вторник, 22 октомври 2024

ЗНМ: Злобно и неетички е да се злоупотребува името на починатиот колега Димовски

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со чувство на горчина ги отфрла малициозните обвинувања од дел од новинарите, кои искористија трагичен настан за да се обидат да прикажат лажна слика за функционирањето на ЗНМ, се наведува во реакцијата на здружението откако истото беше обвинето дека, додека бил во лоша здравствена состојба го исфрлила од своите редови прерано починатиот новинар Саше Димовски.

Објавено на

часот

Сподели

„Со цел да нема погрешни толкувања, но и поради чувството на одговорност, би сакале да појасниме дека согласно Правилникот за членство и статутот на ЗНМ во делот на надлежности на Управниот одбор, како и по добиено правно мислење од страна на независна адвокатска канцеларија, но и по реакции на членови на ЗНМ, минатата недела, беше констатирано дека членството на Димовски во ЗНМ продолжува како придружен член“, појаснуваат од ЗНМ.

„Демантираме дека Димовски бил исклучен од членството на ЗНМ. Статутот налага дека новинар именуван во државен орган не може истовремено да има активна улога во органите на ЗНМ и дека доколку има таква состојба, ќе се констатира престанок во органите на ЗНМ, во случајов во Советот на честа. Оваа пракса постои со години. Имало вакви бројни случаи и во минатото со други колеги кои биле именувани или избрани во државни органи или тела без разлика дали станува збор за централна или локална власт, Собранието, вклучувајќи ја и Комисијата за помилување а претседателот на државата. Со овој пристап, секогаш кога до ЗНМ имало реакција или самиот член укажал за потенцијален конфликт на интерес, ЗНМ покажувало конзистентност, но и принципиелност во своите политики, што е важно за одржување на довербата и интегритетот на новинарските организации и нашите членови“, велат од ЗНМ.

Од здружението потсетуваат дека како претседател на Советот на честа, Димовски беше во постојан контакт со извршната канцеларија и редовно беа одржувани средби во изминатите години, а тој беше и еден од уредниците на новоформираната платформа јасно.мк за промовирање на професионални новинарски содржини од локален јавен интерес и борба против дезинформации.

„И покрај добриот професионален и личен однос кој го негувавме, изненадени сме од обидот на дел од колегите, личната трагедија да ја претворат во перцепција за непринципиелност на ЗНМ.

Намерата на ЗНМ и на самиот Димовски беше тој да продолжи да дава свој придонес вклучувајќи го во креирањето на новиот Кодекс на новинари, како и на платформите каде можеше да им помогне на помладите колеги. Сурово е да го користиме името на нашиот починат колега за ширење на дезинформации и шпекулации, како и на субјективни толкувања. Упатуваме апел, колегите да се воздржат од неосновани обвинувања, пред сè за семејството на Димовски“, пишува во рекцијата на ЗНМ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ