среда, 25 декември 2024

Албанија го забранува Тикток поради тоа што деца споделувале морничави снимки од убивање момче

Албанија ќе го забрани Тикток откако тинејџер бил прободен и убиен со нож поради судир на социјалните мрежи.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Премиерот Еди Рама најави дека владата ќе го згасне Тикток на 12 месеци од јануари, обвинувајќи ја социјалната мрежа за поттикнување насилство и злоставување, особено меѓу децата.

„Во текот на една година целосно ќе го укинеме за сите. Тикток нема да постои во Албанија“, изјави Рама во саботата по состанок со родители и наставници.

Оваа голема забрана, прва од таков вид во Европа, е донесена по убиството на 14-годишно момче кое во ноември го уби друг ученик.

Властите од тогаш одржале 1.300 состаноци со наставници и родители во врска со трагичниот настан, кој следел по кавга почната на апликациите на социјалните мрежи.

Момчето било прободено во срцето и починало еден час подоцна во болница, според извештаите на медиумите. Судирот бил снимен и снимките биле постирани на Тикток.

Сè уште не е утврдено дали кавгата почнала на Тикток, но премиерот Рама ја обвини апликацијата, нарекувајќи ја „насилникот од соседството“.

„Проблемот денес не се нашите деца, проблемот сме ние, нашето друштво, Тикток и сите останати платформи кои ги земаат нашите деца за заложници“, кажа Рама.

Тикток бара објаснување од владата

По одлуката на Тирана, Тикток побара „итно објаснување од албанската влада“ во врска со инцидентот.

Компанијата од Кина соопшти дека „не нашла докази дека извршителот или жртвата имале Тикток профили“, и дека видео-снимките поврзани со инцидентот се објавени на друга платформа.

Меѓутоа, Рама ја брани забраната, истакнувајќи дека тоа не е избрзана реакција на еден инцидент, туку внимателно разгледана одлука донесена во соработка со родителите и школските заедници низ земјата.

„Тврдењето дека убиството на момчето не е поврзано со Тикток бидејќи кавгата не почнала на платформата го покажува несфаќањето на сериозноста на заканата која Тикток ја претставува за децата“, кажа Рама.

Додаде дека Албанија можеби не е доволно голема за да бара од Тикток да ги заштити децата, но е спремна да преземе одговорност и да ги заштити сама.

Поделени реакции на јавноста

Истражувачите велат дека децата се најголемиот број корисници на Тикток во Албанија. Меѓутоа, многу млади луѓе не се согласуваат со забраната.

„Дневно ги споделуваме своите животи и се забавуваме на Тикток. Тоа ни е времето за опуштање“, вели 18-годишниот Самуел Сулмани од Рашен.

Од друга страна родителите се загрижени поради порастот на насилството, вклучувајќи го носењето ножеви во училиштата, што го сметаат за последица на влијанието на социјалните мрежи.

„Нашата одлука не може да биде појасна: или Тикток ќе ги заштити децата во Албанија, или Албанија ќе ги заштити своите деца од Тикток“, заклучи Рама.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ