среда, 25 декември 2024
Рајко Пеколски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Акционери и реакционери (либерал-капиталистичка бајка)

Повести за многупоучните бесрамно бесмислени и несомнено вистинити авантури на многунепочитуваниот даночен обврзник потрошувач гласач и дисциплиниран пушач Неговото граѓанско Височество - граѓанинот Шљупков и за тоа како тој виде посведочи и доживеа многу згоди и незгоди во Апсурдистан и северно од него извлекувајќи високопоучни слова за граѓанските доблести на послушноста политичката коректност јавниот ред и морал правото и демократијата или скратено – таму негде јужно на север.

Бидејќи стремежот кон промени е она што едно прогресивно општество го прави такво, а Апсурдистан тежнееше да биде лидер во прогресивност – па макар тоа значело и регресивност – Апсурдистанците постојано нешто менуваа.

Еве, на пример, граѓанинот Гологазов си ги смени гаќите.

Граѓанинот Опозициски ја смени партијата.

Граѓанинот Шаренски менуваше влади за грантови (колку да не дојде до забуна, не беше во никакво сродство со извесен господин Ричард од пред многу векови, кој менуваше кралство за коњ!).

Граѓанинот Невладински си го смени името и стана Провладински.

Граѓанката Машкоданов си го смени родот.

Граѓанинот Дребнокурев си го смени полот.

Граѓанинот Трчилажев си ги смени чевлите.

Граѓанинот Сеирџиски ја смени кафеаната.

Граѓанинот Голтарски си ја смени банката.

Граѓанката Позерска си го смени статусот на Фејсбук.

Граѓанинот Апанажиев си ја смени фотелјата.

Граѓанката Алапачка си го смени мобилниот оператор.

Граѓаните Опозициски и Провладински (поранешен Невладински) си ги сменија имотните листови.

Граѓанинот Мрчало кога ги виде граѓаните Опозициски и Провладински на вести го смени каналот.

Граѓанинот Босоногов си ги смени чорапите.

Единствено граѓанинот Шљупков не смени ништо. Останатите граѓани ги обзеде демократски гнев и, предводени од цветот на прогресивното граѓанство, граѓаните Шаренски, Опозициски, Провладински и Апанажиев, го прогласија Шљупков за реакционер.

Тогаш граѓанинот Шљупков премина од реакционер во акционер и си живееше среќно и задоволно до крајот на животот.

Рајко Пеколски

КОЛУМНИ

Кики Стаматојани

„Ништо не се губи, ако барем еден човек се сеќава“

Ристо Цицонков

За некои термини во областа на енергетиката

Љубомир Николовски

НБА еволуција: од Џордан, преку Кари до Јокиќ, Дончиќ и Вембањама

Соња Стојадиновиќ

ЕУ и САД наспроти Кина

Данијела Зорчец

Справување со булингот кај децата со тешкотии во развојот

Бернд Ригерт

Западен Балкан остана без конкретни ветувања од ЕУ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ