среда, 23 октомври 2024
Реакции

Академик Божин Павловски: Подобро МАНУ да се укине одошто да стане етничка и политичка алатка

За три години МАНУ ќе влезе во седмата деценија од основањето. Ќе се види од синтезата дека остварила импресивни постигања во науките и уметностите. Раководена исклучиво од критериумите, дури и во последниве седум години кога беше трн во око на власта која го осакати  нејзиното финансирање, се вели во реакцијата на академикот Божин Павловски на најавата на коалицијата Вреди дека во Тетово ќе отворат албанска академија на науките и уметностите.

Објавено на

часот

Сподели

„Но, подобро е МАНУ да седне одошто да стане алатка за политичко и етничко пазарење. Тоа во науките и уметностите не е дозволено“, вели во изјавата за МКД.мк академик Божин Павловски.

На оваа најава на Вреди реагираа и нејзините коалициски партии од власта, ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ.

Науката не може да се етнизира, се вели во рекацијата на ВМРО-ДПМНЕ. „Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) е единствената институција која ја обединува македонската научна мисла и во нејзиниот состав има научници од различни етнички заедници“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Науката не смее да се политизира ниту пак да се етницира, таа има своја генеза и континуитет. Идеите и обидите на Вреди се резултат на постизборен популизам“, вели во писмената изјава претседателот ЗНАМ, Максим Димитриевски на иницијативата на коалицијтата Вреди за формирање Академија на науките и уметностите.

Реагираа и од ДУИ. „Така се случи со Музејот на слободата, Детскиот театар и десетици други општински импровизации кои служеа за општинска манипулација. Наместо да го преземат претседавањето со Државната академија за науки и уметности, да создадат простор за повеќе академици, да гласаат за законот што го предложивме додека го блокираа со ВМРО за правична и соодветна застапеност во МАНУ, тие дојдоа до ‘голема општинска идеја’ што уште повеќе ги понижува Албанците. Бегајте затоа што ја срамотите нацијата и оставате непоправливи последици! Граѓаните црвенеат од вашиот срам“, пишува во реакцијата на ДУИ.

Ставот на ДОМ е дека  иницијативата на Вреди не води до интеграција и создавање на граѓанско општество со еднакви можности за сите, туку до поголема сегрегација .

„Улогата  на МАНУ е да се промовора и негува науката и научните достигнувања како универзална вредност, која ги обединува сите етникуми не осврнувајќи се на политичките чинители во одреден момент“, се вели во реакцијата на ДОМ.

Академикот Владо Камбовски се изјасни против идејата за основање на aлбанска академија на науките и уметностите, нагласувајќи дека постоењето на таква институција во една држава е невозможно.

„Во една држава не може да има две национални академии. Во ниту една држава во светот не постојат две национални академии на науките и уметностите. Возможно е да се формираат, на пример, здравствени здруженија, но невозможно е да има две национални академии“, изјави академик Камбовски за ТВ 24. Тој истакна дека научните и уметничките институции треба да се основаат на општи научни и културни вредности, а не на етничка или политичка припадност, бидејќи тоа може да предизвика поделби и конфликти во научната заедница.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ