понеделник, 13 јануари 2025

Зоран Милановиќ го освои вториот претседателски мандат во Хрватска

Официјалното изборно тело ја потврди убедливата победа на Милановиќ во вториот круг од претседателските избори над кандидатот на Хрватската демократска заедница (ХДЗ), Драган Приморац со разлика од речиси 50 отсто.

Епа

Објавено на

часот

Сподели

„Ова е голем ден за мене, оваа победа ја гледам како признание и одобрување за мојата работа. Ова е плебисцитна порака од хрватскиот народ до сите оние кои треба да ја слушнат и барам да ја слушнат“, изјави Милановиќ, кој ќе остане на чело на најмладата членка на Европската Унија во следните пет години.

Како и по првиот круг на изборите на 29 декември, кога за малку не победи, Милановиќ сега изјави дека подава рака на владата предводена од ХДЗ, иако меѓу него и премиерот Андреј Пленковиќ има големи несогласувања.

Пленковиќ не му честиташе на Милановиќ, како и неговиот противкандидат на изборите Драган Приморац.

Според прелиминарните резултати на Државната изборна комисија врз основа на речиси 100 отсто обработени избирачки места, Милановиќ, кандидатот на Социјалдемократската партија, освоил 74,66 отсто од гласовите, а Приморац 25,34 отсто од гласовите.

Веднаш штом беа објавени резултатите од излезните анкети, Милановиќ се огласи на својата страница на Фејсбук, пишувајќи: „Ви благодарам!“.

Во својот победнички говор Милановиќ рече дека ќе се држи до Уставот.

„Моја должност е да бидам рамноправен во прашањата на надворешната политика, бидејќи тоа го налага Уставот. За тоа е потребно и свикување на Советот за национална безбедност. Јас ќе бидам врховен командант за прашањата на одбрана и безбедност, не рамноправен, туку прв по ранг, бидејќи така вели Уставот“, рече тој.

Ова беа трети избори во Хрватска за помалку од една година, по парламентарните и изборите за Европскиот парламент.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ