„Замислете како една мајка се чувствува и после девет години да не е пронајден убиецот на нејзиниот син. Барам од државата да го пронајде убиецот Бојан Угреновиќ кој како да пропадна во земја, па не можат да го најдат. А и да се преиспитаат сите кои учествуваа во судскиот процес и кои го пуштија убиецот на слобода. Јас девет години немам никакви информации од институциите”, вели мајката ни Димитар, Драгица Матилоска.
Правда за Димитар бараат и неговите најблиски другари кои за да го свртат вниманието на јавноста и надвор од границите на државава, самоиницијативно учествуваа на белгратскиот маратон, носејќи маички со ликот на Димитар.
„На сите им докажаа што значи другарство, како се сака другар кој свирепо беше убиен. Покажаа дека насилството не се решава со насилство”, вели мајката.
Семејството на Димитар има оштетно побарување од 10 милони денари кое никогаш не го доби. Ништо не може да ја ублажи болката, нити да го врати Димитар, но само со вака високи суми, младите ќе се вразумат дека со тупаници и одземање на недолжни животи не се постигнува ништо, вели Матилоска.
„Со тие пари сакав да направам спомен чешма на која ќе пишува ‘Стоп на насилството’, а останатите пари да ги дадам за лекување на болни дечиња. Мајката на Димитар моли да биде пронајден убиецот на нејзиниот син и да биде спроведен во прилепскиот затвор за издржување на затворска казна од 16 години.