понеделник, 6 јануари 2025

Зимско бетонирање за автопатот до Букојчани

Наизглед и од далеку малку може да се забележи што се одвива на најголемото градилиште во земјава. Над илјада и петстотини вработени секојдневно и во зимски услови се на терен. Работат засилено на пробивање на делницата од автопатот од Гостивар до кичевското село Букојчане, која е дел од Коридорот 8, а на која работи конзорциумот „Бехтел и Енка“.

Објавено на

часот

Сподели

МИА помина еден ден на градилиштето каде можеше одблизу да види како се одвиваат  градежните работи. Со помош на одговорните се запознавме со динамиката на работите и го посетивме таканаречениот „седми километар“ од трасата.

Три мостови на првите километри од автопатот

Нашата теренска експедиција започна од кампот на компанијата којшто се наоѓа непосредно до автопатот Тетово-Гостивар. На самиот влез на пријавницата ги поминавме процедурите за регистрација. Љубезно нé замолија да почекаме во една од бараките каде требаше да ја поминеме безбедносната обука. Таа е задолжителна како за вработените, така и за посетиелите. По дваесетминутната презентација за мерките за заштита и насоките за движење низ градилиштето, со заштитни шлемови, очила и елеци стигнавме до мостот над Вардар каде се градат бетонски столбови кои ќе го носат еден од поголемите мостови.

Со нас во комбето беа и нашите домаќини Зарче Чочороски, теренски инженер и одговорната за односи со јавност Даниела Милошевска. Токму тука на градилиштето каде што се издигаат бетонски столбови ќе има мост кој води до ридот на селото Горна Бањица. На оваа локација неодамна беше и владина делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски кој тогаш најави дека работите на оваа делница ќе се интензивираат. Ни се придружи и надзорникот на теренските работи Џозеф Чуа. Овој 35-годишен канаѓанец од Ванкувер ни објасни дека во моментот се градат два моста, еден на петтиот и на седмиот километар. За кратко време се очекува да почне да се работи и на мостот на осмиот километар чија висина треба да достигне 40 метри. Заинтересирани бевме како се одвиваат работите и каков е напредокот. Тој прецизно, инженерски ја опиша работата, бидејќи, како што напомна, работат на однапред определни траси или делници.

„Тоа е мошне широко прашање, бидејќи тешко се доаѓа до збирните проценти. Во суштина, сега сме на делница 2, проектот има четири делници. Делница 1 и делница 2 се поврзуваат тука, сега сме на делница 2, делница 4 е на различен дел, Прилеп-Битола. Во моментов сме на 7-от километар од делница 2 и сега се одвива работата на мост бр. 7 зад мене. Во однос на активностите, се вршат земјени работи, се ископува материјал за градење на пониските делници, зад мене се вршат бетонски работи на кои ќе се кренат мостовите, а се изведуваат и заштитни работи за свлечиштата, бидејќи се отсекуваат делови од планините, бидејќи како што реков, автопатите значат исполнување на подолните зони, но кај планинските зони имаме изградба на мостови, бидејќи не може само да се пополнуваат“, појаснува Чуа.

Првата фаза од изградбата е најтешка

Додека патуваме до следната точка, Зарче Чочоровски нé запознава со некои карактеристики на ова градилиште. Тој ни појасни дека во моментов е ангажирана тешка и моќна механизација. Со педесетина повеќетонски камиони, ископаниот материјал од планината се пренесува на други места каде е потребно да се подигне нивото и да се порамни теренот. Овој градежник со тридецениско искуство вели дека ова е огромен зафат и предизвик за инженерите. На ова градилиште има една особена постројка, која како што вели овозможува непрекинат тек на работите и во зимски услови.

„На ридот близу Горна Бањица има „бетоњерка“ со топла вода и подготвува бетон за мостовите. На тој начин може да се врши зимско бетонирање и кога надворешната температура е под нулата и водата замрзнува. Тоа ни помага да работиме во услови кога на други градилишта работата стои“, вели Чочоровски.

Тој како и Чуа посочуваат дека најголемиот дел од работите засега не е „видлив“, иако се работи интензивно. Последната фаза ќе биде асфалтирањето.

Интересен е и податокот дека на ова градилиште покрај мажи, ангажирани се и жени. Две жени рамноправно работат со колегите инженери, а има и жени кои управуваат со камиони. Комуникацијата на градилиштето се одвива на англиски меѓу 1.500 луѓе колку што досега се работно ангажирани. Оваа бројка постојано се зголемува. До скоро бројката на вработени беше 1.100, а останатите се надворешни поединци и фирми кооперанти.

Соработка и добрососедски односи со локалните жители

Додека ја бележиме раздвиженоста на Коридорот 8, поточно во делот од Гостивар до Букојчани, прашавме и за соработката и со месното население. Џозеф Чуа вели дека од „Бехтел и Енка“ многу внимаваат на околината каде што се гради и ги информираат локалните жители за работите. Тој е во земјаваа веќе две години и за него тоа е предизвик, бидејќи добрососедските односи се важна алка во целиот овој проект.

„Во однос на предизвиците, интегрирани сме со заедницата. Лево од мене гледате дека имаме локална заедница, освен тоа што градиме мостови, мора да бидеме и добри соседи. Треба да градиме мостови веднаш до нивното живеалиште и интеграцијата меѓу нас е секогаш предизвик. Работиме на тоа посветено и мора да замислиме како им е ним. Замислете некој да гради пат веднаш до вашата куќа, сакате тоа да се заврши, но сакате тоа да биде со минимално влијание врз вашиот дом. Комуникацијата ни помага многу, имаме цел оддел којшто работи на тоа сите да бидат задоволни, бидејќи правиме промена во заедниците на Северна Македонија, но мора и ние да бидеме добри соседи и да имаме добра комуникација со заедниците. Ако сметаат дека нешто не е во ред, ние ги охрабруваме да нé контактираат, да ги дадат нивните предлози, бидејќи сите сме една заедница. Да, ние сме градежна компанија, но тука сме како една заедница, за тоа сме тука, да го направиме нивниот живот подобар“, вели Џозеф Чуа.

Одговорната за односи со јавност од „Бехтел и Енка“ дополнува дека во периодот откако започале да работат во земјава, во неколку наврати се ставиле во функција и помагале при гаснење на шумски пожари, расчистување на депонии… Последен пат нивната механизација помагала и во чистењето на снегот по магистралата кон Кичево и на локалните патишта во мавровскиот регион. Тоа, како што посочува, е дел од политиката на конзорциумот и ги прави општествено одговорни.

Коридорот 8 е долг 110 километри. Тој е поделен на четири делници. Првата делница Тетово-Гостивар, втората делница Гостивар-Букојчани, третата е делот Прилеп-Битола и четвртата делница Струга-Ќафасан. Според договорот вреден 1,3 милијарди евра, американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ треба да ги заврши коридорите во рок од четири години и седум месеци.

МИА

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ