Од новите 72 случаи, девет се задржани на болничко лекување. Станува збор за седум деца на возраст под една година и по едно лице од возрасната група од 15 до 19 години и од 20 до 29 години. Возраста на новитезаболени се движи од 0 до 44 години, а најголем број на случаи се од возрасните групи деца од 10 до 14 години.
„Заклучно со 21 март се регистрирани вкупно 287 случаи на голема кашлица. По однос на место на живеење, најмногу од нив се во Скопје – 247 (86,1 проценти) 12 во Куманово, 11 лица се од Тетово, во Битола 6, Гостивар три, по два во Дебар и Струга и по еден случај е регистриран од Струмица, Крива Паланка, Кавадарци и Кочани. Заболените се на возраст од 1 месец до 78 години. Најголем број заболени припаѓаат на возрасната група од 10-14 години, потоа се децата на возраст до 4 години, а 41 случај припаѓаат на возрасната група под 1 година, а 32 се деца на возраст од 1 до 4 години“, пишува во извештајот на ИЈЗ.
Од вкупниот број регистрирани случаи – 287, 157 случаи или не биле вакцинирани, не се комплетно вакцинирани согласно возраста или нема доказ за вакцинација. Од случаите кои се комплетно вакцинирани, просечно поминато време од последната доза на вакцина до заболување изнесува 12,6 години.
Од заболените, 44 лица се хоспитализирани, од нв 38 се на возраст до 4 години.
„Согласно препораките од Комисијата за заразни болести и Институтот за јавно здравје, во периодот од 18 јануари 2024 досега, сите вакцинални пунктови во земјата, во соработка со епидемиолошките служби од ЦЈЗ, вршат интензивно избарување на неевидентирани, невакцинирани и некомплетно вакцинирани лица, како и на лицата кои подлежат на редовна вакцинација, со цел нивно повикување и вакцинирање согласно националниот Календар за имунизација“, се истакнува во извештајот на ИЈЗ.
Согласно податоците доставени од ЈЗУ Здравствен дом – Скопје, од Службите за вакцинација (Гази Баба, Чаир, Карпош, Кисела Вода и Центар) е утврдено дека се пронајдени 15.067 деца пропуштени за вакцинација. Oд нив вакцинирани се 8.243. Од вакцинираните, најголем број и процент примиле прва ревакцина – 4.423.
„Согласно возраста и Календарот за редовна вакцинација, вакцинирани се 9.895 деца на возраст до 7 години, а најголем број и процент – 5.813 од вакцинираните деца примиле прва, втора и трета доза на примовакцинација. Вкупниот број на дози вакцина која содржи компонента против голема кашлица, дадени како примовакцинација (I,II,III доза) или ревакцинација (I,II ревакцина) на територија на Скопје во периодот од 18 јануари до 21 март 2024 изнесува 14.483“, појаснуваат од ИЈЗ.
Во државава, без Скопје, од доставените податоци од центрите за јавно здравје, пронајдени се 7.929 деца пропуштени за вакцинација, од нив се вакцинирани 3.914. Од вакцинираните, најголем број и процент примиле прва ревакцина – 2.075 или 53 проценти.
-Согласно возраста и Календарот за редовна вакцинација, вакцинирани се 10.569 дете на возраст до 7 години, а најголем број и процент – 5.398 или 51,1 проценти од вакцинираните примиле I и II доза на ревакцина. Вкупниот број на дози вакцина која содржи компонента против голема кашлица, дадени како примовакцинација (I,II,III доза) или ревакцинација (I,II ревакцина) во периодот од 18.01 до 21.03.2024 изнесува 14.483, се додава во извештајот на ИЈЗ.