Книгата ги истражува особеностите на македонскиот јазик и потребата тој да се кодифицира според централното наречје како еднакво оддалечено од соседните словенски јазици, дадени се научно-теориски погледи на кои подоцна Блаже Конески ќе го продолжи делото до конечна кодификација на јазикот.
Делото на 120 страници и во пет поглавја дава погледи и за актуелната состојба во Македонија од тој тежок период по Илинденското востание и ја дава идејата за обединување на сите територии каде живее македонскиот народ, зборува за неговата културолошка и народна самобитност. Мисирков ги разголува бугарската, српската и грчката пропаганда кои во тоа време биле активни во Македонија.
„Шчо напраифме и шчо требит да праиме за однапред?“, прашува Мисирков и го дава одговорот во поглавје во книгата.
На друго место во книгата пишува: „Македонците, како посебен словенски народ, што низ вековите ја делел судбината заедно со соседните словенски и несловенски народи, си имаат сопствена национална историја и култура“.
Мисирков го поставува македонскиот правописот врз фонетска основа, со мали отстапки на етимологијата, а во лексиката предлага да се вклучуваат елементи од сите македонски говори.
Во македонската кирилица тој воведува неколку нови графеми: i, к‘, г‘, н‘, л‘, со кои таа се разликува од другите кирилски писма. Тоа бил модерен пристап од кој денес се произлезени буквите Ѓ и Ќ. Исто така, во согласност со фонетскиот правопис настојува на бележење на едначењето по звучност.
Четири од петте поглавја во книгата се всушност и говори кои Мисирков ги читал на состаноците на македонскиот литературен кружок во Санкт Петербург. Кружокот бил формиран во 1902 година од Мисирков, Димитрија Чуповски и 19 македонски дејци.
Мисирков пробувал да влијае на руските научни кругови и лингвисти за формирањето на посебен македонски јазик. Активно пишувал статии во тамошните списанија.
Мисирков е познат и како автор на македонските списанија „Вардар“ и „Македонски глас“, први од својот вид.