вторник, 18 февруари 2025

206 луѓе земале плата од ПИОМ, а ниту работеле ниту потпишале договор за работа, утврди ДЗР

Лани во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) биле ангажирани 206 луѓе со договор на дело за период од два до 12 месеци, за кои биле потрошени над 800.000 евра, а тие воопшто не доаѓале на работа, утврди Државниот завод за ревизија (ДЗР) во најновиот извештај за работата на ПИОМ во 2023 година. Истовремено, констатирал ДЗР, во договорите со нив не била предвидена обврска да доставуваат извештаи за извршената работа, а поголем дел од договорите не биле ни потпишани.

Објавено на

часот

Сподели

„Во текот на 2023 година ангажирани се 206 физички лица со договор на дело за период од два до 12 месеца, за кои Фондот има обезбедено согласности од Министерство за финансии врз основа на член 9 од Законот за трансформација на работен односсогласно кој институциите можат да ангажираат лица над еден процент од вкупниот број на вработени и со поголемо времетрање врз основа на обезбедена согласност од МФ. Лицата се ангажирани за извршување на работни задачи согласно систематизацијата на работни места на Фондот, за кои исплатени се средства во износ од 50.377 илјади денари“, се наведува во извештајот на ДЗР.

Ревизорите утврдиле дека на поголем дел од ангажираните договорите им престанале во јуни 2024 година. Но, притоа нагласуваат дека со извршениот увид во доставената документација биле утврдени бројни нерегуларноти.

„Иако лицата се ангажирани за извршување на работи и работни задачи согласно актот за систематизација не е извршено соодветно пополнување на испразнетите работни места при што на одредени работни места постои недостаток, а на други превработеност. На ревизијата не и е презентирана евиденција за присуство на ангажираните лица поради што постои можност од исплата на парични средства на лица кои не биле присутни на работните места и не ги извршувале работните обврски во Фондот во согласност со склучените договори“, велат од ДЗР.

Ревизорите укажуваат и дека не постои евиденција за присуство на ангажираните поради што постои можност од исплата на пари на луѓе што не доаѓале на работа.

„Во договорите не е предвидена обврска ангажираните лица да доставуваат извештаи за извршената работа, што не обезбедува уверување во однос на исполнувањето на нивните работни задачи и обврски за кои се ангажирани, при што поголем дел од договорите не се потпишани од страна на извршителите“, се наведува во извештајот на ДЗР.

Во него уште е забележано дека ПИОМ лани собрал рекордни 63 милијарди денари од придонеси, но 33 проценти од потребните пари за исплата на пензиите биле покриени со државни трансфери. Причина за тоа е недоволниот број активни осигуреници, трошоците за еден пензионер во просек ги покриваат двајца вработени.

Освен ова, ДЗР во својот ревизорски извештај забележал уште десетина други нерегуларности во работата на ПИОМ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ