понеделник, 21 октомври 2024

Адеми останува на чело на Врховниот суд, го „преживеа“ барањето за нејзина одговорност

Судијката Беса Адеми останува на чело на Врховниот суд откако денеска Судскиот совет со мнозинство од 7 гласа за и 4 против одлучи да ја запре постапкта за нејзино разрешување што ја покрена членот на Советот, Миљзим Мустафа. На моменти во тензична и напана атмосфера мислењата на членовите на Судски совет во врска со одговорноста на Адеми, беа поделени. Во изјава за МКД.мк судијката Беса Адеми изјави дека одлуката на Судскиот совет е правична и праведна и дека ова е голем ден за македонското судство.

Објавено на

часот

Сподели

Според подносотелот на барањето за разрешување, Миљзим Мустафа, причини за разрешувањето на претседателката Адеми се тоа што таа не дошла на 21 седница на Судскиот совет, во период од шест месеци (мај-октомври) 2023 година и при тоа за отсуството не доставила докази, како и поради тоа што не се одѕвала на поканата на Судскиот совет да дојде на работен состанок за да објасни кој врши политички притисоци врз работата на Врховниот суд, изјава што претходно Адеми ја даде за медиумите. Со образложение дека не сака да влијае наколегите, за време на расправата Мустафа не беше присутен на седницата.

Обвинувања за двојни аршини и различни ставови зад и пред јавноста

Што точно се случувало на стручните колегиуми кога било поствено прашањето за одговорност на Адеми јавноста останува да знае само според искажувањата на неколкумина членови кои гласаа за утврдување одговорност кај претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми.

Најдиректна беше членката на Судскиот совет Лорета Георгиева која меѓу другото рече дека е запрепастена од „ретерирање во дискусиите бидејќи едно се говорело на работни колегиуми, а друго пред јавноста“.

„Многу е интересно што денеска имаме барње за утврдување одговорност за претседателот на Врховниот суд. Знаеме кога истата активно учествуваше на седниците на кои се однесуваше на начин кој недоликува на претседател на Врховен суд, со навреди, омаловажувања на адреса на Судскиот сове, на членовите и на конкретни претседатели. Но очигледно таквото нејзино однесување беше под заштита на некои членови на Советот. Лично очекував и сметам дека Судскиот совет тогаш требаше да ѝ поднесе барање за утврдување на одговорност за недолично однесување. Имаше и други барања за одговорност за истиот претседател на Врховниот суд ама тие останаа во нечии фиоки. Во многу наврати имаше селективна правда на адреса и во полза на овој претседател на суд во споредба со други претседатели. Убаво е да се слушаат убави говори но реалноста е нешто сосема друго“, рече Георгиева.

Сличен став имаше и нејзиниот колега Селим Адеми кој кажа дека жали што надвор од јавноста сите биле едногласни дека треба да се утврди одговорност кај Адеми што не значи и нејзино разрешување затоа што има и други мерки, а пред јавноста се говори нешто друго. Тања Чачарова-Илиевска, која исто како и Георгиева и Селим Адеми гласаше за утврдување одговорност, од Судскиот совет побара на претседателката на Врховниот суд да ѝ биде изречен јавен укор или опомена поради, како што кажаа таа, игнорирање на обврските на Адеми како член на Судскиот совет.

„Работата на Судскиот совет е малку посериозна од недоаѓање на седници и нејавување на телефон на претседателот на Советот, затоа што таа ги надминала притисоците. Мислам дека во конкретниов случај имаме состојба во која претседателот на Врховниот суд не го почитува Уставот и јас не можам да прогледам низ прсти за такво нешто. Мојот став е дека се сторени сериозни повреди и дека постапувајќи во случајов спротивно на Законот за Судски совет е направена повреда од страна на претседателот на Врховен суд, односно ги пречекорила и повредила законските овластувања“, рече Чачарова Илиевска.

Судскиот совет не барал докази за недоаѓањето на Адеми на седниците 

Наспроти ваквите ставови, мнозинството сметаше дека постапката треба да се запре и да се земат предвид сите околности помеѓу кои намерата на претседателката и нејзините обврски како претседател на Врховен суд.

Антоанета Димовска рече дека смета дека во случајот нема повреда на овластувањата и е неопходна соработка помеѓу Судскиот совет и Врховниот суд.

„Ние не сме непријатели на судиите, секој од нас по закон и устав има строго определено место, ајде да се почитуваме, и да ја работиме работата така како што треба“, рече таа, нагласувајќи дека ќе гласа за запирање на постапката.

Доскорешниот претседател на Судскиот советСашко Георгиев апелираше да се најде решение за улогата и учеството на членовите по функција во Судскиот совет и изрази задоволство што со овие случувања, како што рече, „работите се движат напред“, но, дополни дека Законот и Уставот остануваат да важат.

Според претседателката на Судскиот Совет, Весна Дамева, причините за недоаѓање на Адеми се оправдани, затоа што, како што рече, таа тоа го оправдала.

„Причините се оправдани затоа што ние тоа сме го оправдале. Нема нотирано на записници дека не е оправдано, немаме барано навремено докази“, рече таа.

Таа рече дека смета дека изјавата за притисоци што Адеми ја даде во новинарско интервју е само начин да се заштити себе си и посочи дека ќе гласа за запирање на постапката.

Во изјава за МКД.мк судијката Беса Адеми изјави дека одлуката на Судскиот совет е правична и праведна и дека ова е голем ден за македонското судство.

Претседателката на Врховен суд, Беса Адеми, се вклучи во работата на Судски совет со нејзиното присуство и учество на 472 седница одржана на 11 јануари. Ова следуваше по јавната седница што се одржа на крајот од декември лани, кога Судскиот совет одржа расправа за иницијативата поднесена од членот на Советот, Миљазим Мустафа, за утврдување одговорност на Адеми.

 

 

Според Законот за Судски совет, претседателот на Врховниот суд и министерот за правда се членовите на Советот по функција, учествуваат во работата на Советот но немаат право на глас и не учествуваат во работата на седниците на Советот на кои се расправа и одлучува за поведена постапка за утврдување на одговорност, избор или разрешување на судија или претседател на суд.

И.О.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ