„Штетите врз комбинатот се нанесени од повеќе аспекти на работењето на ЈП Стрежево, непрофесионалноста и некомпетентноста на раководството. Секоја година се соочуваме со нефункционирање на цели канали за наводнување, немање доволен притисок на вода за работа на системите за наводнување и постојани дефекти во тек на сезона на наводнување. Со истите проблеми комбинатот се соочува и оваа година и повторно трпиме големи штети. Насадите на ЗК Пелагонија повеќе денови и недели се оставени без капка вода во најкритичните периоди за пченката, иако во езерото има доволно вода, но ЈП Стрежево не е способно истата да ја испорача“, информираат од ЗК Пелагонија.
Во 2015 година ЈП Стрежево имаше големо свлечиште со што се направи огромна штета на пролетните култури на комбинатот. Во текот на сезоната за наводнување системот за наводнување на ЈП Стрежево не функционираше и поради неснабдувањето со вода беше предизвикана штета од 1 милион евра.
Претходниот директор на ЈП Стрежево оваа штета не ја признаваше, по што се отвори и судски спор.
Лани на 11 јануари ЗК Пелагонија ја добива пресудата од Апелацискиот суд Битола (ТСЖ-262/21), реши да не ја блокира сметката на Стрежево и побара спогодбено да се плаќа на рати со цел да не се прават нови жалби и да не продолжува спорот.
Но, ЈП Стрежево го оспорува одлучувањето на судот и повторно се потврдува првичната одлука, со нова пресуда донесена од Апелацискиот суд Битола (број ТСЖ-85/23) од 14 јуни годинава.
И покрај потврдата на одлуката во корист на ЗК Пелагонија, не беше активирано извршување, туку повторно беше понудено плаќање на рати, согласно можностите на Стрежево и потребите на ЗК Пелагонија.
ЈП Стрежево не го испочитува ниту овој договор. ЗК Пелагонија влегува во неповолна финансиска позиција во период кога е есенска сеидба, кога средствата за нејзина реализација се крајно неопходни и кое било задоцнување во набавките се одразува на квалитетот на идното производство следната година.
„Потенцираме дека поради ваквото непрофесионално и неодговорно работење ние и оваа година 2023 повторно трпиме големи штети“, апелираат од ЗК Пелагонија.