четврток, 30 мај 2024
Омар Ашур

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Зoшто ИСИС ја нападна Русија и зошто Русија ја обвинува Украина за тоа

Терористичкиот напад на концертната хала Крокус во предградието на Москва не беше никаков гром од ведро небо. Кремљ ги отфрли американските разузнавачки предупредувања за неизбежен напад од страна на „екстремисти“, веројатно со цел вината да биде префрлена на соодветното жртвено јагне тогаш кога ќе се случи нападот.

Убиството на 137 посетители е последно од серијата злосторства кои се случуваат во децениската борба меѓу Исламската држава (ИСИС) и Русија. Коцката беше фрлена на 30 септември 2015 година, кога Русија интервенираше во Сирија за да го поддржи режимот на Башар Ал Асад кој е во распаѓање. Оперативци на ИСИС одговорија еден месец подоцна со инфилтрирање на египетскиот аеродром Шарм Ел Шеик и поставување бомба на рускиот Ербас авион, при што загинаа сите 224 патници и членови на екипажот.

Како одмазда за овој терористички напад, во септември 2017 година се тврдеше дека Русија го убила поранешниот министер за војна на ИСИС, Ѓулмурод Калимов, кој е поранешен командант на специјалните полициски сили на Министерството за внатрешни работи на Таџикистан и кој се борел заедно со руските сили за време на Таџикистанската граѓанска војна. Сите наводни напаѓачи на халата во Крокус се од Таџикистан.

„Провинциите“ на ИСИС во Сирија – како што се сега непостоечките Хомс и Рака – се бореа против редовната руска армија и против платениците, како што беше платеничката група „Вагнер“ и тоа во повеќе десетици битки, особено во Палмира во периодот 2015, 2016 и 2017 година. Битките во декември 2016 година беа особено непријатни за рускиот претседател Владимир Путин бидејќи силите на ИСИС повторно го освоија градот од неговите сили и сојузници.

Помеѓу 2015 и 2024 година, Русија поддржа многу од непријателите на ИСИС. Тоа подразбира воена и разузнавачка координација со Хезболах, политичка поддршка за Хамас, и политичка, разузнавачка и, евентуално, воена поддршка за Талибанците. Сите три организации водеа жестоки битки против „провинциите“ и ќелиите на ИСИС во Либан, Сирија, Газа и Авганистан.

Групацијата „Вагнер“ и нејзините наследници во тнр. Африкански корпус исто така се бореле и против ИСИС во Либија, Мозамбик и Мали. Да ја споменеме ИСИС-Хорасан (ИСИС-К), која е огранок чии оперативци се осомничени дека го извршиле нападот во концертната хала Крокус а која е првенствено активна во Авганистан и Пакистан. „Провинцијата“ Хорасан формално се појави во јануари 2015 година, кога дезертери од Талибанците и од другите групи ѝ се заколнаа на верност на ИСИС.

Исто како и другите релативно големи провинции на ИСИС, така и ИСИС-К е воена организација која има големина на бригада и која се борела против речиси секоја државна и недржавна сила во своите подрачја на дејствување или во нивното опкружување. Таа има извршено самоубиствен напад во август 2021 година кога уби 13 лица американски воен персонал и најмалку 169 Авганистанци во Кабул за време на повлекувањето на САД од Авганистан. Да ги споменеме и нападот врз руската амбасада во Кабул во септември 2022 година кога беа убиени двајца нејзини вработени; додека во јануари, наводно, го има извршено и двојниот самоубиствен бомбашки напад на комеморацијата во чест на генерал-мајор Касем Сулејмани во Иран.

Начинот на ИСИС на водење војна вешто ги комбинира конвенционалните, герилските и терористичките тактики. Така, и покрај тоа што е мошне омразена, има недоволен број на борци и значително надмината во однос на вооружување, ИСИС во еден момент успеа да заземе повеќе од 120 градови, гратчиња и села од јужниот дел на Филипините до Западна Африка и да ја преживее војната што речиси 80 држави ја водеа против неа. На многу начини, руските хибридни воени операции на Крим и Донбас во 2014 година ја имитираа тактиката на ИСИС за окупирање на градот Рака како и на другите градови во 2013 година. Но, лидерите на ИСИС се лоши стратези, без остварлив воен пристап, бидејќи нивните цели се во опсег од Ал Каеда и Талибанците па сè до Соединетите Држави и нивните сојузници. Тука исто така се вклучени и Иран и Русија.

Сепак, Русија под водство на Путин има историјат на операции под лажно знаме, од кои можеби најпознат е нападот во Ријазан во септември 1999 година. Тој инцидент, кој се одвиваше заедно со серија на смртоносни бомбашки напади во Москва и во други руски градови, покрена суштински прашања за вмешаноста на Путин во дејствија на државен тероризам, наводно за да се оправда ескалацијата на воените операции во Чеченија и, поради тоа, да ја консолидира власта.

Да ја погледнеме ситуацијата денес. Иако базата на руската национална гарда (Росгвардија) се наоѓа на само два и пол километри од концертната хала Крокус, беа потребни повеќе од 90 минути за да се мобилизираат безбедносните сили и покрај предупредувањата за можни напади што ги доби Кремљ. Без разлика дали во случајов станува збор за неспособност или заговор, се чини дека Путин веќе одлучил каде лежи вината: во Украина.

Мртвите тела и изгорениот комплекс во руската престолнина само неколку дена по „реизборот“ на Путин не се само застрашувачка слика. Тие се резултат на безбедносни прекршувања, неуспесите на разузнавачките служби, сопствено политичко задоволство, а можеби и на нешто уште полошо. Но, се чини дека Кремљ е решен да го искористи својот огромен пропаганден апарат за да го оттргне гневот на јавноста кон Украина.

И покрај повторната оперативна иницијатива во текот на зимата, Русија е сè уште далеку од постигнување на своите стратешки цели во Украина. Навистина, по 18 месеци, со стотици илјади руски жртви и со потрошени стотици милијарди долари, Русија сè уште не ги контролира сите територии на „припоените“ области.

За да може да врши офанзивни маневри од големи размери, Русија има потреба од поголем број на луѓе, повеќе домашни ресурси и помалку локален отпор – било да е тој граѓански или вооружен. Путин, како вистински циник, можно е да дозволил да се случи нападот на концертната хала Крокус за да го искористи тој настан за поттикнување на масовна мобилизација, за зајакнување на домашната поддршка за војната во Украина и максимално да го отежни противењето на неговото владеење. Исто како и ИСИС, се чини дека агресијата на Путин е нешто што ќе трае и ќе се шири.

Омар Ашур

(Преземено од Республика)

КОЛУМНИ

Рајко Пеколски

Kратки вести

Филип Клетников

Што не е во ред со Друштвото на писателите на Македонија?

Вилсон

Легитимитетот на лидерот и на раководството на СДСМ мора да извира...

Филип Темелковски

Да престане битката за партијата, да ја вратиме борбата за социјалдемократијата

Бранко Азески

Бизнисот со Грција, странските инвестиции со Мизо и новата влада

Весна Попоска

Вo кој правец ќе дувне ветрот во Грузија?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ