Според шефот на изборната комисија Хазем Бадави одѕивот на гласачите бил 66,8 отсто. Во неделите пред изборите, властите ги повикаа луѓето масовно да излезат бидејќи изборите во 2018 година беа критикувани за слабиот одѕив, околу 40 проценти. Египет има 106 милиони жители. Помеѓу 10 и 12 декември, повеќе од 44 милиони жители гласаа, а повеќе од 39 милиони го дадоа својот глас за Ал-Сиси.
„Немаше никакви прекршувања или нерегуларности за да се оцрни изборниот процес“, рече Бадави. Во 2013 година, војската под водство на Ал-Сиси го собори Мохамед Морси, демократски избраниот претседател од редовите на радикалниот ислам кој ја подели земјата.
Ал Сиси победи убедливо во 2014 и 2018 година. Неговите поддржувачи го гледаат како залог за стабилност во турбулентниот регион, особено по хаосот од „револуцијата“ во 2011 година, која вроди со соборување на Хосни Мубарак по 30 години владеење. Критичарите го обвинуваат за влошување на економската состојба и недостаток на граѓански слободи. Инфлацијата во земјава во моментов изнесува околу 36,4 отсто.