петок, 26 јули 2024

Жените поретко предизвикуваат сообраќајни незгоди, велат од РСБСП

Генерално, жените возат одговорно и поретко предизвикуваат сообраќајни незгоди, но почесто тие се повредени лица во несреќи, велат од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот и на патиштата (РСБСП).

Фото: МВР

Објавено на

часот

Сподели

Жените се рамноправни учесници во сообраќајот на патиштата и како пешаци и како возачи. Повеќе истражувања укажуваат дека тие имаат одлични компетенции за управување со моторно возило, дека возат внимателно, паркираат совесно и ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, а се истакнуваат и со способноста за планирање на патувањата земајќи предвид бројни околности што можат да влијаат врз безбедното возење, велат од РСБСП.

Но, и покрај бројните примери за жени кои се успешни во сите сфери на општественото живеење, дел од жените-возачи се чувствуваат несигурни во сообраќајот. Ова пред сѐ се однесува на ситуации во врска со одржувањето на возилото во исправна состојба, несакани дефекти за време на возењето, личната безбедност и сл.

Според податоците од статистиката, како што понатаму наведуваат од РСБСП, жените возат одговорно и ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, па оттаму не зачудува податокот дека тие поретко предизвикуваат сообраќајни незгоди. Интересно е и тоа што жените-возачи поретко практикуваат брзо возење, нагло забрзување или возење под дејство на алкохол.

Сепак, и покрај ова, статистиката покажува дека значително е поголема веројатноста жените да бидат повредени во сообраќајни незгоди. Затоа РСБСП повикува на внимателност кај секој учесник во сообраќајот, а во пресрет на празникот 8 Март на жените-возачи им препорачува:

  • да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи,
  • да се грижат за сите учесници во сообраќајот,
  • почесто да ја проверуваат исправноста на возилото,
  • да бидат пример за издигнување на безбедноста во сообраќајот на повисоко ниво.

„Возете одговорно и безбедно, за вас и за вашите најблиски. Покажете дека сте успешни во семејството, на работно место и во сообраќајот на патиштата. Честит 8 Март!“, вели претседателката на РСБСП Гордана Кожуваровска.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ