сабота, 27 јули 2024

Жителите на Речица не ги сакаат угинатите свињи во нивниот атар

Жителите на кумановското село Речица веќе неколку дена протестираат против одлуката на надлежните институции угинатите свињи од африканска чума да се закопуваат во близина на нивното село, поточно на земјиште до спортскиот аеродром Аџитепе.

Објавено на

часот

Сподели

Тие бараат угинатиот добиток да се носи на депонијата Дрисла во Скопје или на локација која нема да го загрозува здравјето и животната средина на граѓаните на Куманово.

„Ова не е само наш проблем, ова е проблем на цело Куманово. Сите граѓани треба да излезат на протест и да го спречат оваа дивеење на поединци. Го усмрдеа целиот град не само селата. Не знаеме кој го донел ова решение ама тоа е надвор од здрав разум. Како можат да закопуваат угинат добиток во непосредна близина на првите куќи во населбата Долно Конјаре, веднаш оттука почнува нашите имот. Камионите со угинатата стока поминуваат низ нашите ниви, низ нашите патишта, од нив тече крв. Имаме слики, имаме снимки. Срамота е ова што се прави. Каде се првите луѓе на општината и на државата да ги бранат нашите интереси“, велат револтираните жители, кои вчера го блокираа патот кон Аџитепе и не дозволуваа да излезе колоната на возила и багери, кои се враќаа по извршенато закопување.

Откако жителите не дозволија колоната да помине, 4 лица биле приведени.

„Полициски службеници од СВР Куманово, постапувајќи по барање на АХВ за непречено спроведување на заклучоци од кризниот штаб на Општина Куманово, за итно нештетно отстранување на мрши од свињи угинати од африканска свинска чума, во село Речица привеле четири лица, затоа што физички нападнале полициски службеници, од кои двајца се повредени. По целосно документирање на случајот против сторителите ќе следуваат соодветни пријави“, информираше полицијата.

Жителите најавуваат дека ќе продолжат со протестите додека не се повлече одлуката.

Проблемот во селото Речица настана откако пред неколку дена на фарма во селото Тромеѓа е откриена свинска чума.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) велат дека тие немаат сознанија зошто се бунат жителите на кумановското село Речица, бидејќи, инспекциските служби на АХВ воопшто немаат активности таму, туку на локација во селото Режановце, која ја одредила општината.

„Закопувањето на угинатите животни од афиканска чума кај свињите и депопулираните свињи од фармата во село Тромеѓа, каде неодамна од оваа болест, од 660 животни угинаа 60 свињи се врши на локација во село Режановце која за оваа намена е одредена од страна на локалната самоуправа“, соопшти вчера АХВ.

Општина Куманово нема стандардизирана депонија за угинати животни. Во услови на појава на болест како што е африканската чума кај свињите, локалната самоуправа (општината) има законска обврска да обезбеди локација за јама, најблиску до жариштето, во која ќе бидат закопани еутаназираните животни кои до таму се носат под надзор на официјален ветеринар.

Во просториите на Општина Куманово вчера се одржа состанок на Општинскиот штаб за заштита и спасување, на која било побарано сите надлежни органи да постапат во согласност со своите надлежности и овластувања, да се почитуваат сите мерки за спречување и сузбивање на ширење на болеста.

„АХВ да ги преземе сите потребни заштитни мерки при транспорт од жариштето на болеста до утврдената локација за закоп на угинати свињи и да постапува согласно своите протоколи за работа при вршење на закопот. Општина Куманово, преку јавните претпријатија да пружи целосна логистичка поддршка во однос на обезбедување на механизација потребна за спроведување на постапките од страна на АХВ. Да се зајакне комуникацијата помеѓу државните институции АХВ и МВР – СВР Куманово, во однос на обезбедување на непречено одвивање на активностите. Локациите кои беа посочени од АХВ како соодветни за закоп на угинати и убиени животни согласно нивните важечки правилници, а за кои Општина Куманово достави барање за мислење до надлежни институции и доби позитивно мислење од Агенција за храна и ветеринарство, да се користат за закоп на угинати животни. МВР – СВР Куманово да пружи целосна асистенција при спроведување на активностите за закоп на угинати животни“, стои во препораките.

Вчера АХВ потврди дека во кумановско повторно е регистрирана болеста африканска чума кај свињи. Лабораториските наоди од Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје покажаа присуство на болеста африканска чума кај свињите во одгледувалиште во село Тромеѓа. Во ова село и во населбата Карпош е заштитна зона во радиус од три километри, додека во повеќе села во радиус од десет километри, Карабичане, Табановце, Четирице, Горно Коњаре, Долно Коњаре, Речица, Режановце, Лопате, Бедиње, Клечовце, Проевце, Љубодраг, Шупљи Камен, Черкези, Зубовце, Романовце, Бељановце, Доброшане и градот Куманово во Општина Куманово, Старо Нагоричане, Младо Нагоричане и Никуљане во општина Старо Нагоричане, Ваксинце и Опае во Општина Липково, е зона под надзор.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ