Проектот за изградба на фекалната канализација во село Мустафино е повеќегодишен и е финансиран од Министерството за животна средина и просторно планирање, кое има склучено Договор во вредност од 32.5 милиони денари за изведба и Договор во вредност од 165 илјади денари за вршење на стручен технички надзор.
„Она што сакам да го истакнам е дека проектот се реализира и побрзо од предвидената динамика. Степенот на реализација на градежните работи изнесува 82 проценти од целокупниот проект“, изјавил министерот Меџити и информирал дека во оваа општина и преку Европската инвестициска банка ќе се инвестираат средства во водоводната инфраструктура.
Инвестициите се во висина од над 738 илјади евра за проектите: изградба на фекална канализација село Кадрифаково, фекална канализација село Сопот, водоводна мрежа во место викано „Мало Стопанство” и реконструкција на водоводна мрежа на дел од улиците Кумановска и Ќиќевачка.
Градоначалникот Дејан Владев се заблагодарил на огромната помош добиена, како од Министерството, така и од Владата, а информирал дека општина Свети Николе на новиот повик од Владата ќе аплицира со проект за водоводна мрежа во м.в. Кнежевски пат, со што, како што истакнал, оваа општина трајно ќе го реши проблемот со водоснабдувањето и ќе обезбеди современи услови за живот на населението.
Тој најави дека изведбените работи за фекалната канализација во село Мустафино се очекува да завршат до мај/јуни годинава.