четврток, 31 октомври 2024

101 година од масакрот во село Гарван

Пред 101 година, на 2 март 1923 година во село Гарван, Радовишко, извршен бил масакр врз 28 селани од страна на српската војска предводена од жупанот Добрица Матковиќ. На тој ден околу 11 часот во селото пристигнало едно оделение од српската војска и се распоредиле низ селото вршејќи претрес по куќите барајќи некои од комитите.

Објавено на

часот

Сподели

Со помош на селскиот кмет, војниците успеале да соберат 28 селани од нивите и ги донеле сред село. Меѓу собраните мажи имало и две деца на возраст од 12 и 13 години. Жените биле отстранети од собирот, а мажите биле однесени на патот кон Штип. Кога се оддалечиле на 2-3 километри од селото, кај полјаната наречена Чука, жупанот Матковиќ им рекол: Еј вие Бугари кажете каде се комитите и каде се кријат? Ние не сме Бугари, ниту пак Срби, ние сме Македонци-Гарванчани и не знаеме за никакви комити, одговориле селаните. Жупанот веднаш наредил селаните да се стрелаат. Телата на убиените шест дена биле чувани од српската војска. Баба Цвета Томова на возраст од 65 години станала 29-та жртва на масакрот откако ја видела глетката.

Колежот бил извршен од воена единица на Кралството на СХС по наредба на жупанот на Брегалничкиот округ, Добрица Матковиќ, како одмазда за смртта на колонистите во селото Кадрифаково, Светиниколско, убиени од четата на ВМРО на 16 јануари 1923 година.

Седмиот ден дошле селани од соседните села кои ги погребале мртвите тела. Жртви на ова злосторство се: Тане Иванов (50 години), Пане Коцев (28), Петруш Иванов (47), Стојан Филипов (25), Димитар Иванов (41), Доне Василев (29), Петруш Атанасов (21), Иван Василев (35), Георги Милев (32), Моне Василев (12), Евтим Трајанов (30), Мите Здравев (19), Стевко Трајанов (39), Димитар Колев (37), Петруш Велинов (35), Атанас Колев (13), Костадин Здравев (18), Богатин Георгиев (23), Христоман Поцев (59), Петре Георгиев (40), Георги Донев (31), Јане Поцев (59), Тасе Евтимов (52), Ефтим Петрушев (20), Трајан Тасев (23), Васил Симеонов (27), Стое Коцев (34) и Костадин Цветков (31).

Стравот бил голем да се зборува за Гарванската голгота тогаш кога Македонија била српска, а уште пострашно било да се зборува за време на ФНР Југославија бидејки таквите ги осудувале на казна затвор.

Овој настан ретко се одбележува и многу малку се знае за него.

Селото Гарван се наоѓа под падините на планината Серта, помеѓу Штип-Радовиш-Неготино. Денес е тешко да се стигне до селото, патот е тешко преоден во должина од 3 километри.

Лани Сојузот на здруженијата на борците од НОВМ и нивните поддржувачи од општините Радовиш и Конче организираа одбележување на 100 – годишнината од масакрот во село Гарван, Општина Конче.

Во 1900 година селото имало 270 жители, сите Македонци.

Според пописот во 2002 година, селото Гарван имало 11 жители, од кои 10 Македонци и 1 Србин. Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 3 жители, од кои 1 Македонец и 2 лица без податоци.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ