Една од традициите за сеќавање на Тоше е маратонот кој маратонците од Нова Градишка го трчаат до Крушево. И оваа година четиринаесет учесници го трчаат 17-тиот маратон во чест на Тоше.
Маратонот почна завчера од Нова Градишка, пред неговото спомен обележје, а денеска, на годишнината од неговото загинување, ќе пристигнат во Крушево.
Се очекува маратонците да пристигнат околу пладне во Крушево, каде ќе бидат пречекани од учениците од основното и средно училиште кои ќе даруваат 500 рози во чест на Тоше Проески.
Крајната цел на маратонците е вечното почивалиште на Тоше Проески, споменичното обележје на Гумење во Крушево.
По повод 17 годишнината од смртта на Тоше, Скопскиот Брас Квинтет во соработка со Скопскиот Брас Фестивал, ќе одржи два концерта во Хрватска.
Едниот концерт ќе се одржи вечер во македонската православна црква Св. „Злата Мегленска“ во Загреб, а на 18. октомври концерт ќе биде одржан во ХКД на Шушак во Ријека.
Во Националната опера и балет во Скопје, на 12-ти овој месец, беше одржан интернационален натпревар во пеење „Песните на Тоше Проески“, во организација на Естрада Мултимедија Центар.
На настанот учествуваа млади музичари од нашата држава, од Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Русија, Украина, Малта и Израел, кои беа оцененувани од страна на жирито составено од бендот на Тоше.
Животот на Тоше заврши во годината кога одбележуваше десет години успешна кариера и кога таа почна да станува меѓународна. Но албумот на англиски јазик што го подготовуваше беше постхумно промовиран (The Hardest Thing).
Тодор Проески – Тоше е роден на 25 јануари 1981 и својот музички талент го покажал уште како петтоодделенец на фестивалот „Златно славејче“ (1992) каде испеал песна на влашки јазик.
Музичката кариера ја почна со победата на „Мелфест“ во Прилеп, во 1997 година, и оттогаш настапуваше на сите значајни фестивали во земјава и регионот, а во 2004 ја претставуваше Република Македонија на Евровизија во Истанбул. Таа година стана и амбасадор на УНИЦЕФ.
Проевски објави седум албуми – неколку и во превод на српски/хрватски јазик. Последниот – „Игри без граници“ беше промовиран две недели пред несреќата, а последниот концерт, кој беше хуманитарен и за подобрување на условите во образованието во Македонија, го одржа на Градскиот стадион на 5 октомври 2007.