Вакцината против големата кашлица е најдобрата превентива, потсетува Центарот за јвано здравје и апелира до родителите да се вакцинираат нивните деца. Како што нагласуваат, вакцината која се прима на 2,4,6,18 месеци и на 7 години е клучна за да се спречи понатамошно ширење на болеста.
Според Институтот за јавно здравје, заболените лица се на возраст од 1 месец до 23,5 години (медијана 2,5 години). Најголем број заболени се деца на возраст до 4 години.
Институтот упати препорака до сите матични лекари при прегледи задолжително да го проверуваат вакциналниот статус на сите деца до 14 годишна возраст и сите пропуштени и невакцинирани деца да ги упатуваат на вакцинација. Секој сомнителен случај на бактеријата да го упатат на тестирање и потоа да го пријават.
Се нагласува дека „браната“ против големата кашлица е 95-процентен опфат со вакцината. Пунктовите во здравствените домови работат со продолжено работно време.
УНИЦЕФ изрази загриженост од растечкиот број случаи на голема кашлица во земјата и од вестите за случаи со мали сипаници во регионот и се придружи кон повикот на здравствените експерти, до родителите и старателите, да ги вакцинираат децата што пропуштиле вакцинација.