сабота, 27 јули 2024

Зошто Израел сака офанзива на Рафа и што таа би значела?

Израел планира да ги прошири нападите на градот Рафа, каде повеќе од еден милион Палестинци побараа засолниште од офанзивата на Појасот Газа почната по 7 октомври и упадот на милитантите на Хамас на израелска територија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во последните денови Израел го напаѓа градот Рафа, кој се наоѓа на јужниот дел на Појасот Газа и на границата со Египет, со воздушни удари.

Зошто Израел сака копнена офанзива на Рафа?

Израелскиот премиер бенјамин Нетанјаху ја опиша Рафа како „последното упориште“ на Хамас, со четири баталјони вооружени борци, и дека Израел не може да ја постигне својата цел за елиминација на исламистичката група додека тие се и понатаму таму.

Израел тврди дека се обидува да го уништи Хамас откако милитантите упаднаа на израелска територија на 7 октомври и убија околу 1.200 луѓе.

Израелската војска веќе срамни голем дел од Газа, во воената кампања во која уби повеќе од 28 илјади Палестинци, според здравствените податоци на палестинските власти.

Колку луѓе има во Рафа и какви се условите?

Агенцијата на Обединетите нации за пружање помош на Палестинците (УНРВА), вели дека има речиси 1,5 милиони луѓе во Рафа, што е шест пати зголемена популација во однос на тоа колку луѓе имало пред 7 октомври.

Многумина од нив кампуваат на улиците, на празни парцели земја, на плажите и на песочниот дел на таа територија покрај пограничниот ѕид со Египет. Други се сместени во валкани, пренатрупани засолништа.

Лекарите и хуманитарните работници се борат да ја достават дури и основната помош и да спречат ширење зараза. Норвешкиот совет за бегалци градот Рафа го нарече „огромен бегалски камп“.

Лекар кој неодамна ја напуштил Газа ја опишал Рафа како „затвор“ во кој фекалии течат по улиците, толку пренатрупан што едвај има место за минување на медицинските возила.

Каде ќе отидат раселените лица?

Израел им нареди на цивилите да бегаат на југ пред претходните напади на градовите во Појасот Газа, кога многумина од нив се упатија кон Рафа.

Кабинетот на Нетанјаху сега соопшти дека ѝ наредил на војската да направи план за евакуација од Рафа.

Но хуманитарните службеници и странските влади велат дека тие немаат каде да одат. Египет порача дека нема да дозволи егзодус на палестинските бегалци и преминување на негова територија.

Одговорот на другите држави на овие планови

Американскиот претседател Џо Бајден наводно му кажал на Нетанјаху дека Израел не треба да продолжи со операциите во Рафа без план кој ќе ја осигури безбедноста на луѓето кои таму се засолниле.

Други сојузници на Израел, вклучувајќи ги Британија и Германија, изразија загриженост поради можните последици од офанзива на Рафа.

Министерката за надворешни работи на Холандија, Ханке Бруинс Слот, кажа дека е „тешко да се види како опсежни воени операции во толку густо населени подрачја нема да доведат до многу цивилни жртви и уште поголема хуманитарна катастрофа“, нарекувајќи ја операцијата на Израел „неоправдана“.

Египет предупреди на „тешки последици“.

Израел вели дека се потребни екстензивни мерки за да се заштитат цивилите, но дека е присилен да спроведува воени операции во цивилни зони бидејќи Хамас таму дејствува.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ