петок, 26 јули 2024
Наташа Јовановиќ Мартинс

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Зурли и тапани за Македонија

Па можеше ли повеќе врева да се направи околу заклетвата на претседателката Сиљановска-Давкова од онаа на македонските медиуми, пред сѐ телевизиските.

Во сенка ги втурнаа есенцијалните промени кои се случуваат во македонското општество, го игнорираа огромниот чекор кој го направија граѓаните во искажување на демократска зрелост во расудувањето покрај енормниот напор на претходната владејачка гарнитура да креира лажна претстава за тогашната опозицијата, а сега влада во најава, како неевропски елемент во македонскиот политички пат. За секоја пофалба е способноста на големото мнозинство гласачи кои донесоа суд по сопствено политичко убедување и не подлегнаа на интензивниот медиумски притисок кој се создаваше во изминатите речиси две години.

Македонија избра жена за претседател, прва во нашата историја, која ќе ја води државата, но не смееме да го запоставиме фактот дека во македонската историја се испишани не мал број на имиња на жени кои придонеле да уживаме во придобивките од тоа што имаме своја сопствена татковина. Во контекст на војната која беснее на блискиот исток ние, Македонците особено, секојдневно треба да си го споменуваме овој факт. Но мене лично, иако и самата сум жена, многу повеќе ме радува тоа што после претседателот Глигоров конечно и повторно ќе имаме државник кој инспирира почит и доверба меѓу граѓаните, а од друга страна достоинствено ќе ја претставува Македонија во светот. И сето ова беше помалку важно за повеќето телевизиски медиуми од заклетвата на претседателката Сиљановска во која таа одлучи да ја ослови нашата држава онака како таа и повеќето граѓани милуваат, Македонија. И наместо пофалби од страна на медиумите за овој прв и храбар чекор на новата претседателка, таа беше ставена на медиумска гилотина од македонските новинари. За волја на вистината многу од нив не ја пропуштаа приликата и во ТВ дебатите да ја конфронтираат професорката Сиљановска со овој нејзин став. Но, сето некако можеше да се препише дека е прифатливо знаејќи дека медиумите во изборите гледаат своевиден ТВ спектакл или ако го нема се трудат да го искреираат.

Но тажно и жално е да се види грубоста со која го искористија овој историски момент и го претворија во храна за Грција. Некои од нив отидоа чекор понапред и пласираа темна политичка иднина за Македонија обременета со ново вето од Грција инсинуирајќи притоа директна одговорност кај претседателката Сиљановска.

Невозможно беше Грција дипломатски да го премолчи овој момент кога нашите ТВ новинари удрија зурли и тапани на најгласно околу зборот Македонија и не ѝ оставија простор на претседателката уште во првите моменти од својот мандат да одговори на притисокот кој се очекуваше да дојде од ЕУ. Македонските медиуми во потрага по сензационализам, само така сакам да си го објаснам овој потег, одиграа улога на катализатор во целата оваа помпа која се крена околу зборот Македонија. Би било многу корисно кога во потрага по сензација истите тие новинари да прошетаат до Грција и да му презентираат на македонскиот аудиториум барем еден доказ дека грчката страна испочитувала барем една ставка од Преспанскиот договор. Но, тоа би било попусто бидејќи нема таков  доказ. Напротив, Грција продолжува да користи пежоративно име за Македонија нарекувајќи нѐ СКОПИА што многу од нас мислат дека значи Скопје, но всушност е дезигнација за Скопје во множина или скопјиња во буквален превод.

Грција не сака да нѐ удостои и да го испише ни името на нашиот главен град во согласност со меѓународните стандарди, а не пак да не ослови со новото уставно име РС Македонија.

Претседателката Сиљановска како легалист по вокација со меѓународен кредибилитет подобро од сите ги познава обврските и правата на двете страни од Преспанскиот договор и навистина е трагично да наиде на ваков дочек од страна на македонските новинари, секоја чест на исклучоците.

Јас нема да се осмелам како некои кои даваат правно толкување на Преспанскиот договор без да бидат квалификувани за истото, но ќе го дадам моето видување од перспектива на македонски граѓанин кому сѐ уште му значи татковината. Иако и јас како и многу други сме расеани по светот, подеднакво сме загрижени за Македонија. Можете да поседувате пет странски државјанства, да бидете граѓанин на планетата Земја, но на крајот на денот или животот татковина имате само и само една (ова за оние кои веднаш ќе го вклучат копчето на критика против дијаспората).

Преспанскиот договор за мене претставува еден голем неуспех на македонската дипломатија и тотален дилетантизам од аспект на меѓународното право. Договорот беше потпишан во еуфорија на европска перспектива од која пет години подоцна на македонските државјани им остана само сметката која сами треба да ја платат за нивно преименување по туѓа волја и очигледно не во нивен интерес. Може да се согласиме дека со Грција, земја членка на Европската Унија од 1981, немавме друг избор. Но да прифатиме да разговараме на темата „име на државата“ заради наша интеграција во ЕУ, се поставува прашањето како тоа неколку држави членки на ЕУ на своите граници имаат региони или провинции кои се нарекуваат исто како и други земји членки, како на пример провинцијата Луксембург во Белгија или Бретања во Франција. Фландрија се простира на територија на Белгија и Холандија, но никому не му паѓа на памет да го присвои топонимот и да го патентира како свој. Напротив, Фламанците се многу горди на својата територија, јазик и култура за кои во секоја прилика потенцираат дека се разликува од холандската и притоа не постојат никакви обиди од Холандија за асимилација. Напротив, Холанѓаните се многу горди на своите фламански соседи иако во јазична смисла фламанскиот и холандскиот јазик во пишана форма не се разликуваат, но никој не праќа дипломатски ноти кога Фламанците отворено и без страв го нарекуваат јазикот на кој зборуваат фламански и покрај фактот што всушност фламанскиот официјално е холандски.

Интересно е како фламанските новинари сѐ уште не се сетиле како нивните македонски колеги да удрат по зурли и тапани околу тоа што и самите го нарекуваат јазикот на кој зборуваат фламански или нивната национална гордост и самоопределба е посилна од каква било можност за иритација на нивните први и многу побројни соседи Холанѓаните. Напротив, и двата народа живеат во слога и почит едни кон други со сите сличности и особености кои ги имаат. Во разговор со политичари кои припаѓаат на десниот и ултра-десниот политички спектар од фламанската политичка сцена и кои се залагаат за финансиско осамостојување на Фландрија од остатокот на Кралството Белгија најголема навреда е ако имплицирате можна интеграција на Фландрија во составот на Холандија.

Некој ќе рече дека Фламанците имаат среќа да ги имаат  Холанѓаните за соседи но тука се работи за многу повеќе од среќа, туку станува збор за многу силна самоопределба и свесност за национален идентитет на кој инсистираат Фламанците по секоја цена. Во фламанското општество нема да сретнете Фламанец кој ќе прифати дека можеби тие се Холанѓани само заради тоа што зборуваат ист јазик и самото прашање го сметаат за налудничаво.

Јас се прашувам како тоа македонското општество стигна до таму да стравува од само себе за да ги покаже своите национални обележја без да биде растргнато од јавноста додека знамиња од соседна држава се веат во половина од државата и никому ништо.

Епа од главата си патиме или една друга дијагноза е синдром на само-уништување што многу им помага на нашите „длабоко европеизирани соседи“.

И да не испуштам да ги потсетам нашите душегрижници да му кажат на Трамп дека не смее да го користи мотото „Направете ја Америка велика повторно“ бидејќи секако може да се протолкува.

 

Наташа Јовановиќ Мартинс, Брисел

КОЛУМНИ

Ристо Цицонков

Тoплински острови во градовите

Дарко Митревски

Да не се лажеме

Стефан Вељановски

Зошто треба да инвестираме повеќе во жените од руралните подрачја?

Бојан Блажевски

Чечичен молк: Долг е патот до автопат

Наташа Јаневска

Пет проценти од буџетот на државата за образованието е клучот за...

Шанг-Јин Веи

Дaли атентатот ќе му донесе победа на Трамп?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ