Судири меѓу демонстрантите и полицијата се случија за време на 24-часовните демонстрации низ Грција, каде што некои граѓани бараат кривично гонење на одговорните за железничката несреќа во земјата во февруари пред две години.
На втората годишнина од трагедијата, во која загинаа 57 лица, денеска во Атина избувнаа немири откако им оддадоа почит на жртвите, додека маскирани лица фрлаа камења и молотови коктели јуришајќи на барикадите пред зградата на Парламентот, на што полицијата одговори со употреба на солзавец, објави Ројтерс.


Меѓународните и домашните летови беа прекинати поради штрајк на контролорите на летање, кои им се придружија на морнарите, машиновозачите, лекарите, адвокатите и наставниците во еднодневниот генерален штрајк за да им оддадат почит на жртвите од несреќата. Претпријатијата и културните институции се затворени. Затворени се локалите низ целата земја, театрите ги откажаа претставите, а уште во раните утрински часови илјадници луѓе почнаа да се собираат на централниот плоштад Синтагма во главниот град под надзор на полицијата. На еден од транспарентите пишуваше: „Влада убиец“.
„Владата не направи ништо за да ја истера правдата“, рече 57-годишниот музичар Кристос Маин на протестот во Атина. „Тоа не беше несреќа, тоа беше убиство“, додаде тој.
ГСЕЕ, најголемиот синдикат на приватниот сектор, повика на штрајк за, како што рече, да се спроведе владеењето на правото.
На 28 февруари 2023 година патнички воз се судри со товарен воз во близина на клисурата Темпи во централна Грција, а неодамна објавените аудиоснимки покажаа дека околу 30 патници што го преживеале судирот подоцна починале од задушување или изгореници.
Како што пренесува Ројтерс, две години подоцна, судската истрага не е завршена и никој не е осуден за несреќата. Резултатите од истрагата објавени на 27 февруари покажаа дека седум лица загинаа во пожар што избувна по судирот на возовите.
Десничарската влада на премиерот Киријакос Мицотакис, која беше реизбрана по катастрофата во 2023 година, се соочува со критики од роднините на жртвите, кои бараат парламентарна истрага за политичка одговорност.

Грчката влада ги негира своите пропусти и наведува дека судството треба да ја истражи несреќата.
На протестите во петокот многу ученици отидоа на училиште облечени во црно, симбол на жалост, додека некои носеа црни балони. Демонстрантите во Атина со црвена боја ги напишаа имињата на загинатите пред зградата на Парламентот. Демонстрантка што се претстави како Еви рече дека дошла да ги оплакува мртвите, „но и затоа што владата се обиде да ги прикрие работите“.

Од предградијата на Атина луѓе од сите возрасти се упатија кон центарот со транспаренти на кои пишуваше „Немам кислород“, слоган на протестите заснован на последните зборови на жена што ги кажала во повик до службите за итни случаи.
„Секојдневно пред нас се појавува чудовиштето на корумпираната моќ“, изјави пред насобраните во Атина Марија Каристијану, чија ќерка загина во железничката несреќа.
На еден од транспарентите што ги држеа демонстрантите во Атина пишуваше „Грција ги убива своите деца“.
Премиерот Мицотакис на денеска најави дека владата ќе работи на модернизирање на железничката мрежа и ќе ја направи побезбедна.


Опозициските партии ја обвинија владата дека прикрива докази и ја повикаа да поднесе оставка.
Анкетата на Пулс покажа дека 66 отсто се незадоволни од истрагата за несреќата.
Ројтерс јавува дека се очекува следната недела парламентот да расправа за можното формирање комисија што ќе ја испита можната политичка одговорност за железничката несреќа.
