петок, 18 октомври 2024

Акцелераторот во „8 Септември“ ќе проработи за шест месеци, во Битола и Штип не се знае кога, рече Таравари

Акцелераторот во ГОБ „8 Септември“ се очекува да профункционира за шест месеци откако ќе завршат потребните подготовки, најави денеска министерот за здравство Арбен Таравари по посетата на оваа градска болница. За акцелераторите во болниците во Штип и Битола, рече дека не се во функција, а кога ќе проработат ќе може да информира по посетите на овие две болници. Министерот останува на ветувањето дека сите податоци што ќе бидат собрани за акцелераторите, ќе бидат доставени до Јавното обвинителството кое ќе треба да провери дали има основ за кривично дело.

Фото: МИА

Објавено на

часот

Сподели

„За акцелераторот во ГОБ 8 Септември ни треба време, најмалку околу три месеци за да се направат одредени контроли од специјалисти по таа област, да ни кажат што недостасува и што треба да се инвестира. Не би рекол дека пред шест месеци би можеле да го ставиме во функција акцелераторот. Состојбата изгледа добра таму каде што е поставен акцелераторот, ние ќе дојдеме да го промовираме откако ќе бидат третирани двајца или тројца пациенти. Меѓутоа, дајте ни рок, барем шест месеци да ги направиме сите потребни подготовки за да може да функционира“, рече Таравари на новинарско прашање по посетата на оваа болница.

За акцелераторите во болниците во Штип и Битола, рече дека ќе може да информира по посетите на двете болници.

„За штипскиот сѐ уште немам информација. Мислам дека е нефункционален. Меѓутоа, дајте ми време да ја посетам болницата и да видам,  а во Битола се надевам дека за две недели ќе бидеме таму. И таму акцелераторот не функционира, меѓутоа амбулантата за среќа функционира. Да видиме што може од она што е останато да ставиме во функција“, рече Таравари.

Тој потврди дека останува на ветувањето дека сите податоци што ќе бидат собрани за акцелераторите, ќе бидат доставени до Јавното обвинителството кое ќе треба да провери дали има основ за кривично дело.

„Работат службите во министерството. За 8 Септември немав точни информации, тој е употреблив, само останува за Штип да видиме и за Битола. Во Битола е користен колку што знам, и сега ќе видиме колку може повторно да се активира, меѓутоа сите податоци ќе ги испратиме на крај онаму каде што треба. Тоа ни е обврска“, рече Тараври.

Акцелераторите за ГОБ „8 Септември“ и за болниците во Штип и Битола, вредни милионски суми, беа набавени пред околу една деценија, но досега воопшто не беа ставени во функција. Со набавката и ставањето во функција на овие медицински апарати треба да се овозможи пациентите болни од рак кои живеат во внатрешноста, да не мора да патуваат до Скопје за да примат радиотерапија. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ