Оваа непрекината изборна бркотница создава впечаток (само впечаток и ништо повеќе од тоа) дека „нешто се случува“. Но, сето тоа е само привид и рециклирање на една иста – веќе видливо неефикасна и очајно лоша – политика. На граѓаните им се кажува дека изборите се празник на демократијата, така криејќи ја суштината која гласи: демократијата се живее секој ден, ако ја има, а не само кога треба да се излезе на избирачкото место. Квалитетот на секојдневниот живот е вистинското мерило на секоја демократија, но што кога квалитет нема во самиот старт, а потоа и она што вреди тоне во непрепознатливост? Македонија е само една од многуте земји во кои оваа година се организираат локални избори, на општинско ниво. Политичките партии веќе работат на изборни програми, ги сондираат мислењата на граѓаните и прават листа на нивни желби преточена во изборна програма, па дури и водат предизборна кампања за освојување симпатии.
Работејќи на еден заеднички проект со колеги од Кина, на ум ми падна една мисла: како во толкава огромна земја (азиски џин, како што ја нарече нашиот премиер) се решаваат локалните проблеми? Со други зборови, што е локално во таков контекст? И навистина, кога мојот помлад колега од Шангај го прашав за нивната локална самоуправа, тој се збуни. Ме праша: а што значи тоа „локално“? И навистина, се насмеав во себе, бидејќи целата наша држава (од 25.000 метри квадратни и едвај 2 милиони жители) може да биде перципирана како „локална заедница“ во Кина! Колку се нештата, па и зборовите различни зависно од контекстот, зарем не!? Пријателот ми објасни дека поимот „локално“ кај нив има повеќеслојно значење: првото е она во однос на централната власт, каде „локално“ се однесува на различните нивоа под централната влада, како покраинските, општинските и окружните власти. Локалните власти се сочинети од административни структури поддржани од централната влада, но со одреден степен на автономија зависно од контекстот. Второ, од географски аспект, „локално“ може да означува нешто што припаѓа на одреден регион, провинција или град. На пример, локалното може да се однесува на регионалните гастрономски традиции (сечуанска, кантонска или друга кујна). Во економски поглед, зборот „локално“ често значи „домашно“ или „регионално“ наспроти увезено. Освен тоа, на пример, локални компании може да бидат оние што работат во рамките на една покраина или град, а не на национално ниво. Во политичкиот дискурс, кога кинеските лидери зборуваат за „локални“ реформи или развој, тоа најчесто значи политики спроведени на ниво на провинции, градови или рурални заедници.
Кај нас не е ни јасно што е локално, а што национално. Локалното е најчесто „феудализирано“ од некој локален шериф, кој добил победа на избори со сила на партијата и олигархијата, а кого воопшто не го засега мислењето на граѓаните. Локалното кај нас значи и фрагментирано, по етничка или политичка основа. Нема социјален систем и хармонија (а хармонијата и социјалниот ред е она што ја држи дури и една Кина). Жално е што локалните проблеми во една микро-држава изгледаат непремостливи затоа што со години никој не ги решава па тие само се акумулираат, затоа што на вистински места се погрешни/некомпетентни и корумпирани луѓе, затоа што на крајот излегува дека веќе нема ни волја ни ентузијазам за расчистување барем на сметот од пред врата или на улиците.
Се сеќавам дека при минатогодишните посети на Кина (посетив најмалку четири градови) првата мисла ми беше: колку е сè средено и чисто, украсено со цвеќиња и декорации! Станбените комплекси се мали целини, речиси самоодржливи, па нивните жители во рамките на малата населба или комплекс згради, имаат сè на дофат. Со овој мој веќе прозападен ум (иако мислам во себе дека не сум со испран мозок) првата мисла ми беше: безбедноста! Можеби луѓето живеат така концентрирани во своите населби за да се заштитат од несакани инциденти, крадци, или друг вид неволји. Но, моите домаќини се насмеаја: не, нашата татковина почива на фундаментот на заедницата, на колективното, од најниско ниво до највисоко! Животот треба да им биде квалитетен на сите луѓе, членови на заедницата. Тоа ме потсети на нашата веќе изгубена традиција на соседство, карши капиџик – вратата на соседот кој е веднаш наспроти твојата, врата на која можеш да чукнеш во секое време кога ти треба, и за арно и за лошо. Таа традиција ја загубивме во алиенација, самоизолација, отуѓување од луѓето што ни се најблиски, ама и од природата.
Колегата од Шангај ми укажа дека токму деновиве се одржуваат сесиите на нивното највисоко политичко тело, народното собрание би рекле ние, или Националниот народен конгрес. Меѓу бројните теми и прашања за кои се креира политиката, секако, централно место има подигнувањето на квалитетот на животот низ целата земја, особено преку хармоничен развој на различните покраини, но и решавањето на секојдневните проблеми. За разлика од нас кои станавме „индивидуалисти“, т.е. себични поединци, кои не гледаат и не создаваат заедница, таму се негува колективниот дух. Во таа огромна заедница на заедници, покраини, општини, окрузи, суштината е во колективното добро. Навистина нема конкуренција на политички опции/партии, ама има натпревар и мотивација најнапред меѓу членовите на локалните комитети на КП Кина. Она што ние не го знаеме е дека член на Партијата не се станува онака, од чист кеиф. Тоа треба да се заслужи, а потоа и одржува. Пријателите ми кажуваат како секој во помалите градови, села, провинции си има своја улога, т.е. може да биде корисен.
За разлика од нашата локална самоуправа која е божем темел на националната политика (одоздола нагоре), таму е обратно. Но, тоа не значи гушење на локалните особености, иницијативи и партиципација, туку обратно мотивација за подобрување на животот на граѓаните/селаните таму каде што живеат. Пријателите ми кажуваат дека таму никој не е препуштен сам на себе, зошто има кому да му се обрати. Сакам да кажам, постои СИСТЕМ, ама и солидарност! Нема распад на системот и башибозук како кај нас. Кинеските власти имаат сенс и за единството ама и за различностите, па затоа и нема унифициран пристап, туку прилагодување на одредени политики или дури и експериментирање на некои политики во одредени подрачја, пред да се применат на национално ниво. Така, постои практика на спроведување на пилот-проекти на локално ниво пред тие да станат национални политики. На пример, реформите во земјоделството, урбанизацијата и еколошките политики често се тестираат на таков начин. Локалната партиска и административна структура е солидна, но не и глува и слепа за проблемите. Затоа се негува начин на решавање локални проблеми преку т.н. „мрежа на посредници“. Во малите градови и села, проблемите често се решаваат преку неформални канали, кои ги вклучуваат партиските секретари на ниво на село или населба, кои ја претставуваат врската меѓу централната власт и локалното население; старешините на заедниците, кои често играат улога на медијатори при локални спорови. Постојат комитети за соседски работи и комитети на селата, кои делуваат како први контакт точки кога ќе се појави проблем. Лично, најсимпатичен облик на локално ангажирање ми е она што ми го опиша мојот драг пријател од Шангај: „Не знам како е кај вас, ама ние имаме многу цврста заедничка рамка, норми и правила кои ги почитуваме, почитувајќи се еден со друг. Еве на пример, кај нас, во секој станбен комплекс постои управна единица за секојдневни работи, која обично се состои од постари жени што се веќе во пензија. Нив ги нарекуваме „тетки од соседскиот комитет“.
Во руралните области и помалите градови, се организираат јавни состаноци, се истакнуваат критики за локалните функционери, па дури и „народни петиции“ и канализирање на незадоволството до повисоките нивоа на власта. Може да замислите што му се случува на функционер кој создал ниво на незадоволство од вршењето на службата! За него веќе нема унапредување или префрлање во друга фотеља, како што е случај кај нас.
Она што професорот Чжанг Вејвеј од Фудан Универзитетот го елаборира научно и го зборуваше и во Скопје минатата година ми се чини најважно: селекција и избори (selection plus election). Во рамки на централизираната партиска структура постои желба и мотивација за докажување на способностите за менаџирање со проблемите, за пристапност до граѓаните, стекнување на нивниот респект и доверба. Пред да се качат на повисоко политичко скалило, функционерите прво се докажуваат во локалните заедници. Не може да водиш држава, ако претходно не си се докажал во некоја локална заедница, округ, покраина. И тоа минимум во два успешни мандати!
Македонски пријател со долгогодишен престој во Кина ми кажа и дополнителен податок. Наспроти предрасудите за авторитарност и централизирана власт во „врвот“, Кина е една од најдецентрализираните држави во светот. Според податоците од минатата година, од целокупниот буџет, дури 84 отсто биле дистрибуирани во насока на провинциите и општините, додека само 16% бил во ингеренции на централната власт. За споредба, во САД, која нели е „федерација“, тој сооднос е приближно фифти-фифти. Во европските земји (во просек), овој сооднос изнесува 80:20 отсто во корист на централната власт: Така се урива митот за западноевропските демократии како љубители на локалната самоуправа; гледано од овој аспект, тие се едни од најцентрализираните во светот.
Вчера ми се обрати една драга пријателка од еден помал град. Таа со сопругот и двете мали деца се врати во земјата од една поразвиена европска држава. Сите четворица се еколошки високо свесни, волонтери кои ја користат секоја прилика за собирање смет од нашите убави шуми и полјани. Ме праша како може да стапи во контакт со претседателката на државата за да побара помош, бидејќи нејзиното преубаво гратче станало депонија и е неподносливо за живеење. Градоначалникот е познат не само како корумпиран, туку и како недопирлив. Да се обратиш до општината е губење време. Државните власти немаат слух за овие маки, освен пред локални избори (тогаш стануваат чудотворци за еден ден). Ме фати жал затоа што дури и да стаса до претседателката, ни таму нема да добие ништо освен фото-сесија, пост на социјалните мрежи и неколку убави професорски и поетски реченици на поддршка. Јас се прашувам како е можно така мала држава да не умее да си ги реши реално малите проблеми (големи се по значење, но не и нерешливи)? Дали ние си ја сакаме оваа земја онака како што Кинезите од сиромаштија се издигнаа до ѕвездите, со труд, труд, труд – и со љубов кон татковината и кон заедницата? Највисокото државно тело во Кина е она кое ја креира политиката, но без овие обични луѓе кои сакаат нивните дворови, улици, воздухот, спомениците, водите, шумите и сè наоколу да биде одраз на колективната волја и желба за подобар живот. Притоа, кинеската самоуправа претставува пример и модел на ЕФИКАСНА демократија. Не демократија на избори, со партии, со кавги и неслога, туку со решавање на проблеми и гледање напред.
Билјана Ванковска