„Ние ги сметаме за одговорни оние кои ја злоупотребуваат јавната доверба за лична корист. Јас претпоставувам дека институционални и законодавни реформи кои ќе ја зголемат транспарентноста и ќе ја зајакнат борбата против корупцијата ќе бидат добредојдени не само од меѓународната заедница, туку и од сите граѓани на Северна Македонија“, истакнува амбасадорката Агелер.
Овој нејзин коментар следува по најавените измени на Законот за рестриктивни мерки, со кои ќе се санкционираат македонските државјани и фирми кои ќе се најдат на американската и на британската „црна листа“.
Иако предлогот за измена на Законот за рестриктивни мерки помина на владина седница и покрај правните дилеми што ги посочи Министерството за правда, неизвесно е дали тие ќе бидат донесени од овој собраниски состав, имајќи предвид дека остануваат уште два месеца пред да почне кампањата за парламентарните и претседателските избори.
На „црната листа“ на САД се десетина сегашни и поранешни функционери, бизнисмени и компании. Меѓу актуелните фунцкионери на „црната листа“ се најде струшкиот градоначалник Рамиз Мерко од ДУИ, а на неа е и поранешниот вицепремиер за економски прашања и бизнисмен Кочо Анѓушев.
На американската „црна листа“ се и поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков, бизнисменот Јордан Камчев и рускиот бизнисмен Сегреј Самсоненко, кој има бизниси во земјава.