петок, 18 октомври 2024

Жилав отпор на ватерполистите против Унгарците

Објавено на

часот

Сподели

Ватерполистите го поправија впечатокот на ЕП откако разочарувачки одиграа против Грција пред два дена, па против деветкратниот олимписки и 12-кратен европски првак, во три четвртини ги намачивме големите Унгарци, предводени од легендарните Киш и Кашаш.

Вторпат ги намачивме Унгарците, откако и на ЕП во Загреб пред две години Унгарија победи со 10-7 по голема борба, и тоа во последната четвртина. И сега по три четвртини Унгарија не беше сигурна, па само грешките во последниот период им овозможија да се одлепат на сигурно и да слават дури и преубедливо.

Македонија тргна лошо на мечот, па по две и пол минути имаше негатива од 0-3. Урош Калиниќ и Мирослав Ранџиќ ја вратија нашата репрезентација во игра, а Ранџиќ немаше среќа да израмни пред крајот. Ја погоди стативата, кога веќе гостинскиот голман беше совладан. Казната стигна преку Денис Варга за 2-4 по 8 минути.

Следеше најубавата, но и најизрамнета четвртина. По четири гола на двете страни, многу акции, добри одбрани, голови. Саша Мишиќ, Игор Кречковиќ, Благое Ивовиќ и Борис Летица беа стрелци и ја одржаа Македонија на минус два до полувреме, 6-8.

Третата четвртина почна без гол во првите три минути, но и со наш голем проблем. Ватерполистите повторно ја покажаа старата болка, да не реализираат акции со играч повеќе, а некаде на три минути до крајот Македонија имаше шанса и за гол-негатива. Калиниќ ја одржуваше разликата, но примивме гол, по голема судиска грешка откако Харај погоди со прекршок во напад врз голманот Далибор Перчиниќ.

Сепак, Македонија продолжи да се бори, па најмладиот наш играч Димитар Димовски одигра фантастична одбрана на центар, па сам во контра од гол на гол погоди за 8-10, што беше последен пат да имаме негатива од два гола. Тогаш Унгарците „додадоа гас“, па Мадараш, Кашаш, Варга и Бирош погодија набрзина, по серијата грешки, и со тоа си ја направија полесна завршницата од мечот.

До крајот Даниел Бениќ само намали на минус пет за конечни 9-14. По ваквата игра против најтрофејната ватерполо-нација, македонските ватерполисти треба да жалат што одиграа најлошо кога беше најпотребно, против Грција.

Унгарија со три победи е прва во групата, ние остануваме четврти со скор од една победа и два порази.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ