треба да одлучи дали сака да ги прифати Бугарите во својот Устав или да го запре патот кон ЕУ.

„Времето покажа дека договорот што го направивме во времето на нашата влада, францускиот предлог, се покажа многу добар за Бугарија. Реално, целата Европска унија застана на страната на Бугарија. Република Северна Македонија мора да одлучи дали сака да ги прифати Бугарите во нејзиниот Устав или нејзиниот пат кон Европа е затворен. Многу се надевам дека ќе се преиспитаат, бидејќи она што се случи во моментов е дека Албанија се одделува од нив и побрзо ќе го продолжи патот кон ЕУ“, изјави Петков.

Одвојувањето на Албанија и Македoнија на патотот кон ЕУ, го поздрави првиот човек на Преродба Костадин Костадинов. Тоа според него се случи откако „Тирана го признала бугарското малцинство и му ги гарантирала сите уставни права“.

„Отсега, Република Северна Македонија има два пата, или ќе го признае присуството на Бугарите како државотворен елемент на својата земја и ќе ги вклучи во Уставот или ќе остане надвор од преговарачкиот процес“, рече Костадинов.

Европската комисија (ЕК) очекува старт на преговорите по кластери со Македонија штом таа ги исполни договорените релевантни критериуми, изјави денеска портпаролката на ЕК за проширување, Ана Писонеро.

Таа додаде дека тие релевантни критериуми ги вклучуваат уставните амандмани за вклучување на Бугарите во Уставот.

„Европскиот совет ја повика Северна Македонија да го забрза спроведувањето на овие измени“, изјави Писонеро, додавајќи дека одлуките за следните чекори во пристапниот процес се во надлежност на земјите членки на ЕУ, а не на Европската комисија.

Пораката на ЕУ за одделување на Албанија и Македонија е лоша

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека уште кога бил во посета на Брисел било најавено дека најверојатно Албанија ќе ги почне преговорите и ќе се одвои од земјава, но нагласи дека тоа е лоша порака кон македонските граѓани, бидејќи државата во, како што рече над дводеценискиот пат кон ЕУ сторила многу работи, повеќе од која било кандидатка или актуелна членка, а кои најчесто немаат никаква врска со Копенхагенските критериуми.

„Ние сме единствениот случај во кој билатерални договори се услови во Преговарачка рамка. Жалам што претходната Влада егизбиционистички прифаќаше сѐ, мафташе со европско знаме додека го ограбруваше сопствениот народ. Гледаме дека состојбата е таква каква што е и го делам впечатокот со огромен број македонски граѓани дека не треба повеќе на сметка на национални отстапки, идентитетски остапки без гаранции да прифаќаме услови“, рече Мицкоски.

Нагласи дека сегашната поставеност на работите во однос на нашето членство е диктат и оти тој својот став го пренел и на средбите во Брисел.

Направи паралела меѓу уставните амандмани за Преспа и додаде дека како што тие во сила влегоа, откако Грција го ратификуваше претпристапниот Протокол за членство во НАТО, тоа да важи и за ЕУ.

„Еве ќе ја завршиме процедурата, имаме 80 пратеници, но амандманите што ќе ги поминеме нека важат и да бидат ефективни кога Бугарија ќе го ратификува пристапниот протокол за нас во ЕУ“, рече Мицкоски.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова во интервју за МИА вели дека не би можела точно да одговори дали може да дојде до реализација на „францускиот предлог плус“ и ставот на Владата кој неодамна беше презентиран во Брисел. Taa повторува дека во Договорот за пријателство со Бугарија нема одредба за менување на Уставот и потенцира дека не може да има бидејќи таа се врзува со историските комисии и нивните разговори. Сепак, вели таа, можеме на друг начин да пристапиме кон Договорот.

„Не би можела точно да одговорам иако на маргините имав пријателска средба и со претседателот на Бугарија, господинот Радев. Најповторуваната синтагма од сите е дека ние треба да ги почитуваме договорите, се разбира дека секој кој знае меѓународно право па и право знае дека во Договорот за добрососедство и пријателство нема одредба која што вели дека треба да се смени Уставот и не може ни да има, тоа се врзува за фамозните историски комисии и нивните разговори и преговори. Она што го истакнувам е дека е важно како ќе се однесуваме кон Преговарачката рамка и ако велиме pacta sunt servanda, а мислиме на Преспанскиот договор каде што јасно си пишува што значи Македонија за втората страна – територија, значи народ со сопствена историја и јазик, а за што разговараме ние во тие историски комисии за ова што е дел од пактот на кои што се повикуваат Преспански договор“, истакнува Сиљановска Давкова.

Претседателите на македонското и на албанското Собрание, Африм Гаши и Елиса Спиропали на прес конференцијата по официјалната средба во Скопје во понеделникот посакаа Македонија и Албанија заедно да го продолжат патот кон Европската Унија (ЕУ).

Гаши истакна дека двете земји на меѓународен план имаат исти цели и интереси, а тоа се полноправното членство во Европската унија, соработката во областа на одбраната во рамките на НАТО Алијансата, како и продлабочување на регионалната соработка.

„На средбата искажавме очекување и надеж дека нашите две земји заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција. Укажавме дека проширувањето е една од најдобрите политики на Унијата како геостратешка потреба и е долгорочна инвестиција за цела Европа во политичка, безбедносна и економска смисла. Тоа е добар механизам за напредок и награди, што нé мотивира како земји да ги спроведуваме бараните реформи, чиј краен резултат би требало да биде полноправното членство во Унијата“, рече Гаши.

Спиропали истакна дека ЕУ е компасот кон кој се ориентирани двете земји и дека политичките одлуки треба да се ориентираат кон обединување на земјите во европското семејство со тоа што нема да им се дозволи, како што рече, на други држави да предизвикуваат немири во регионот. Таа додаде дека ЕУ мора да понуди јасен и пристапен пат до членство за Албанија и Македонија, како и за целиот регион.

За разлика од оваа официјална изјава дадена во петокот, Гаши денеска не сакаше да ги коментира информациите дека Албанија на 15 октомври ќе ги започне преговорите со ЕУ и тоа што Македонија се одделува од овој пат. Потенцира дека тој дел останува во доменот на политичките партии.

„Не би сакал да навлезам во дневна политика. Тој дел останува во доменот на политичките партии. Така да, не би сакал да коментирам“, рече Гаши по денешната средба со новинарите.

Гаши потенцира дека сепак функцијата претседател на Собрание е да се грижи за носење на закони и примена на Деловникот, законите и Уставот на државата.

Претседателот на Движењето БЕСА и градоначалник на Општина Тетово, Билал Касами, денеска изјави дека како коалиција и владина и како Вреди, ќе работат сериозно на побрзо решавање на билатералниот проблем со Бугарија, за земјата поскоро да ги отвори пристапните преговори, и да го фати чекорот со Албанија.

„Ние би сакале одлуката да беше заедно со нашата држава, но сигурно дека го поздравуваме овој чекор, ако се потврди  дека тоа е официјална одлука на институциите во Брисел. Сигурно дека како Вреди, ќе работиме сериозно билатералниот проблем со нашиот источен сосед што побрзо да се разреши и Македонија побрзо да ги отвори пристапните преговори и да бидеме првите земји до 2030-та кои ќе бидат рамноправни членки на ЕУ“, рече Касами на новинарско прашање како го коментира одвојувањето на Албанија од Македонија на патот кон ЕУ пред почетокот на форумот за Проектот на УСАИД за зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите.

За опозицијата одлуката на ЕУ е тотален пораз на македонската Влада

Лидерот на најголемата опозициска партија на СДСМ, Венко Филипче раздвојувањето на Македонија и Албанија од патот кон ЕУ е тежок пораз на политиките на Владата.

„Со оваа одлука станува јасно дека Албанија ќе добие зелено светло за продолжување на втората фаза за преговори со ЕУ и отворање на првиот Кластер. Раздвојувањето е огромна катастрофа за иднината на граѓаните. За жал по оваа нова пропуштена шанса, ќе се одрази на многу семејства, и на уште една цела нова генерација“, рече Филипче, додавајќи оти „ова ја убива надежта дека нашата држава може да напредува и да се развива“.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски на граѓаните им сервирале една голема изборна измама и оти преку куп лаги и манипулации тие се обиделе да ја скријат вистинската намера, а вистинската намера е, како што рече Филипче, дека ниту имаат план, ниту сакаат државата да напредува и да се развива во и кон ЕУ.

Истекувањето на рокот за уставните измени е критичен момент. Повеќе нема простор за одложувања, изговори или манипулации кои би го одбегнувале неизбежното, сметаат од ДУИ.

„Уставните измени не се само правна обврска. Тие претставуваат морална и стратешка императивност која обезбедува нашата држава да остане на патот кон европската интеграција. ДУИ секогаш била гарант на овој процес, и нема да дозволиме политички блокади  да ја попречат иднината на нашите граѓани. Времето за колебање помина. Ги повикуваме сите политички актери, да постапат одговорно, зрело и решително во интерес на граѓаните и државата. Ова подразбира исполнување на обврските од преговарачката рамка и итно усвојување на уставните измени, што ќе го отвори патот за следните чекори во нашето членство во ЕУ“, велат од ДУИ.

Потпретседателот на Алијанса за Албанците од крилото на Зијадин Села, Кренар Лога денеска на фејсбук напиша дека Македонија и Албанија не треба да се раздвојат од заедничкиот процес на европска интеграција.

„Иако ова може да изгледа патетично, неопходно е за сите нас што живееме во Македонија. Пред неколку години, Северна Македонија беше таа што, иако очигледно понапредна во повеќето стандарди, беше ‘жртвувана’ поради Албанија, и ова беше поддржано тивко и јавно. Денес, истата логика, истата геополитика и истата геостратегија треба да важат и обратно, треба да им се помогне на граѓаните на оваа земја и на овој процес иако меѓународните пријатели направија многу. Сега, за жал, по 100 дена од новата Влада, стана јасно дека некој масовно ги излажал македонските гласачи ветувајќи дека ќе ги репреговара процесите, и ако денес нè остават во слободен пад, тогаш само што имате дадено подарок на анти-ЕУ линијата, ‘српскиот свет’, Русија и оние што посакуваат конфликти на Балканот. Ние сме како лошиот ученик кој, без да се користи притисокот и дисциплината, не ги прави задачите. Затоа, дајте ни повеќе ‘стапови’, но не нѐ оставајте да паднеме. Европа без Северна Македонија не е целосна!“, пишува Лога.

Eвропската Унија и Албанија ќе ги отворат преговарачките поглавја без Македонија.

Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки во Европската Унија (КОРЕПЕР) донесе одлука Албанија на 15 октомври да го започне преговарачкиот процес за членство во ЕУ по поглавја, со отворање на преговорите по Кластерот 1 – „Основи вредности“.

„Можеме да потврдиме дека КОРЕПЕР се согласи да продолжи со процесот на пристапување на Албанија во ЕУ“, изјави за МИА портпаролката на унгарското претседателство за КОРЕПЕР, Ана Атанасов.

Заедничкиот пат на Македонија и Албанија за членство во ЕУ беше започнат летото 2022 година.

Лидерот на најголемата опозициска партија на СДСМ, Венко Филипче раздвојувањето на Македонија и Албанија од патот кон ЕУ е тежок пораз на политиките на Владата.

„Со оваа одлука станува јасно дека Албанија ќе добие зелено светло за продолжување на втората фаза за преговори со ЕУ и отворање на првиот Кластер. Раздвојувањето е огромна катастрофа за иднината на граѓаните. За жал по оваа нова пропуштена шанса, ќе се одрази на многу семејства, и на уште една цела нова генерација“, рече Филипче, додавајќи оти „ова ја убива надежта дека нашата држава може да напредува и да се развива“.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски на граѓаните им сервирале една голема изборна измама и оти преку куп лаги и манипулации тие се обиделе да ја скријат вистинската намера, а вистинската намера е, како што рече Филипче, дека ниту имаат план, ниту сакаат државата да напредува и да се развива во и кон ЕУ.

Искра Опетческа

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ