сабота, 23 ноември 2024

Ахмети бара Бугарите да влезат во македонскиот устав, Мицкоски реплицира – тоа не е прашање за дневна политика

Денеска во седиштето на Демократската унија за интеграција, претседателот на ДУИ, Али Ахмети, остварил средба со новиот амбасадор на Бугарија во Скопје, Жељазко Радуков.

Објавено на

часот

Сподели

Во партиското соопштение за средбата се вели дека Ахмети и Радуков разговарале за преговарачката рамка на Европската Унија и интеграцијата на Македонија во ЕУ, како и за актуелната политичка состојба во земјата и регионот.

„Преговарачката рамка одобрена од Европската Унија е јасна и мора да се спроведе за да го продолжиме нашето патување кон Брисел.  Бугарската заедница во Северна Македонија е реалност и треба да биде вклучена во Уставот, а од ова никој ништо не губи, напротив, сите добиваат. Приоритет на ДУИ е токму продолжување на европскиот пат, затоа уставните измени мора веднаш да се случат бидејќи граѓаните очекуваат да станеме дел од Европската Унија“, му рекол лидерот на ДУИ на новиот бугарски амбасадор во Македонија.

Ахмети повтори дека Охридскиот договор, Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство се одредби на ДУИ и ќе се ангажира за нивна поддршка и имплементација.

Ахмети и Радуков разговарале и за политичката состојба во земјата, при што Ахмети говорел за тенденцијата на власта со моноетнички легитимитет и на надгласувачкиот Уставен суд целосно да го прекрши Охридскиот договор, неговиот дух и социјалната кохезија кај нас со наметнување етничка надмоќ.

„Ова е неприфатливо. ‘Чесните’ и претпочитани Албанци избрани од ВМРО ДПМНЕ се откажаа од Европа, но и од еднаквоста, омаловажувајќи ги и понижувајќи ги Албанците за нивните лични корумпирани мотиви“,  порачал Ахмети на средбата со бугарскиот амбасадор.

На изјавите на Ахмети пред бугарскиот амбасадор, „реплицираше“ премиерот Христијан Мицкоски, истакнувајќи дека „правата на бугарската заедница не се тема за дневна политика“, изразувајќи жалење што лидерот на ДУИ, Али Ахмети тоа го користи мислејќи „дека така ќе добие поен, да се вовлекува на соседите наместо со тие дома, со кои дели секојдневие“.

Мицкоски во реакцијата на средбата во Мала Речица посочи дека „неколку стотини граѓани во Македонија го користат бугарскиот јазик како мајчин јазик, и не можеме да кажеме дека тие не постојат. Исто како што седум-осум пати има повеќе Бугари во Албанија. отколку во Македонија“.

„И тоа е исто така реалност. Не можеме да кажеме дека тие не се реалност. Но исто така е реалност и македонската заедница во Бугарија. Ако ние зборуваме да ги вклучиме Бугарите во Устав сега, тогаш треба да зборуваме и да видиме какви права има македонската заедница во Бугарија и да ги споредиме реалноста на бугарската заедница кај нас и македонската заедница во Бугарија. И тогаш можеме да носиме вистински заклучоци. Тоа за мене не е тема за дневна политика. Тоа е тема за која треба да разговараме стратешки, со визија, затоа што таа тема треба на нас да ни го отвори и загарантира членството во рамките на ЕУ на основа на Копенхашките критериуми“, нагласи Мицкоски.

На „жалбата“ на Ахмети пред бугарскиот амбасадор за „чесните и претпочитани Албанци“, реагираа од коалицијата Вреди во соопштение со пет точки, порачувајќи му дека нема легитимитет да зборува ниту за Охридскиот договор, ниту за поранешните борци на ОНА, ниту а борбата против корупцијата, како ни за евроинтеграциите на Македонија, зашто за 22 години колку што ДУИ била на власт не успеале земјата да стане членка на ЕУ и затоа партијата треба да биде во опозиција.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ