петок, 18 октомври 2024

Aхмети го официјализира Европскиот фронт со влез на Народно движење на Зејд

Со прес-конференција во Скопје на која говореше лидерот на ДУИ, Али Ахмети, официјализирана е изборната коалиција Европски фронт. Ахмети и Скендер Реџепи-Зејд, кој ја предводи новата партија Народно движење, потпишаа договор за изборна соработка во рамки на овој фронт за претседателските и парламентарни избзори. За Ахмети 8 мај ќе биде своевиден референдум за тоа дали Македонија цели или не кон ЕУ.

Фото: Скриншут

Објавено на

часот

Сподели

По размената на потпишаниот документ и ракувањето, Ахмети рече дека денеска е отворено ново поглавје со формирањето на Европскиот фронт. Тоа е иницијатива што докажува дека целиме на интеграциските процеси, нагласи лидерот на ДУИ.

„Европскиот фронт ги има сите интелектуални и политички капацитети да се соочи со сите предизвици и да ја води земјата кон евроинтеграциите и просперитет на државата за сите граѓани“, нагласи Ахмети.

Тој побара од сите граѓани да го поддржат Бујар Османи за претседател на државата, зашто, како што нагласи, Османи е најупатен во надворешната политика на земјата, тој стекнал бројни пријатели кои се политички фактори во светот, интелектуално е надмоќен и има силен интеграциски капацитет каков што ѝ е потребен на земјата која посакува членство во ЕУ.

„Не случајно ние сме се договориле и со Скендер Реџепи. Да за Европа, Не за Русија! Русија не е залак кој треба да се запостави, бидејќи е веќе во нашата земја, основала партија во нашата земја, има медиуми во нашата земја, основала милитанти во нашата земја кои сакаат да ни го попречат патот за кој сме силно определени дека ние сакаме мирен Балкан, чист Балкан, Балкан кој ќе се зачлени во НАТО, каде што сме ние, и во ЕУ. И затоа, ве повикувам како брат на брат за целосна мобилизација на 24 април“, рече лидерот на ДУИ.

Затоа, како што нагласи Ахмети, 8 мај, на вториот круг од претседателските избори и ден на парламентарните избори, ќе биде вистински референдум кој пат ќе го фати државата.

„Зошто Европски фронт? Заради евроинтеграцијата и затоа што живееме во едно време кога на глобално ниво работите тргнаа наопаку. Затоа што ние имаме капацитет за правилна политика во ова време. Немаме ништо против другите политички партии, но тие немаат капацитет да се соочат со овие работи што се случуваат кај нас и околу нас, затоа ова обединување е неопходно, не само од Албанците, туку и од останатите заедници“, рече Ахмети.

Тој најави дека ДУИ е во фаза на преговори со Алијанса за Албанците (од крилото на Села,н.з). со ДПА на Мендух Тачи и со Аријани Хоџа на Евроската демократска партија, како и со партии од турската и ромската етничка заедница.

Реџепи-Зејд во изјава на оваа прес-конференција рече дека е задоволен од договорот со Ахмети и оцени дека Европскиот фронт може да има историска димензија.

„Денеска се отвора поглавјето на Европскиот фронт, започнува патот кон европска иднина, иницијатива која, сигурен сум, ќе биде успешна. Да не заборавиме дека ДУИ има 22-годишно искуство во државните  политики, а ние можеме да бидеме од помош, зашто се потпираме на програма за семејството, за општеството и конечно, за  државата. Ние имаме моќ за победа во оваа лига, затоа што ние сме силни во суперлигата“, рече Реџепи.

На новинарско прашање дали би го прифатил назад во партијата Изет Меџити, Ахмети одговори преку порака до Меџити: „Машки нека си ги тера работите“.

Во конктест на изјавата на Крешник Бектеши со која испрати предизвик кој ќе изгуби на изборите да се повлече од политиката, како и дали ако ДУИ изгуби на изборите или можеби не формира влада би се повлекле од политиката, Ахмети упати на предлогот даден минатата година до ВМРО-ДПМНЕ дека ДУИ е спремна на истиот ден кога ќе стапат во сила уставните измени да ја напушти Владата доколку е тоа предуслов опозицијата да ги поддржи уставните измени.

„Од големо значење е Уставот да се промени, земјата да се зачлени во ЕУ. Овде сме за мисијата, и нашата мисија е ЕУ“, рече Ахмети не спомнувајќи можност ДУИ да загуби на изборите.

Прашан во однос на Законот за рестриктивните мерки по последното дополнување на „црната листа“ на Стејт департментот на САД, Ахмети рече дека Законот е во Собрание, но е блокиран, и изрази уверување дека во иднина ќе помине.

„Ние не ја оспоруваме одлуката на Стејт департментот апсолутно и ќе прифаќаме секаква проценка што ја прави Стејт департментот. САД за нас е најважниот стратешки партнер како што е и ЕУ“, рече Ахмети на прашање во врска со градоначланикот на Струга Рамиз Мерко, кој исто така се наоѓа на „црната листа“ на САД, а уште е активен.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ