Првата фестивалска вечер ќе се памети долго, затоа што Кратово одново блесна во полн сјај и пречека илјада посетители, кои уживаа во секој миг и во секој отпеан стих од нашите најголеми музички ѕвезди.
Со многу насмевки, силни аплаузи и овации беа пречекани сите изведувачи, благодарение на нивната неверојатна енергија и одличните настапи. Златни денови Кратово 2024 почна со настапот на Кратовски тамбураши, а забавата продолжи со Трио Тајфа и Распеани кичевчани. Со секој настап атмосферата стануваше сѐ подобра, а публиката побројна. Мераклиите од Мерак меана, односно Блага Петреска, Влатко Миладиноски, Дамјан Стојаноски, Благоја Грујовски, Кате Брезева Соната, Златко Миладиноски, Елена и Лазар Наумови, ги освоија срцата на посетителите и ги отпеаа најубавите македонски песни. Веднаш потоа настапија Brass Brothers кои направија вистински брасс огномет од тонови и музика, а вчерашното фестивалско патување заврши со енергичниот настап на Диџеј Жак кое всушност беше и дополнителна најава за денешниот втор ден од фестивалот.
Вечерва фестивалот ќе се отвори со настапот на локалниот рок бенд Б.А.Д, а атмосферата дополнително ќе ја загреат Ana & The Girls, Тропико бенд, Диџеј Жак со Пајак.