среда, 23 октомври 2024

Адвокатите се против скратувањето на рокот за застарување на долговите

Законот за облигациони односи во делот кој предвидува застареност на долговите е дискриминирачки и спротивен на Уставот. Со наведените измени се наруши правниот ред и поредок, се поттикна финансиска недисциплина, при што должниците се ставија во привилегирана положба, наспроти доверителите, а се наруши и финансиската стабилност на државата, пишува во соопштението што денеска до јавноста го испрати Адвокатската комора. Со измените на Законот за облигационите односи, според членот 368, за кој реагираат од Адвокатската комора, се предвидува сите побарувања што се утврдени со правосилна судска одлука или со одлука на друг надлежен орган или со порамнување пред суд или пред друг надлежен орган, застаруваат за пет години, од моментот на нивната извршност, како и побарувањата за кои во согласност со законот се предвидува пократок рок за застареност.

Објавено на

часот

Сподели

Според Уставот, правото на сопственост е загарантирано право на секој граѓанин и правно лице. Уставот е највисок правен акт во државата, па оттука сите законски, подзаконски акти и други пишани правила треба да бидат во целосна согласност со овој правен акт, реагираат од Адвокатската комора.

„Искрено се надеваме дека Уставниот суд, со целокупниот свој професионален интегритет и капацитет, внимателно ќе ги разгледа новите иницијативи кои се однесуваат на овој член и во скор рок ќе го разреши овој правен проблем, кој во пракса создава низа проблеми, за граѓаните, компаниите и институциите“, подвлекуваат од Адвокатската комора на Македонија.

Измените на законот за облигациони односи (ЗОО), велат оттаму, се спротивни на основните темелни вредности на Уставот и во праксата создаваат низа проблеми. Одредбите од член 368 од ЗОО, донесените измени, се во директна спротивност со Законот за извршување, според кои, а согласно член 93 и 111, извршителот не може да го запре извршувањето поради апсолутна застареност на извршување.

„Покрај другите проблеми што ги предизвикаа овие законски измени, се појавуваат и низа прашања, како на пример, што ќе се случува со данокот на додадена вредност и другите даноци кои фирмите ги плаќаат однапред, пред да го платат долгот? Ова особено се однесува на данокот на добивка. Како резултат на ваквите законски измени фирмите се доведуваат во ризик и од намалување на ликвидноста. Физичките лица односно граѓаните, кои не можат да ги наплатат своите побарувања, ќе изгубат пари или други добра, што ќе придонесе за зголемување на социјалните случаи“, реагираат од комората.

Адвокатската комора извршила и компаративни анализи на законските решенија што ја регулираат оваа област во другите држави. Според добиените резултати, анализите покажале дека многу од земјите како што се Хрватска, Босна и Херцеговина и други ги имаат истите одредби како што беа претходните одредби во Македонија.

„Исто така, комората напоменува дека доколку доверителите поднесат тужби пред судот во Стразбур, согласно воспоставената пракса на судот, извесно е дека ќе се утврди повреда на правата од Европска конвенција за заштита на човековите права и државата ќе биде таа која ќе ги плаќа штетите.  Ова значи дека сите граѓани во ќе ги плаќаат долговите на неплаќачите. Исто така, новите законски одредби се спротивни и на меѓународното право, бидејќи постои судска пресуда од Европскиот суд за човекови права, донесена за случајот ‘Бочварска против Република Македонија’, каде судот се произнел дека побарувањата мора да се третираат како сопственост“, велат од Адвокатската комора.

Во јули 2023 година Собранието ги донесе измените на Законот за облигационите односи и за извршување.

Со измените на Законот за облигационите односи, според членот 368, за кој реагираат од Адвокатската комора, се предвидува сите побарувања што се утврдени со правосилна судска одлука или со одлука на друг надлежен орган или со порамнување пред суд или пред друг надлежен орган, застаруваат за пет години, од моментот на нивната извршност, како и побарувањата за кои во согласност со законот се предвидува пократок рок за застареност.

„Сите повремени побарувања, коишто произлегуваат од одлуки или порамнувања предвидени во ставот 1 на овој член и достасуваат во иднина, застаруваат во рокот предвиден за застареност на повремените побарувања. Застареноста на правосилна судска одлука или со одлука на друг надлежен орган, или со порамнување пред суд или пред друг надлежен орган прекинува со поднесување барање за извршување пред надлежен извршител, при што почнува да тече одново застареноста, која во извршната постапка трае десет години од моментот на поднесеното барање за извршување“, пишува во Законот за обилгационите односи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ