петок, 26 јули 2024
Истражување

ЗМАИ: Со промена на власта се зголемуваат привремените вработувања и консултантските услуги

Изборните процеси влијаат на динамиката на привремените вработувања и консултантските услуги во јавниот сектор, но најсилно влијание имаат периодите на промена на власта. Ова е еден од наодите на истражувањето на тимот на Здружението за истражувања и анализи (ЗМАИ) во рамки на проектот за Следење на можна злоупотреба на државните ресурси, поддржан од НДИ, а финансиран од Националната фондација за демократија  (НЕД).

Објавено на

часот

Сподели

Наодите и кратките извештаи кои се дел од проектот „Користењето на државните ресурси за време на изборните процеси“ ќе бидат објавувани во наредниот период.

Анализата на влијанието на изборите врз вработувањата во јавниот сектор, консултантските и другите договорни услуги се базира на јавно достапни податоци за остварени буџетски трансакции од open.finance.gov.mk за период од 2010 до 2023 година (при што не се земени податоци за јавното здравство и Фондот за здравствено осигурување бидејќи не се јавно достапни) и на податоци за број на редовно вработени од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) за период од 2015 до 2023 година.

Еден од клучните наоди, го потврдува очекувањето на јавноста во однос на вработувањата. Имено, иако изборните процеси имаат влијание на привремените вработувања и редовните вработувања, поголемо влијание на истите имаат владите, особено во периоди на промена на владејачките структури. Интересна е динамиката каде на почетоците на функционирање на одредена владејачка структура гледаме раст на привремените вработувања и консултантските услуги. Како што поминува времето, ваквите ангажмани се намалуваат, што може да се должи на трансформација на работниот однос во редовно вработување.

Привремени вработувања и консултантски услуги на централна власт:

Кај привремените вработувања и консултантските услуги имаме промена во нивниот обем по промената на власта. Додека едни владејачки гарнитури ги преферирале консултантските услуги, други повеќе ги користеле привремените вработувања. По промена на власта гледаме поголеми исплати за привремени вработувања, а како што поминува времето истите опаѓаат. Намалувањето веројатно се должи на растот на редовните вработувања, односно трансформација на привремените вработувања во редовни.

Редовни вработувања:

Редовните вработување ни даваат интересен приказ на состојбите, особено доколку се гледа целата приказна. Иако немаме големи пикови кај изборните години, промената е очигледна по завршувањето на изборите. Со промената на власта, и поминувањето на одреден период, во 2018-2019 (по формирањето на нова влада во 2017) и 2021 (по изборите во 2020) имаме значителен раст на редовно вработените во јавен сектор. Ова укажува на тоа дека на секоја нова влада потребни ѝ се неколку месеци до 1 година, за да го користи јавниот сектор како можност за вработување. Сепак, се чини последните години, работата во јавната администрација станува се помалку атрактивна, па така, бројот на вработени повторно се враќа на нивото од 2015-та година.

Дел од наодите од анализата ги потврдуваат и следните заклучоци:

Динамиката на привремените и редовните вработувања значително варира во зависност од политичките промени и изборните циклуси.

-На централно ниво, највисоката исплата за привремени вработувања се забележува во 2010 година, кога сумата е пет пати поголема од следната највисока сума во 2023 година. Во 2011 година се случува пад од 89% кој може да се објасни со промена на статусот на вработените во редовни, промена на начинот на нивно ангажирање (преку договор на дело или авторски договор) или прекинување на работниот ангажман. Следна највисока релативна промена се појавува во 2018 година кога во однос на претходната година има пораст за 80%, причинет од дополнителни вработувања и зголемување на минималната плата.

-Во 2011, 2014 и 2016 година, кога се одржуваат парламентарни избори, се забележува намалување на исплатите за привремени вработувања, за 26%, 20% и 9% соодветно, што не е случај во 2020 година кога има зголемување за 10%.

-На локално ниво, исплатите за привремени вработувања покажуваат тренд на зголемување, причинет од ново привремено вработени лица и од зголемување на минималната плата.

-Најголемите промени се случуваат во 2011, 2016, 2018 и 2023 година.

Во 2011 година се забележува намалување на исплатите за 30% во однос на претходната година, што аналогно со централната власт е причинето од истите претпоставки. Во 2016 година се забележува зголемување од 16%, најверојатно поради зголемувањето на бројот на привремено вработени. Во 2018 година се гледа зголемување од 34%, предизвикано од зголемувањето на минималната плата и дополнителните привремени вработувања, додека во 2023 година има зголемување од 22% кое е причинето од порастот на минималната плата.

-Кај привремените вработувања на локално ниво се забележува дека исплатите се зголемуваат по изборите и дека, освен во 2010 година, постои општ тренд на зголемување.

Исплатите за редовно вработените лица во јавниот сектор имаат тренд на намалување наспроти зголемувањата на платите.

-Учеството на платите и надоместоците во вкупниот реализиран буџет низ годините се намалува, но бележи пат на зголемување од 2021 кога започна трендот на значајно зголемување на платите во јавниот сектор.

-Учеството на вработени во јавен сектор во однос на вкупно работоспособно население бележи тренд на зголемување во период од 2017 до 2022 година.

Консултантските услуги покажуваат трендови кои се поврзани со изборите на централно ниво, додека на локално ниво се стабилни.

 

-На централно ниво, консултантските услуги достигнуваат највисоки точки во 2015 и 2017 година. Овие зголемувања на исплати на централно ниво се случуваат постизборно, што укажува дека има или задоцнување во исплатите или дека консултантите се ангажираат по изборите.

Здружението за истражувања и анализи ЗМАИ во рамки на проектот за Следење на можна злоупотреба на државните ресурси, поддржан од НДИ, а финансиран од      Националната фондација за демократија, во текот на следната недела ќе го објави во целост првичниот преглед од анализата за вработувањата во јавниот сектор. Планиран е и детален брифинг со новинари со цел подобро доближување на јавно достапните податоци до новинарите. Во периодот пред нас се очекува формирање на нов владин кабинет и промени кај извршната власт.

Ги поздравуваме изјавите на новото парламентарно мнозинство кои одат во насока на дополнително зголемување на транспарентноста и отчетноста во финансиското работење на институциите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ