вторник, 7 јануари 2025

ЗНМ бара итна истрага за запаленото возило на новинарка од Охрид

Здружението на новинари на Македонија најостро го осудува инцидентот во кој беше запалено возилото на новинарката на Сакамдакажам.мк, Сузана Вренцовска, од Охрид. Возилото било запалено на 5 јануари, во дворот на семејната куќа, во гаражата каде што било паркирано. Според првичните информации, постои сомневање дека станува збор за намерно предизвикан акт. Го повикуваме Министерството за внатрешни работи да спроведе брза и темелна истрага за утврдување на сите детали и мотиви за овој тежок инцидент, бараат од ЗНМ.

Објавено на

часот

Сподели

„Овој случај укажува на загрижувачки тренд на зголемени ризици со кои се соочуваат новинарите во земјава. Дополнително, ова не е изолиран инцидент. Во октомври 2024 година беше запалено и возилото на колегата Благој Серсемов, уредник на локалната телевизија и онлајн медиум М-нет од Штип. Иако мотивите за овие напади сè уште не се утврдени, важно е да се истакне дека ваквите инциденти, доколку немаат правна разрешница, може да создадат чувство на несигурност меѓу новинарите и да ја поткопаат нивната работа во служба на јавниот интерес.

Ги повикуваме надлежните институции да преземат итни и конкретни мерки за целосно расветлување на двата случаи, а сторителите мора да бидат идентификувани и соодветно санкционирани. Недозволиво е да постои неказнивост и да се создава простор за шпекулации во јавниот дискурс. Брзото дејствување е од клучно значење за зачувување на слободата на изразување и за спречување на самоцензура кај новинарите“, се вели во реакцијата на Здружението на новинарите на Македонија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ