Одделот за интервентна радиологија, кој ги изведува сите процедури, е составен од високообучени експерти од областа на радиологијата, со акцент на интервентната радиологија и е целосно посветен на третманот на пациентите. Тимот е предводен од доц. д-р Александар Ѓорески, интервентен радиолог кој воедно е пионер во изведувањето на голем број интервентни радиолошки процедури во нашата земја.
„Горди сме што можеме да кажеме дека денес во ’Аџибадем Систина’ функционира еден единствен и сеопфатен центар за интервентна радиологија каде што се изведуваат буквално сите интервентни процедури, од биопсии и портови, преку дренажни процедури, аблации, езофагеални и билијарни стентирања, аблација на тироидеа, емболизации, хемоемболизации, периферни стентирања на артерии и вени, ТИПС, порто- мезентеријални интервенции, па сѐ до невроинтервенции, како што се: ендоваскуларен третман на мозочни аневризми, артериовенски малформации/фистули, тромбектомија, третман на спинални фистули и сл. Пациентите на едно место имаат можност да добијат буквално сѐ, од брза и прецизна дијагностика па сѐ до квалитетен третман“, вели доц. д-р Ѓорески.
Криоаблација – уништување на туморот без операција
Една од поновите аблативни процедури што со висок квалитет се изведува во болницата е криоаблацијата. Тоа е метод при кој се уништуваат туморските клетки по пат на смрзнување на ткивото. Се внесува тенка игла во туморот под компјутерска томографија, МРИ, под ултразвук или флуороскопија, а потоа иглите се поврзуваат на специјален апарат и продуцираат екстремно ниски температури директно во туморското ткиво од -20 до -40 и така настанува изумирање на туморските клетки, а околното ткиво останува здраво.
„Преку неколку циклуси на замрзнување и топење на мразот, туморските клетки изумираат и тоа нам ни овозможува по минимално-инвазивен пат да таргетираме тумори и на комплексни локализации во телото како што се: бубрезите, белите дробови, црниот дроб, коските, меките ткива, па во одредени случаи и на панкреасот. Во одредени случаи криоаблацијата се користи и во третман на бенигни заболувања, како што се: периферни артерио-венски малформации и хемангиоми, дезмоидни тумори и ендометриоза. Навистина сме единствени со криоаблација во државата, па и во регионот, бидејќи ова е модалитет што не е достапен ниту во Албанија, Косово, Србија, Бугарија. Горд сум на нашиот оддел и на тимот за интервентна радиологија, кој е сочинет од доктори, технолози, медицински сестри, болничари, кои за многу краток временски период ја совладаа и оваа техника и денес таа е рутинска процедура за нас“, вели д-р Ѓорески.
Невроинтервентна радиологија
Во Центарот за интервентна радиологија успешно се изведуваат и невроинтервентни процедури со кои се постигнува минимално инвазивен или ендоваскуларен третман на абнормалности на крвните садови на мозокот, кои можат да предизвикаат хеморагичен или акутен исхемичен мозочен удар.
„’Аџибадем Систина’ единствена во државата ги исполнува сите услови за да биде сеопфатен центар за третман на акутен исхемичен мозочен удар. Располагаме со брза и најсофистицирана опрема за дијагностика 24 часа секој ден во неделата, искусен медицински кадар за третман кој вклучува интравенска тромболиза, механичка тромбектомија и интензивна нега. Сето ова во една просторна единица и мултидисциплинарен тим невролози, неврорадиолози, радиолози, анестезиолози, неврохирурзи, кардиолози итн. Соодветните кадровски, материјални и организациски услови овозможуваат најбрз проток од почетокот на симптомите до крајниот третман кој според светските стандарди не треба да е повеќе од еден час или од пристигнување во ургентен центар до третман, некогаш дури и 30 минути“, вели д-р Ѓорески.
Во болницата се изведуваат сите типови минимално инвазивен третман на мозочни аневризми, артериовенски малформации и фистули, стенози и тромбози на мозочни и вратни артерии и венски синуси, како и спинални интервенции, емболизации на тумори и крвавења на глава и врат. Она што е особено важно да се напомене дека и третманот на хеморагичните мозочни удари кои се предизвикани од васкуларни абнормалности се изведува во првите 24 часа во кои е вклучен искусен тим од неврохирурзи и интензивисти.
Радиофрекфентна аблација на јазли тироидна жлезда
Микробрановата или радиофреквентна аблација е новина во третманот на јазли на тироидната жлезда во светски рамки, а од неодамна клиничката болница „Аџибадем Систина“ е пионер во изведувањето. За изведување на радиофреквентна аблација на нодуси во тироидната жлезда, мора да постојат строго поставени индикации, а тоа е, пред сѐ, биопсијата што е негативна за малигнитет, потоа големината на јазолот и неговата поставеност, дискомфорот.
Аблацијата на тироидни нодуси е погодна и за пациенти што се со зголемен ризик од компликации при хируршка интервенција, како што се постари лица или лица со посериозни коморбидитети. Таа е погодна за пациенти што сакаат да избегнат операција, а со тоа да избегнат и целосна анестезија и болничко лекување. Оваа постапка е помалку инвазивна, овозможува побрзо закрепнување и има низок ризик од компликации. Конечната одлука за тоа дали да се примени аблацијата како метода ја носи мултидисциплинарен тим од специјалист тироидолог, интервентен радиолог и хирург специјалист по градна хирургија.